Празниците со посебна енергија ни ги греат срцата и ни даваат надеж за подобро утре: Празнично со Сашко Митовски, градоначалник на општина Крива Паланка
Три години раководи со општина Крива Паланка. Сопруг е на Маја, и горд родител на три деца кои се труди да ги воспитува на вистинските животни вредности. Тој е млад, докажан и успешен стопанственик, менаџер во приватниот сектор, дипломиран економист.
Годинава што изминува ќе ја памети по големиот број реализирани проекти, а следната посакува здравје, убава мисла и плановите да течат непречено.
Женски магазин празнично, имаше чест да поразговара со човекот кој трета година по ред прави општината да живее радосно за време на најубавите празници, Нова година и Божиќ. Сашко Митовски ни раскажа за празниците во неговиот дом, за љубовта и бракот со сопругата Маја, за тоа какво значење имаат за него Божиќните празници.
Читате во редовите подолу.
ЖМ: Господин Сашко Митовски уште една година е зад нас. Какви предизвици Ви донесе годинава што изминува, на професионално и приватно поле? По што ќе ја памтите 2024-та?
-Годинава изобилуваше со многу нешта кои ќе остават траен белег во мојот живот, на професионален план пред сѐ тоа се големиот број проекти со кои заедно со мојот тим во општината правиме реални позитивни промени во урбаното живеење на градот, со инфраструктурни проекти кои го менуваат ликот на Крива Паланка, како проектот за реконструкција на петте мостови во централното градско подрачје, муралот со автентичен стил и изглед кој го отсликува срцето на градот: култура, традиција, духовност, фолклор, гастрономски уникатен рецепт. Од друга страна, драго ми е што проектите што се реализираа во претходната година, како усвоениот и донесен нов ГУП на Град Крива Паланка, донесе видливи и реални резултати, со првата голема приватна инвестиција по повеќе децении, со зголемени приходи во буџетската каса по основ на даноци и зголемен интерес за изработка на ДУП-ови, а секако, морам да ги споменам и бројните нововедени мерки за различни категории граѓани, за млади, лица во социјален ризик, кои навистина донесоа радост и задоволство кај многу мои сограѓани.
Годинава, дефинитивно ја одбележа манифестацијата „Град на културата“ што Министерството за култура ни ја додели како титула-престолнина на културата за 2024. Оваа година Општина Крива Паланка беше вистинска голема културна сцена кадешто на околу 150 настани организирани во соработка со институциите од културата продефилираа врвни македонски и изведувачи од соседството, музички ѕвезди, актери, уметници од различни бранши со богата програма за сите генерации, посетители од земјава и регионот редовно беа гости на Крива Паланка, а големите концерти беа посетени од нај 20-илјадна публика, така што, навистина оваа манифестација ќе ја одбелжи годината во поновото културно живеење на градот.
И тоа е нешто што не се мери со бројки, ниту има цена, едноставно, е најубавиот, најголемиот фидбек од работата како прв човек во општината, за која јас постојано нагласувам, не е функција, туку е служба на граѓаните, со секојдневна посветеност на моите паланчани. Исто така, 2024-та е година во која се одбележани 3 години од мојот мандат како градоначалник, па сумираните проекти и суми вложени во инфраструктурата, во детска и спортска инфраструктура, во патна...се исто така едни импозантни суми кои ме радуваат и сум горд што имаме што да им кажеме на граѓаните, дека сме тука за нив и тоа го покажуваме и докажуваме на дело.
Морам да споменам дека оваа година, за жал, сепак на приватен план, во моето семејство, во мојот живот донесе една тешка, голема загуба, а тоа е ненадејната смрт на мојот вујко, што верувајте, ме преполови како човек и остана една голема празнина во моето срце.
ЖМ: Управувате со општина Крива Паланка. Еден од најубаво украсените градови за време на празниците. Како изгледа еден Ваш работен ден? Колку сте достапен за граѓаните и по работното време?
-Благодарам за комплиментите на сметка на мојата, нашата Најубава Крива Паланка, навистина со посебна љубов и посветеност го градиме имиџот на општината, препознатлива и по зеленилото и по чистотата, а во последните три години и по најубавото новогодишно украсување и раскошната празнична атмосфера, надополнета со богата програма за сечиј вкус и сите генерации. Ако се земе предвид сето тоа, можете да претпоставите, дека секој мој работен ден е со преполна агенда и со многу силна динамика на работа која трае и пред официјалното работно време, а секако, речиси секојдневно, и по работното време, до доцните часови, кога умеам или да останам до доцна во кабинетот, или, се разбира, да сум на состаноци, поврзани повторно со плановите за проекти и тековни активности во општината, или долги и наброени телефонски разговори.
Тоа по автоматизам подразбира дека сум постојано достапен за граѓаните, постојано сум меѓу нив, иако формалните термини за средби и консултации со граѓани се секој ден, и сабота, јас сум достапен во секое време за сите.
За моите паланчани, за сите соработници, секогаш сум на располагање.
ЖМ: Колку е тешко да се биде посветен сопруг и татко и градоначалник на Крива Паланка?
-Најголемиот дар од Бога, а и најголемото богатство е семејството и јас сум пресреќен и горд што сум родител на три прекрасни деца, ќерката Ања и синовите Игнат и Дамјан. Среќен сум во бракот со мојата сопруга Маја што ме направи горд татко на трите прекрасни сонца кои се наша светлина на секој нов ден и се центарот на нашиот свет.
Морам да признаам дека откако сум градоначалник, по природа на нештата, ни се промени и најмногу почна да трпи семејниот живот, за жал, не ми останува доволно време колку што сакам и колку што треба да се посветам на семејството, но јас умеам да најдам начини да се надомести дел од времето, да одржиме темпо на редови фамилијарни ручеци, моменти во кои ќе поминеме заедно квалитетно време, а не ретко, децата умеат и да ме посетат на работа во мојот кабинет и да ме поздрават, изненадувајќи ме, така што, сето тоа е верувајте, главна артерија на пулсот на животот.
ЖМ: Раскажете ни нешто повеќе за Вашата љубов со сопругата. Кога се запознавте, дали тоа беше љубов на прв поглед?
-Прашувате дали беше љубов на прв поглед, јас би рекол беше и е љубов за цел живот. Би ја опишал оваа љубовна и животна приказна како заедништво во која двајцата се пронајдовме и веднаш беше јасно дека ќе функционираме беспрекорно, што би се рекло, на иста фреквенција, и емоционално и по темперамент. Се радувам што таа љубов низ годините нѐ радува и нас двајцата и успеавме да создадеме прекрасно семејство со три златни деца, кои се наши сонца, ќерката Ања и синовите Игант и Дамјан. И најмногу од сѐ, се радувам што таа љубов е нешто што нѐ држи цврсто, заедно, ги одржуваме најважните вредности во семејството и им ги пренесуваме на децата.
ЖМ: Што е најважно за среќен и хармоничен брак, имате ли рецепт?
-Рецепт, еден и едниствен е љубовта, единственото нешто што кога се споделува, расте...затоа што предизвици во секој и сечиј живот има многу, секојдневно, но кога има љубов и разбирање, сѐ е полесно. Тоа е клучот за среќен и хармоничен живот, да ви бидат срцата полни љубов, а така е и за сѐ- и за семејството и за работата.
ЖМ: Татко сте на три деца, како ги воспитувате?
-Воспитувањето на децата е нешто што е најтешка задача за кој било родител. Јас верувам дека сите вредности кои се трудам да им ги пренесам на моите деца: љубов, разбирање, почит, толеранција, емпатија, поддршка на блиските, меѓусебна почит и благодарност...ќе бидат нивна главна водилка низ животот, затоа што и нам така нѐ учеле и целиот живот се водиме по тие вредности. Ги учам исто и ќерката и двата сина дека вистинските вредности се она што го ценат луѓето, а истовремено се нешто што ни носи и достоинство и кредибилитет. Се надевам дека успевам и ќе го усвојат тоа што заедно со сопругата ги учиме низ секојдневието иако, родителството е навистина комплексно, особено денес, во ерата на наплив на социјалните мрежи што сѐ повеќе ги отуѓуваат луѓето.
ЖМ: Надвор од работните обврски, како ги полните батериите, каде сакате да излегувате, што сакате да правите со семејството?
-Најубаво ми е кога во слободно време, колку што може со сите обврски да се најде, со семејството уживаме во убавините на природата во околината на градот, а тоа е прекрасниот манастирски комплекс св.Јоаким Осоговски, нашиот духовен бисер, на Калин Камен, во пределот на Осоговието за кој работам со мојот тим, да се развие во еден прекрасен туристички-рекреативен центар, во Градец, од кадешто потекнувам и умееме сите заедно да уживаме и возејќи четирицикл. Секако, вистинско уживање ни се миговите заедно на ручек во нашиот Национален ресторан „Воденица 3“, бизнисот што заедно со брат ми го работиме веќе 15 години и пред да бидам градоначалник, беше наше секојдневно место за работа и нешто што ми претставува задоволство да го работам, менаџирајќи, а тука се гледаме многу повеќе и почесто, отколку дома, реално.
ЖМ: Претстои еден од најубавите периоди. Како Вие ќе ги поминете новогодишните и божиќни празници?
-Токму најубавите празнични денови се Новогодишните и Божиќните празници и секогаш ми е најмногу драго што сите слободни моменти кои ги носат овие празници можам заедно да ги поминам во домот, во кругот на семејството со најблиските. Така ќе биде и овојпат, традиција што ја негуваме и продолжува...
ЖМ: Верувате ли во Дедо мраз? Дали знаете да се преправате дека сте Дедо Мраз за да ги изненадите децата? Дали тие пак пишуваат писма до Дедо Мраз?
-Пред празниците и во текот на цела година, редовно сум тој што умее да подари, да изненади, ако ми каже сопругата или ако знам, наслушнам, што им е потребно или желба на кое било од децата или некои блиски. Исто така, умеам и правам често така, да подарам некому-нешто, без повод, како изненадување, така што, тоа ми е некоја моја карактерна особина, што сигурен сум веќе оние што ме познаваат добро, ја знаат најдобро.
ЖМ: Дали ја негувате традицијата за подарување во вашиот дом?
-Да, како што споменав и погоре во одговорот, тоа е нешто што носи радост и навистина и најмалиот некогаш дар, подарок, најмалото внимание укажано некому- вреди злато, повеќе од каков било скап дар.
ЖМ: Божиќ во Вашето време, и Божиќ денес. Што ви недостига од детството поврзано со овој празник?
-Божиќ и Бадник се најубавите празници што носат топлина и прекрасна енергија во домот, што со посебна духовна енергија ни ги греат срцата и ни даваат надеж за подобро утре. Затоа секогаш Божиќ зазема посебно место, јас би рекол, во сечие срце во контекст на најдрагите мигови со најблиските.
Можеби задржаните традиции и традиционални вредности во семејството , како и религиозноста се главен извор на тоа, па речиси и да нема некои значајни разлики во однос на тоа како се празнуваше некогаш овој голем христијански празник во моето семејство и денес. Времињата се променија, можеби таа присутност во моментот е една од разликите кои денес некако, кај помладите генерации, е отсутна или намалена, па, би рекол, тие како и да не се целосно концентрирани понекогаш на она што мигот го носи. Особено што овие празници со мир и спокој, фамилијарни мигови и делење љубов меѓу најблиските, се спомени и богатство за цел живот.
ЖМ: Дали Вашата сопруга е задолжена за подготвување на Бадниковата вечера, колку Вие ѝ помагате?
- Да, во домот се подготвува традиционалната Бадникова трпеза од страна на мојата сопруга, Маја, но во подготовката изминатите неколку години, се радувам што е така, се вклучува и ќерката Ања, учејќи ги традицијата и сѐ што е потребно, а секако, тука сум и јас за да помогнам, како и да ги набавам сите потребни намирници.
ЖМ: Што си посакувате да Ви се оствари во 2025 година?
-Желбата е здравје, пред сѐ, убава и позитивна мисла и секогаш плановите да течат непречено, а се што треба и посакуваме ќе се оствари полесно, доколку ја имаме поддршката и љубовта од блиските, соработката и поддршката, довербата од соработниците...
ЖМ: Ваша Новогодишна порака?
-Пораката што би сакал да се проследи од мое име сигурно е најпрво желба сите да сме здрави и секогаш среќни, но вистински среќни- со исполнети замисли, идеи, планови и проекти.
На младите би им порачал да ги следат своите соништа и никогаш да не се откажуваат од нив.
На моите пријатели, соработници и сограѓани од различни возрасти, ќе им посакам добро здравје, со желби за добра мисла и добри намери при работата, почит кон блиските и сите луѓе, заедно да создаваме услови за заеднички нови успеси со кои ќе креираме прогрес во средината во која твориме и живееме.
Ирена Ставрова
ФОТО: Приватна архива