„Не знам зошто, но ќерка ми ја асоцирам на јадење“: Шеф Дејан Главчев за Женски магзин зборува за готвењето, угостителството и неговиот дом
Според некои истражувања луѓето, од најмали до највозрасни поголемиот дел од своето слободно време го користат за седење, сурфање и читање на интернет. Ако пред некоја година тоа важеше само за помладата популација, тоа сега воопшто не е така и 80 годишни лица се научија и сѐ уште се учат да користат паметни телофони, но и социјални мрежи, па така прелистувајќи по инстаграм не може, а да не го забележите интересниот и шаренолик профил на готвачот Дејан Главчев. Шаренолоик од бои и вкусови подготвени во неговата кујна, местото каде тој ја користи сета креативност и знаење и добива убави, различни, а пред сѐ на вкус одлични јадења.
Овој шеф кој зад себе има 15 години искуство вели дека готвењето е негова пасија уште од неговото детство, обожава да вози велосипед – без разлика на годишното време, сака да чита книги, а во последниот период повеќе е фокусиран на снимање на видеа и едитирање на истите, но како што истакна за Женски магазин тоа е неговиот издувен вентил и ужива додека го прави.
* Колку години сте дел од кулинарскиот свет? Колку и како се менуваа начините на готвење, сервирање на јадењата низ годините?
- Па во кулинарскиот свет сум скоро 15 години, веднаш по завршувањето на училиштето започнав со работа.
Ауу премногу се менува, ми текнува на моите први чинии тоа беше ужас не знам ни самиот шо сум сакал да постигнам. Но многу ми е кејф што е тоа така. Тоа значи дека напредувам, а клучот за успех е да бидеме подобри од вчера.
* Дали е тешко да се работи како шеф и што сѐ е потребно да поседува, да има една личност за да биде успешен готвач?
- Според мене позицијата шеф на кујна е најтешка во угостителството, а за да се биде шеф потребно е најпрвин да се поминат сите скалила на угостителството, сите позиции во кујната, многу треба да се набројува зошто доста захтевна е самата позиција, а таа позиција е ништо без добар тим. Нашата работа е тимска така да сѐ што се работи се работи во тим, но најголемата одговорност ја сноси шефот околу менаџирање, организација итн..
* Кое е ваше омилено јадење, а што најчесто сакате да им зготвите на пријателите и најблиските?
- Омилено јадење… па ако морам да издвојам нека биде тавче гравче со топеница (тоа е стар леб пржен со маст буковец и сирење).
Порано многу сакав да готвам пици, бургери, пасти. Сега некако повеќе сакам да реконструирам наши македонски јадења, нешто slow cook во тој стил.
* Дали и дома редовно готвите, и дали чистите откако ќе зготвите?
Да, дома често готвам секако зависи од времето кое ќе го имам на располагање, но повеќе јас готвам. Е сега околу чистењето - малку болна точка ни е тоа дома, но имаме договор со сопругата јас готвам таа чисти и сите сме среќни(се смее).
Но од друга страна готвач што не е педантен според мене го пропуштил првиот час, така да на работа, а и дома секако треба сѐ да блеска после секој зготвен оброк.
* Извесен период сте активен и на социјалните мрежи. Бара ли многу работа снимањето видеа?
-Мислам дека е индивидуално, се зависи колку самиот ќе се вложиш но со добра организација сѐ се постигнува.
* Ви се промени ли секојдневието откако започнавте поактивно да се бавите со социјалните медиуми?
-Па нешто посебно да ми се смени мислам не нормално повеќе сум зафатен од предходно но како што кажав и предходно со добра организација сѐ се постигнува.
* Што е она кое Вас ве прави среќен?
- Последниов период најсреќен ме прави мојата мала принцеза Ева, кога ќе си дојдам дома и ми вика со радост Дејааан ам ам! (пошто Дејан ме вика не тато, а и не знам зошто ја асоцирам на јадење (се смее)).
Наталија Миланова