„350 колеги, 30 продавници и повеќе од 70.000 лојални корисници- ќе продолжиме да бидеме компанија број 1 во Македонија“: Леонид Антиќ, член на Управен одбор на Fashion Group

Добивај вести на Viber

Компаниите постигнуваат успех благодарение на ресурсите и способностите што ги имаат, а улогата на основачот/менаџерот и неговиот/нејзиниот тим е да ги дефинира/развива и да ги користи во најдобар можен начин, со цел да се постигне успех на пазарот. Многу луѓе веруваат дека идејата е клучот за успехот на бизнисот, а ова е веројатно една од најчестите заблуди поврзани за него. Има мал милион нешта кои ја создаваат целокупната слика за успех...

Fashion Group е една од водечките модни компании кај нас. Дводецениското траење на пазарот е потврда за успехот кој секогаш е во подем. Оваа голема компанија беше меѓу првите во самостојна Македонија која донесе светски познати модни брендови, а нивниот број до денес расте.  

Леонид Антиќ е член на Управен одбор на Fashion Group. Исклучително паметен, со лидерски карактеристики, секојдневно допринесува компанијата да оди чекор напред пред другите. Со него разговараме на многу теми поврзани за бизнисот, за приватноста, за животните предизивици...

ЖМ: Скоро две децении Fashion Group е една од водечките модни компании кај нас и пошироко. На што се должи успехот?

- Во ерата на хипер-конкуренцијата, успехот во корпоративниот свет и долгогодишната оддржливост во истиот се комплексна равенка со многу варијабли, но, верувам дека нашата успешна приказна најчесто се темели на три бедеми.

Првиот, е здравата корпоративна култура која ја дефинира и сочинува човечкиот фактор, нашите беспрекорно лојални и стручни тимови. Повеќе од 350 колеги кои својата работа ја извршуваат со апсолутна професионалност, посветеност и големо задоволство, како и 30 продавници и повеќе од 70.000 лојални корисници. Корпоративна култура која поттикнува работливост, транспарентност во комуникацијата, меритократски евалуации, емпатија, креативност, несебично споделување на корпоративното знаење и искуство, но, и непрестаен стремеж за континуирана надградба и достигнување на нови цели.

Вториот,  е ефикасната организација и контрола на секојдневните оперативни процеси која постојано го следи актуелниот технолошки стандард. Во свет кој е се’ повеќе дигитализиран и се’ побрз, а „retail fashion“ сегментот е олицетворение на овој нов дух. Оперативните одлуки се носат во се’ помал временски рок, податоците се со растечки обем, а барањата на клиентите се поперсонализирани. За да се одговори на овие предизвици, но и за да се следи објективно квалитетот на работата е неопходна адекватна методологија на следење, која секогаш се трудиме да е поддржана од најновите технолошки унапредувања.

Третиот се сите надворешни соработници на Fashion Group групацијата, кои неуморно и долгогодишно ги подржуваат нашите напори, и се сопатници во нашата успешна, 20-годишна приказна.

Трите, се взаемно инклузивни и неопходни. Корпоративната култура е „душата“ на компанијата која е еден збир на одредени колективни вредности кои се негуваат и поттикнуваат. Организацијата и систематизацијата пак, гарантираат одредено ниво на квалитет кое го испорачуваме сите овие години. Надворешните соработници ја комплетираат целокупната слика, надополнувајќи ги нашите капацитети секаде каде што е потребно.

ЖМ: Изминатите години поставивте навистина високи стандарди во retail секторот во Македонија... Како успевате да се задржите на врвот?

- Она што јас сум имал прилика да го посведочам од прва рака е постојан и силен стремеж на сопствениците кои во раните почетоци го предизвикуваат „status quo“-то. Успешното уривање на тогашните стигми дека модната индустрија кај нас нема потреба од развој или дека истиот не може да го издржи (економски/инфраструктурно) е воедно првиот чекор на Fashion Group, но и доказ дека навистина во Македонија оваа индустрија е значајна за популацијата.

Овој „mindset“ го наследуваат сите понатамошни генерации на наши колеги, и истиот се’ уште го материјализираат преку нивната работа. Поставениот стандард е висок, но еднакво е задоволството во работата како и желбата истиот да се задржи, но и надмине.

Секако, како што спомeнав погоре, визиите, идеите и креативниот ентузијазам не се доволни без ефикасна организација на работните процеси, нивното следење и на крај, адекватно уважување на квалитетно изработеното.

ЖМ:  Колку работата во оваа индустрија е предизвик за млад човек како Вас и кои се новитетите што ги внесувате или планирате да ги внесете во однос на работењето?

- Модната индустрија и продажбата се полиња со брзо темпо на работа, се засноваат на креативноста и присутноста. Сметам дека генерално овој „landscape“ е навистина интересен за младите, не само за мене лично, и нуди многу можности и предизвици.

Како што споменав и погоре, последните неколку години бележат значително зголемување на нивото на дигитализација во оваа индустрија, комплексност на податоци, со огромно забрзување на темпото на работа. За Fashion Group, дигитализацијата е добредојдена, овој процес нуди простор за раст, подобрување и олеснување на услугите како и уште поголема транспарентност.

Од овој аспект, најголемиот наш проект сетрите веб сајтови на групацијата меѓу кои: fashiongroup.com.mk, okaidi.com.mk и fashiongroupoutlet.mk. Сајтовите содржат мноштво нови функционалности, налик светски познатите веб продавници, и истите процесираат годишно околу 150,000 пратки, близу 200,000 производи, услужувајќи повеќе од 20,000 регистрирани корисници. Сајтот користи модерни методологии за паметни препораки на артикли, автоматизирано генерирање на мета-дата, комплетно автономно процесирање и ажурирање на нарачки итн.

Дополнително, Fashion Group почнува нов проект на надградба на своите малопродажни системи во кој ќе се работи на прочистување на целокупните дата-бази, се’ со цел истите да се подготват за адекватно процесирање и анализи од страна на „LLM“ и „Generative AI“ модели. Заедно со колегите, будно го следиме овој процес, вложувајќи труд да сме што поблиску до моменталниот технолошки стандард.

Како еден од помладите членови на управата на компанијата, ова е одговорност на која се радувам и ја прифаќам со големо задоволство.

ЖМ: Колку сте задоволни од работењето на компанијата во 2024 година и дали имаше поголеми предизвици со кои се соочивте?

- Изминатата година беше финансиски предизвик за мнозина, благата економска стабилизација го ублажи ефектот на неколку последователно кризни години, кои навистина беа предизвик за сите индустрии, вклучувајќи ја и нашата.

Но, како и во секој друг предизвик, за нас ова беше можност да го искористиме 20 годишното искуство да понудиме комбинација на добра цена, корисничко искуство и внимателно одбрана понуда која е во согласност со побарувањата на клиентите и моменталните услови.

Се надевам дека ова целокупно шопинг искуство успешно го остваривме, затоа што истото е извор на радост и задоволство сите овие изминати години кај нашите клиенти, и воедно, е причината поради која постоиме.

ЖМ: Кои се Вашите планови за 2025-та година? Има ли најава за нов бренд во корпорацијата како „збогатување“ на веќе постоечката палета?

Со новата сезона секогаш доаѓаат и новитети. Во моментов активно ја подготвуваме истата, тимовите напорно работат на исклучителниот избор од понудата на колекциите пролет/лето 2025 -та, нешто за што веруваме дека ќе им се допадне на нашите клиенти.

Напорно работиме и на дигитализација на голем број од постоечките процеси, нешто што верувам дека на нашите тимови ќе им ја олесни работата, а истовремено ќе го оптимизира корисничкото искуство. Во план се повеќе нови функционалности на онлајн платформите, додека за продавниците се анализира можноста за „RFID“ следење на залихите, „click & collect“ опција, како и тестирање за АР и ВР проба на производите.

Во однос на нов бренд за збогатување на постоечкото портфолио, постојат неколку можности кои се во активни преговори, но останува дополнително да ве информираме за истото штом ги имаме деталите.

ЖМ:  Како млад човек во бизнисот и во retail индустријата, веројатно секојдневно се соочувате со бројни предизвици, па понекогаш е потребно и време за себе. Што е она што приватно Ве исполнува?

- Реалниот осврт би бил дека благодарение на навистина извонредниот тим на колеги во компанијата, предизвиците како и да не се чувствуваат, работата е исклучително ефикасна, па со тоа, имам и повеќе од доволно простор за себе.

Времето поминато со најблиските, особено во овој дел од годината е нешто во што верувам дека ужива секој, а за мене лично е неизоставен дел од секојдневната динамика. Дополнително, она слободно време што останува, како долгогодишен спортист го користам за маратонското трчање. Нешто за што уживам да се спремам и преку кое се стекнувам со нова енергија која подоцна ја преточувам во резултати.

ЖМ:  Новогодишните празници се навистина посебни и секогаш имаат некоја магија со себе. Што овие празници претставуваат за вас?

- Празниците за мене се можност да поминеме уште повеќе време со најблиските, да го надоместиме сето она за што можеби сме имале малку помалку можности во текот на годината. Воопшто, не само празниците, туку секој момент поминат со семејството е нешто што исклучително треба да се цени. Генерално овој дел од годината има посебна празнична енергија и радост која се надевам дека ќе ги исполни семејствата на сите наши колеги, соработници, клиенти. Дополнително, овој празничен дел од годината сметам дека треба и несебично да се користи, да биде поттик да ја споделиме својата радост на било каков начин, да направиме едно добро дело повеќе!

ЖМ: Која е пораката што би ја испратиле до лојалните клиенти на Fashion Group?

- Да продолжат да бидат дел од нашето семејство, бидејќи допрва доаѓаат многу новитети на кои напорно работиме и кои знаеме дека ќе им се допаднат.

Она што можам да го потврдам е дека пред нас е уште една интересна сезона, сезона која ќе ја дефинираат нови и уникатни колекции во сите брендови, олеснувања во однос на онлајн купувањето, интересни содржини, исклучителни кампањи, нови соработници, новитети во продавниците.

Мора да продолжат да не’ следат за да се во тек сите актуелности!

ЖМ:  Последно, што за Вас лично е најголем успех, а поврзан со компанијата? На што најмногу се гордеете во изминатите 20 години?

- Веројатно тоа би бил еден од моите први ангажмани во компанијата, проектот поврзан со нашата онлајн продавница www.fashiongroup.com.mk. Тоа е нешто на што сум особено горд и нешто по што секогаш ќе ги паметам моите почетоци, кога заедно со тимот навистина напорно работевме за онлајн продавницата да биде тоа што е денес. Секако, особено сум горд на нашите лојални клиенти кои сме ги задржале, и новите кои ги стекнуваме. Тоа мора да значи дека правиме нешто добро. Во оваа индустрија мора да останеш љубопитен, постојано да си во комуникација со клиентите, да ги дознаеш нивните интереси, да дознаеш каде треба да се поправиш, за да го зголемиш семејството. Тоа е и она што е најважно на крајот. Ние напорно да работиме, а нашите клиенти да ги уживаат резултатите. Она што можам да го ветам е дека како изминатите 20 години, така и следните ќе продолжиме да бидеме компанија број еден во Македонија кога е fashion retail индустријата во прашање и избор број еден на многу семејства!

Небојша Толески