Ивана Мазнејкова, виртуоз на пијано: Досега сум добитник на различни признанија, но секогаш најдраги се оние кои доаѓаат од средината од која што потекнувам
Ако бараме пример за мислата „Светско, а наше“ тогаш токму таа е вистинскиот пример за тоа. На само 3 години имала јавен настап пред публика, целото нејзино детство свирела и настапувала пред светски вируози на пијано и се претставила во најразлични земји. Основното и средното музичко образование го завршила забрзано и на нејзини 17 години се запишала на Конзерваториумот за музика и танц при Универзитетот за уметности во Ротердам, Кралството Холандија.
Оваа учебна година 2024/2025 година ја следи академската настава во втората година од нејзините студии и има како што истакна поприлично набиена агенда на концерти, предавања, мастер-класови итн. За слободно време кое ѝ останува малку вели го разделува за пријатели, работа со ученици, патувања, посета на настани, изложби, театар... „Училиштето бара многу работа, но се трудам да имам добар баланс помеѓу студиите и мојот приватен живот“, вели младата, талентирана и многу успешна пијанистка Ивана Мазнејкова, која родум е од Струмица. Токму од нејзиниот роден град минатата 2024 година ја доби наградата која ја доделува општина Струмица - Годишната награда за особен придонес во областа на културата и уметноста, за 2024 година. Токму за тоа таа вели:
- Оваа награда ја доживувам како признание за мојот повеќегодишен труд, посветеност и љубов кон музиката. На нејзе не гледам како на свој личен успех, туку ја поимам како должност и мотив да продолжам да се развивам и усовршувам и како личност, и како уметник, но и истовремено ме охрабрува и ми потврдува дека сум го одбрала вистинскиот пат кој ми овозможува да ја претставувам македонската уметност и култура надвор од Македонија.
* Како струмичанка дали ви е посебно драго што вашиот град ви го додели тоа големо признание?
- Да, особено сум почестена што мојот роден град, Струмица, ми го додели ова исклучително значајно признание. Досега сум добитник на различни признанија, но секогаш најдраги се оние кои доаѓаат од средината од која што потекнувам. Струмица секогаш била важен дел од мојата лична и уметничка приказна, на сите мои досегашни патувања и настапи го ширам добриот глас за мојот град и ова признание ја прави мојата врска со градот уште посилна.
* По што ќе ја паметите изминатата 2024 година, кои награди ги добивте (а секоја година ги нижете наградите и признанијата) и кој ваш настап би ги издвоиле?
- Годинава што измина, за мене, беше прекрасна, исполнета со многу доживувања и убави настани на професионален план. 2024та ќе ја паметам по настапот на светски реномираниот фестивал „Охридско лето“, на кој јас и мојата сестра, Ана Мазнејкова, бевме поканети да одржиме полурецитали. На овој настан му претходеше настапот на "Holland Festival”, тоа е најголемиот, најстариот и најзначајниот фестивал за класични и современи уметности, кој се одржува во Амстердам, и кој опфаќа музика, современ танц, опера, театар, визуелни уметности, мултимедија и архитектура. Јас бев одбрана по пат на селекција, заедно со 50 пијанисти и бев вклучена во изведбата на дело од современ автор. Делото покрај пијанисти вклучуваше и оркестар, во случајот тоа беше оркестар од Виена. Според концептот перформансот ја поставуваше публиката во фокусот, при што таа беше опкружена од музичарите. Тоа беше прекрасно музичко и изведувачко доживување, нешто ново за мене а беше и одлична можност да запознаам нови луѓе.
* Вие од ваши 3 години, но и целиот ваш живот сте опкружени со музика, бидејќи и двајцата ваши родители се професори во основното музичко училиште „Боро Џони“ во Струмица. Па ќе ни откриете ли како се роди во Вас љубовта кон пијаното, кон класичната музика?
-Па, според ова што и самите го кажавте преостанува да се согласиме дека љубовта кон музиката во мене е родена уште пред и јас самата да се родам, заради животниот стил на моите родители. Тие и двајцата се професори по пијано, најпрвин во средното музичко училиште во Штип, а сега во основното музичко училиште во Струмица. А, ако треба да кажам кога одлучив музиката да биде мојата животна определба, тогаш, да бидам искрена, не знам... Слушав музика од моите родители уште од најмала возраст, а за прв пат настапив на само три години. На почетокот беше повеќе како игра, си свирев заради забава, a подоцна стануваше сѐ посериозно и почнав да се гледам себе во музиката. Веројатно тогаш одлучив да го продолжам образованието, па и студиите во оваа област.
*Кој е ваш идол?
- Мој идол е мојата професорка по пијано во Холандија, маестра Нино Гветадзе. Таа е вистинска ризница на знаење, со мајчинско срце и грижа за сите студенти и ни отвара врати за иднината. Нејзиното минато е слично со моето и тоа не само што ме поврзува со неа, туку и ми дава мотивација знаејќи колку таа има достигнато. Најубав дел од последната година ми е свирењето заедно за време на часовите, навистина е престиж кога сме на двете пијана и свириме концерт, четирирачно или импровизации.
* Кој настан на кој сте свиреле досега ви е да кажеме најдраг, оној кој ви останал врежан за срце и кој ќе го паметите цел живот?
-Уште од самиот почеток, јас сериозно се поставував при секој настап, започнувајќи од подготовките, па се‘ до добивањето на крајниот резултат и поради тоа не е лесно да се издвои еден настан кој ми е најдраг. Бескрајно се радував кога го освоив кристалниот медал од натпреварот во Милано, или кога ја освоив единствената прва награда во Рига, во конкуренција на учесници од московската академија "Гнесин", на полурециталот на националниот фестивал "Денови на македонска музика", на праизведбата на делата на македонската композиторка Ана Пандевска, на настапот на манифестацијата "Виртуози" и уште на безброј драги музички моменти. Но ете, би го издвоила настапот со Македонската Филхармонија, во 2023 година, на кој како солисти со сестра ми го изведовме делото „Карневал на животните“ од Сен-Санс. Билетите беа веднаш распродадени, па одржавме два концерти во два дена за полна сала публика. Овој настап имаше голема улога во мојот живот бидејќи се поврзав со сестра ми на сосема друг начин, и беше многу интересно да создаваме уметност заедно.
* Ја споменавте и вашата сестра Ана која исто така свири на пијано. Дали вашите разговори најчесто се поврзани со музиката, или разговарате на секакви теми? Како ваша помала сестра ве прашала ли за совет каде таа да го продолжи своето образование, на што да внимава и слично?
- Нашите разговори најчесто не се поврзани со музика. Музиката опфаќа голем дел од нашите животи, но не е единствениот. Се разбира, разговараме за нејзината иднина, но и за се‘ друго за кое разговараат две сестри. Како нејзина постара сестра секогаш сум тука и сега и во иднина за сѐ што ќе и затреба. Таа ја има истата животна цел, прекрасно музички се развива, но чекори создајќи си сопствени патеки, затоа што во музиката, а и за сѐ во животот најважна е индивидуалноста.
* Што си посакувате за новата 2025 година. Кои ви се плановите?
- Оваа година ќе продолжам посветено да работам на себеразвојот знаејќи дека од тоа ми зависат и бројот и квалитетот на настапите. Се надевам дека ќе ми се отворат уште многу други можности. Би сакала уште подобро да ја запознаам културата овде во Холандија, да запознаам нови луѓе и да ги продлабочам контактите со луѓето кои веќе се дел од мојот живот и кои ме прават подобра личност и ги имаат истите вредности и животни предизвици. Се разбира најголема желба ми е да продолжам да ја градам мојата кариера, не заборавајќи ги корените.
Наталија Миланова
ГАЛЕРИЈА: