Македонци по 10-ти пат ја дочекаа Нова година на грчкиот остров Егина- само од една причина

Добивај вести на Viber

Марија, Жаклина, Кристина и Никола се православни христијани а нивното патување на грчкиот остров Егина за Нова година има духовна нота. Од островот се вратија со мир во душата и радост во срцето.

-На Егина доаѓаме повеќе од 10 години со цел да земеме Благослов од Св.Нектариј Егински Митрополит Пентаполски и Егински Чудотворец за годината која што следи. Нашето доаѓање на овој остров не е поврзано со славењето на Новата година. Ние како православни христијани Новата година ја славиме на денот на Св.Василиј - Василица. Ова наше патување има голема духовна нота. Островот Егина изобилува со цркви и манастири, во кои како светилници светат свети мошти на повеќе Светители: Св.Екатерина, Св.Мина, Св.Јероним, како и чудотворната Икона на Пресвета Богородица и на Св.Спиридон, преку кој се излива дожд на благослови и исцеленија, на сите кои со вера и љубов пристапуваат – велат тие и дополнуваат дека на целиот остров се чувствува голема благодат, смирение и радост.

- Си заминуваме исполнети со љубов, радост во срцето и мир во душата и се чувствуваме заштитени и закрилени од Светителите кои се застапуваат за нас пред Нашиот Господ Исус Христос. До следната средба со Светителите. Во Слава Божја. Островот го посетуваме неколкупати и во текот на годината кога имаме можност – велат Марија, Жаклина, Кристина и Никола ( презимињата се познати на редакцијата н.з) за кои најбитно им беше да ја откријат духовната порака од островот.

С.А.Н

Галерија: