На делењето на бадниковото лепче и ние големите се претвораме во деца: Празнично интервју со Стојан Трпчевски

Добивај вести на Viber

Неговиот глас е препознатлив, а и ставот кој со години го краси екранот на Македонската Радио Телевизија. Новинарот Стојан Трпчевски специјално за Женски магазин и покрај бројните работни обврски во предновогодишното еуфорично лудило не испочитува и одговори на нашите прашања.

25 години е новинар и ги пренесува информациите до граѓаните, беше дел од повеќе медиумски куќи како ТВ Канал 5, ТВ Алсат М, а веќе 9 години е уредник на информативната програма на првиот јавен сервис на Националната телевизија. Зад себе има голем број на емисии и одлични дебатни расправи на кои биле присутни наши познати политичари, но и светски дипломати.

Сопруг е на професорката на Економскиот факултет при УКИМ, Катерина Тошевска-Трпчевска, татко на гимназијалката Јана и шестоодделенецот Стефан.

За себе вели дека е љубител на музиката, на фудбалот, патувањата, но пред се‘ на забавите и дружењето со семејството и неговите најблиски пријатели и другари.

Новогодишната ноќ ја поминал во друштво со дел од семејството во семејната куќа на другар од детството, за Коледе како што откри веќе биле подготвени коледарските пакетчиња за коледарчињата, а Бадник и Божиќ за него се денови за празнување и песна.

*Што ви ја одбележа изминатата 2024, по што ќе ја запаметите?

- Убава година, и на приватен и на професионален план. Семејното време го искористивме за патувања на повеќе дестинации. Некои ги повторивме, некои ги откривме. Ако треба да издвојам неколку, тоа се бањите во Сегедин и прошетката во Будимпешта во Унгарија, летниот одмор во Лорет де Мар и прошетката во Барселона во Шпанија и Новогодишниот базар во Краков во Полска. За мене лично, издвојувам два момента. Приватно, изиграв фудбал после долги години. Тимот каде што тренира мојот син организираше натпревар на родители. Професионално, тешка година кога има избори, но сите обврски се завршија. После изборите, благодарение на Кинеското министерство за надворешни работи и Амбасадата на Кина во земјава, имав можност да ја посетам Кина. За време на престојот во Кина, во еден од градовите се погоди и мојот роденден. Го прославив со десетина колеги од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија. Потоа, од  Истокот, се „префрлив“ на Западот, на Самит на НАТО во Соединетите Американски Држави и на 79-тото генерално собрание на Обединетите нации. Доживотни спомени. 

Фотографија од Стојан во студиото на МТВ

Стојан со неговата огромна љубов, музиката

*Како поминавте за Нова година, со кого ја пречекавте 2025 година?

- Новата година ја пречекавме во домашна атмосфера, во домот на наши другари во скопски Хром. Јас, сопругата Катерина и синот Стефан бевме кај нив дома, ќерката Јана веќе неколку години оди на прослава со нејзиното друштво. Е, сега тоа што е интересно за овој другарски состав. И мене и на домаќинот музиката ни е голема љубов. Двајцата свириме и на клавијатури и на гитари. Можеме да свириме и да пееме со часови, тоа сме го провериле на нивната домашна слава. Имаме голем репертоар на македонска народна и забавна музика. Така беше и за Нова Година – песна, вино и уживање.  

*Дали имате некои семејни ритуали кога се во прашање новогодишно-божиќните празници?

- Вообичаено за време на новогодишните и божиќните празници сме во Скопје. Деновите по Нова Година одиме на ручек кај моите родители и кај родителите на мојата сопруга. Така е и за Божиќ. На 9 јануари пак сите доаѓаат кај нас дома на именден кај синот Стефан.  После празниците најчесто одиме на зимување во некој скијачки центар.

Стојан во САД во НАТО

Стојан во Кина слави роденден

Вратата на секој дом треба да отворена за коледарчињата, тие се радост

* Дали го накитивте домот и дали уживате семејно во китењето?

- Да, и веројатно јас сум тој што најмногу ужива во китењето. Оваа година се обидов обврската за китење на новогодишната елка да ја оставам на моите деца поради тоа што морав да одам на новогодишна прослава со другарите од средно училиште. Ја поставив елката на стандардното место во домот, ги извадивме лампионите и од врата на заминување велам – ајде, годинава вие накитете ја елката. Добро – добивам едногласен одговор. Се враќам од прослава, влегувам дома и гледам на елката ставен само врвот и неколку лампиони. Следниот ден на елката и го дадов вистинскиот изглед.

*Како го паметите Скопје низ годините за новогодишно-божиќните празници, во вашите детски денови?

- Скопје бил повесел град, со понасмеани лица. Главни места за новогодишните празници и порано беа плоштадот Македонија, а и Градскиот Трговски Центар. Но, тогаш овие места имаа поинакви лица, поинаква забава, едноставно, поинаков дух. Низ годините денските прослави ги заменија ноќните. Убави се. Ама не залудно се вели дека треба да се прослави најлудата ноќ, а не најлудиот ден. Времињата се менуваат, генерациите се менуваат и кој како милува така може да си ги помине и денот и ноќта. Јас за Нова Година сум ги поминал речиси сите редови – домашна атмосфера, кафуле, ресторан, хотел, Плоштад. Се си има своја убавина. 

Стојан и семејството во Будимпешта

Семејството Трпчевски во Сегедин

* Тешко ли е да си посветен татко и сопруг и уредник на информативната програма на МТВ?

- Кога ова прашање ми го поставуваа порано – одговорот беше, не. Мојата сопруга ја разбира мојата професија иако некогаш не и е сеедно кога пропаѓаат семејни авионски карти и резервации поради промена на планот на работни обврски. Откако станав татко, работните обврски останаа, се зголемија семејните. Но, најголемиот товар сепак остана на сопругата како што се носењето на децата во градинка и на училиште. Ден денес децата знаат да ме прашаат – тато, денеска до вечер си на работа или викендов на работа ли си? Новинарската работа бара голема посветеност. Некогаш кога се подготвувам за дебатни емисии знам да се затворам дома два дена во карантин. Телефонот неуморно ѕвони постојано. Меѓутоа, со добра организација се постигнува се‘. Успевав и ќерка ми да ја носам на часови по пливање, одбојка и танци и син ми на тренинг на кошарка и на фудбал. Натпревари ретко сум пропуштал. Сега откако пораснаа дури има време и за излегување. 

Стојан и син му Стефан заедно играат фудбал (синови и родители)

Семејството Трпчевски во Краков

* Споредете ни го Коледе во Вашето време, и Коледе кое го имаат Вашите деца сега?

- Нема голема разлика. Единствено што порано беа повеќе деца во помалку групи, а сега се помалку деца во повеќе групи. Се радувам што традицијата продолжува. И кога сум бил дете сме пречекувале коледарчиња во нашата куќа, сега коледарчиња доаѓаат и во нашиот дом. Подготвени се пакетчиња со бадникарски подароци. Вратата на секој дом треба да отворена за коледарчињата. Тие се радост. Кога денот почнува со песна цел ден е песна.

* Дали сопругата е задолжена за подготвување на Бадниковата вечера? Кои посни јадења се наоѓаат најчесто на Бадниковата трпеза кај вас?

- Да, сопругата е задолжена за подготвување на Бадниковата вечера. На Бадниковата трпеза задолжителни се лепчето со паричка, посно гравче, посни сарми, риба, костени. Знаеме да испечеме и тиква. Многу е убав мирисот на печена тиква во домот.

Бадник во семејството Трпчевски пред неколку години

Стојан, Катерина, Јана и Стефан Трпчевски во Барселона

* Во некои делови од земјата на Бадник се подготвува бадниково лебче со паричка (к’смет), подготвувате ли и вие?

- Да, без бадниково лепче со паричка не седнуваме на трпеза. Го делиме за нас четворица, едно парче одвојуваме за домот и едно за Господ. На делењето на бадниковото лепче и ние големите се претвораме во деца. И нас сакаме да ни се падне паричето. Секако, се радуваме кај и да се падне.

* Што си посакувате да Ви се оствари во новата 2025 година?

- Сакам пред се‘ да не служи здравје мене и моето семејство. На личен план, како голем вљубеник во музиката, во 2025 година има концерти во близина, на мои омилени пеачи и групи од средношколските денови, сакам да посетиме што повеќе музички настани. Тоа, се разбира, може да се врзе и со семејните патувања. Во последно време ми се роди желбата да возам мотор. На пролет планирам да полагам. На професионален план ќе има многу работа. И 2025 е изборна година. Има локални избори. Информативната програма на Македонската телевизија ќе се подготви се‘ да помине во најдобар ред како што тоа го прави години наназад. 

Стојан во Кина

Трпчевски на одмор во Лорет де Мар 

* Ваша Новогодишна порака?

- Многу почнав да си го почитувам сопственото време и кому и колку ќе одвојам од моето време откако забележав дека тоа влијае на количеството на мојата енергија. Клучни работи кои не можат да се вратат се зборот, шансата и времето. Ова е мојата новогодишна порака – трошете го зборот со луѓе кои ве разбираат и кои ќе ве насмеат, зграпчете ја шансата макар да трае и кратко, тоа никогаш не се знае, секој ден од животот нека биде различен за да може денес да се каже како било вчера зашто утре никој не знае што ќе дојде. И меѓу сите три нешта, уште три љубов, музика и спокој.


Наталија Миланова

ГАЛЕРИЈА: