Холанѓаните го ценат сопственото време, средби се договараат еден до два месеци претходно: Парот од Македонија, Кристиан и Моника, раскажуваат за животот во земјата на лалињата

Добивај вести на Viber

Кристиан и Моника од Скопје веќе 4 ипол години живеат во Хаг, Холандија. Нивната љубовна приказна започнала во една теретана во Скопје, а продолжила во европскиот град познат по мирот и правдата.

Патот до таму не бил едноставен. Биле подложени на животни предизвици, но сепак на крајот љубовта победила.

Кристијан сега е сопственик на регрутерска компанија, KMT Solutions, а неговата сопругата директор на оддел за регрутација во регрутерската агенција Charlie works. Заедно со Моника имаат среќен брак и ја имаат нивната ќеркичка, Бисера.

Младиот брачен пар беше расположен да поразговара и со Женски магазин да ги споделат сите предности и недостатоци на животот во Холандија. Општиот впечаток е дека за оваа земја се зборува само во суперлатив …

ЖМ: Што беше причината да заминете да живеете во Холандија?

- Во Холандија заминавме поради работна понуда која ја доби мојата сопруга, во тоа време да работи како регрутер за кадри од висок менаџмент (Executive Search recruitment). Неколку недели по нејзиното заминување, јас и се придружив. Двајцата веднаш ја почувствувавме топлината на градот Хаг и на Холандија и го препознавме својот дом таму.

ЖМ: Навистина ли е толку убава како што многумина тоа го велат?

- Навистина е така. Холандија е пријатна, мирна земја, која, покрај природните убавини со кои опива, особено на пролет, освојува со ред, организираност, и прекрасен work-life баланс.

ЖМ: Како би ги опишале Холанѓаните како народ?

- Холанѓаните се народ кој ужива во едноставните нешта – пикник на плажа, прошетка или возење велосипед со семејството, едноставна храна, едноставна облека, и воспитување во рамки на просечното – за да сите дечиња можат да се вклопат едни со други и да не постојат видливи разлики кои зависат од материјалната состојба на семејството.

Мора да истакнам дека пред сè, се пријателски настроени и отворени спрема сите кои доаѓаме од другите држави и сакаме да градиме живот во Холандија и ни помагаат да се вклопиме лесно во нивното секојдневие. Иако кај нас постои стереотип за луѓето од западна Европа дека се ладен народ кој не е особено дружељубив и комуникативен, кога дојдовме тука се соочивме со сосема друга приказна – рестораните и баровите се полни со луѓе кои уживаат во попладневниот пијалак со пријателите, особено на плажа!

ЖМ: Што за вас претставуваше културен шок кога отидовте да живеете во оваа земја?

- Еден од најголемите културни шокови со кои се соочивме е навиката на Холанѓаните за планирање и организирање на нивното време и активности. Доколку сакате да договорите средба со пријател Холанѓанец, ќе треба однапред, месец или два, да го најавите, и да договорите агенда со точен датум, време и место. Тие го ценат своето време и се поприлично организирани.

Меѓутоа, културниот шок со кој тие се соочија дружејќи се со нас беше нашето искажување љубов преку многу традиционална готвена македонска храна и убаво македонско вино, па мислиме дека го постигнавме балансот (се смее).

ЖМ: Холандија е позната по лалињата, но и по големиот број велосипеди како превозно средство. Навистина ли секаде може да се сретнат лалиња кога им е период на цветање, и колку велосипедот ви е превозно средство за кратки или долги релации?

- Периодот помеѓу март и мај е магичен, особено во нашиот дел од Холандија. Возејќи се, наидувате на бескрајни пространости на полиња во сите бои, со лалиња, зумбули, и нарциси, кои мирисаат опојно. Убавини за сите сетила. Постојат многу отворени и затворени градини кои можат да се посетат за да се ужива во убавината на цвеќињата, и во тој период, а и преку целата година, свежото цвеќе се продава по многу пристапна цена, за да може да го краси секој дом. Пролетта е време во кое секој треба да ја посети Холандија и да ја доживее барем еднаш магијата на цвеќињата.

Велосипедот пак, е дел од културата, кој ако не го поседуваш е исто како да не поседуваш матичен број (се смее). Сета инфраструктура на градовите е направена за најефикасно да се патува со велосипед, и затоа е толку користено превозно средство. Дури има и автопатишта помеѓу градовите конструирани за велосипед, што го прави возможно и стигнувањето од град во град со велосипед. 

Ние пак, најчесто велосипедите ги користиме за уживање во убавините, шумите, цветните полиња, и брегот на Северното море. Го чекаме најмалиот член на нашиот тим да порасне доволно за возење велосипед (нашата Бисера), за да се префрлиме комплетно на користење на ова превозно средство и конечно да кажеме дека целосно сме се вклопиле во средината.

ЖМ: Што би одвоиле како специфична храна за Холандија, што сте ја пробале?

- Холандија е едноставна земја, па така и храната е едноставна. Ќе издвојам три главни јадења кои ја карактеризираат Холандија – компир во секоја приготвена варијанта (нивниот карактеристичен стил на готвење на компирот е подготовка на пире, кое потоа се формира во помфрит), bitterballen или похувани топчиња од мелено телешко месо, и ollieballen или крофни со шеќер во прав, полнети со различни полнења, кои се карактеристични за овој дел од годината, околу Божиќ и Нова година.

ЖМ: Имате сопруга и мала ќеркичка. Како започна вашата љубовна приказна?

- Нашата љубовна приказна започна во теретана во Скопје во време во кое двајцата бевме во топ форма (што веројатно беше магијата) (се смее). Се се случуваше на крајот на 2019 година кога Моника веќе се подготвуваше за преселбата во Холандија. Со доаѓањето на Ковид пандемијата, се одложија нејзините планови – границите се затворија кога таа требаше да се пресели, и остана уште неколку месеци додека можеше повторно да лета. 

Времето работеше во моја полза. Кога Холандија ја отвори границата за европски граѓани и луѓето кои поседуваа работна виза како Моника, се соочивме повторно со предизвик – јас бев оневозможен да одам со неа поради непоседување на виза. Две недели по нејзиното заминување, Холандија одлучи да ги отвори границите за романтичните партнери, и со тоа јас се здобив со можност да одам и бев првиот кој полета со таа дозвола. Две недели по моето пристигнување, ја пречекав Моника клекнат на колено со прстенот кој вешто го криев додека го опремувавме домот. Кажа да! И како што велат, останатото е историја (се смее).

ЖМ: Какви права ужива една жена, мајка во оваа земја?

- Најголемото право со кое една жена се соочува тука е пристапот на еднаквост и тоталното отсуство на родова дискриминација. Како мајка, најголемата привилегија за неа беше пристапот на здравствениот систем кој бременоста ја гледа како нормална состојба, а не како здравствена состојба. Моника беше советувана за време на бременоста да продолжи да го живее животот на ист начин како и до тогаш, во однос на исхрана, вежбање и активности, и тој мајндсет и помогна да има бременост како од книга. Породилното отсуство е навистина кратко, но целиот систем за работа, ослободувања до една година на детето, и систем за грижа за деца на предучилишна возраст е конструиран да и помогне на мајката, која во исто време продолжува со својата кариера, и ја ужива новата животна улога.

ЖМ: Какви се реакциите на луѓето кога ќе кажете дека доаѓате од Македонија?

- Зачудувачки голем број на луѓе знаат за Македонија, ја имаат посетено, знаат за Скопје, за Водно, за Матка, Охрид и Битола, знаат за убавата храна, топлата култура, и прекрасните планини. Оние кои не биле ни бараат да им подготвиме план за посета, бидејќи сето она што им го кажуваме за нашата Македонија им звучи прекрасно и магично. Секоја нивната реакција откако ќе дојдат да ја видат ни ги топли срцата.

ЖМ: Што понуди оваа година Хаг во однос на новогодишните и божиќните празници?

- Хаг нуди премногу можности во секој дел од годината, бидејќи е градот на „мирот и правдата“ и има многу културни знаменитости, но има и плажа на Северното море која е туристичка атракција. Па така и во овој дел од годината не нè остава без магија (може да се забележи дека комплетно сме вљубени во градот). Во овој дел од годината, маркантен е Ројалниот Божиќен маркет, украсениот градски центар и украсените улици, Парадата на пречекување на Дедо Мраз кој дојде од Шпанија преку море заедно со своите помошници и на бел коњ прошета низ градот, а помошниците делеа колачи и мали подароци на реката дечиња кои го чекаа на улиците, и традиционалното капење во Северното море на први јануари на кое учествуваат десетици илјади посетители и се пие греено вино и се ужива во музиката на познатите диџеи. Поставени се повеќе лизгалишта на кои може да се ужива во празничната атмосфера, и се приредуваат спектакли како синхронизирано божиќно осветлување на бродовите на пристаништето.

ЖМ: Што е карактеристично на божиќните маркети, што сè се продава?

- Покрај храната, грееното вино и пиво во изобилие, карактеристично е дека се продаваат работи стари работи и облека. Холанѓаните го негуваат ре-искористувањето на работите, и сметаат дека позначајно да се купи нешто кое е постаро и искористено но од вредност, отколку да се купи ново од продавница. На Божиќните маркети има и многу забава и музика, места за сликање, и делови за забава на најмалите.

ЖМ: Има ли нешто специфично што се прави за Божиќ и Нова година таму, со оглед на тоа дека Божиќ се прославува порано?

- Божиќ во Холандија е семеен празник и се прославува во кругот на најблиското семејство со семејна вечера. За Нова година, пак, има една многу интересна традиција – палење на елката. Сите холанѓани купуваат природни елки кои им ги красат домовите, и точно на полноќ, излегуваат, ја изнесуваат елката и ја палат. Со тоа го означуваат крајот на новогодишните празници. Од неодамна, на плажата Схевенинген во Хаг се организира и групно палење на елките во кој населбите се натпреваруваат во големината на огнот – а општината, контролира можни незгоди по улиците. Совршена солуција.

Габриела Додевска Глигоровска
Фото: Приватна архива