Ана Бунтеска: Сè што си рековме

Добивај вести на Viber

Ми рече оти друг ќе заљубам

Тогаш кога лисјата ќе пожолтат

Кога тагата црвена боја ќе добие

Како да созреала за да си замини

Ете така ми рече

Дека со некој друг посреќна ќе бидам

И оти со него младоста ќе си ја вратам

Дека само спомен од тебе ќе ми остани

Во кој некогаш душава ќе ми се одмива 

За да блесне, да се исчисти

Ти реков дека друга ќе засакаш

Дека таа дом ќе ти биди

И топлина во него ќе ти стокми

Како чај од нане в зимо утеха кога дава

Дур молчиш покрај разгорено огниште

Ете така ти реков

Дека некоја друга ќе знае поарно од мене

Како до тебе да стаса и таму гнездо да свие

Чунки не е само колку со некој да се најдиш

Туку и да знаеш како со него да останиш

Си рековме оти пишано не ни било

Без кавги и со некоја чудна помиреност

Како завоени страни кои се умориле

И кои во исто време бело знаме кренале

Оти сета борба бесмислена им се сторила

Ете така си рековме

Дека нема каење и вртење назад

Та сите патишта кои заедно ги изодевме

Со есенски лисја ги покривме

Како никојпат чекорот ист да не ни бил

И остај сè што си кажавме

И ти мене 

И јас тебе

Кога ѓаолот мирен не седи

И тебе во главава те пика

А мене во мислите твои ме турка

Та џабе друг и џабе друга

Џабе и спокој привиден

Кога ништо арно не видовме

Од она што си кажавме

Од она што еден со друг се излажавме


За Женски Магазин, Ана Бунтеска