Ана Бунтеска: Срцето не старее
Не сме исти
не сме ич како некогаш
кога со мислите облаци допиравме
и со младоста дрско се гордеевме
на староста како на болест помислувавме
а смртта
таа толку далечна ни беше
небаре векови живи ќе сме
го врвевме нашето
она пишано што ни е
или сами попатно што го пишуваме
туркајќи камења по угорници
танцувајќи со невидена леснотија
пливајќи во матни води
давејќи се во сопствените таги
за во последен миг до воздух да стасаме
и сега еве сме
подостарени во телата
подизбраздени во лицата
со помалку верба во душите
со повеќе страв во очите
и некако подзабораваме какви сме биле
и немаме осет какви ќе сме
скарани за навек со времето
го избегнуваме како стар и зол непријател
кој на гости ни иди со торба полна брчки
со подароци кои не ги сакаме
ама срцата
срцата млади ни остануваат
и чукаат исто
копнежливи уште се
страдни за милување и љубов
со трепет од кој сеедно ти станува
колку ќе наполниш за некој месец
оти срцето не старее
ниту пак години има
и знае до последно да љуби
со истата радост како на младост
како на дете
полно сила и нескротлив вриеж
до последното туп
кога со полни гради ќе ја вдишеш
и за крај со леснотија ќе ја издишеш
љубовта.. љубовта
За Женски магазин, поетесата Ана БунтескаФото: Стојан Стојановски