„Во православието има повеќе значења за моето име, Полин значи Дојран“: Интервју со оперската певица Полина Тасева
Има специфично име, иако по професија е оперска певица, актуелна е на македонската поп сцена.
Полина Тасева, оперското пеење го одбрала бидејќи изведувањето на оперските арии кај неа предизвикуваат задоволство, моќ и тоа ја храни нејзината душа.
Успехот на една поп ѕвезда се сведува на талентот, квалитетите кои ги поседува еден пејач, но и малку среќа, вели Полина.
Иако оперското пеење е нејзина професија, Полина полека но сигурно чекори во поп музиката. Има неколку нејзини авторски песни, што покажува дека има желба да успее и во овој жанр на музика.
- Кога по втор пат би имала можност да одберам професија, мојот избор повторно ќе биде оперското пеење. Тоа е мојот домен, мојата сила и сигурност. Кога сум на сцената и изведувам оперски арии, задоволството е непроценливо, моќта е огромна и сето тоа е храна за мојата душа. Оперското пеење е желба која се разви од како влегов во светот на класичната музика од својата најрана возраст. Во исто време посетував часови по балет и одев во нижо музичко. Од шестгодишна возраст класичната музика и сцената ми беа секојдневие. Поттикот за определбата ми беше целиот мој влог во музиката, а поддршката од моите родители ми даваше целосна слобода да станам тоа што сакам да бидам, односно оперска певица. Оперското пеењето само по себе носи огромна тежина, а за слушателите треба да звучи со најголема леснотија. Сето тоа оваа професија ја прави посебна и несекојдневна.
Уште како мала ги практикува двата стила на пеење, но кога пее поп-музика тоа било засебно. Техниката на оперското пеење ја стекнала како посебен стил, без да направи промени во пеењето поп-музика, но и обратно.
- Активноста и вежбањето се клучни, вели Полин.
Иако во моментов пее поп-музика, вели тоа не значи дека нема да го промени жанрот, затоа што ништо не е вечно.
- Го следам патот на работата, вложувањето и успехот. Моментално сум посветена онаму каде што ми се отвориле вратите и притоа ми дале шанса за она што го поседувам и вреди да се искористи. Во иднина ми преостанува да ги исполнам моите соништа.
Талентот треба да се искористи, и од него да се направи бренд и име, но за успешна кариера потребна е малку ѕвездена прашина-среќата.
- Освен што ќе биде талентирана и поседува квалитети, добро е да има среќа. Некој да го процени капацитетот да го искористи тој талент и да создаде бренд и име. Тоа за мене е ѕвезда, впечатлива, постојана и потоа успешна.
Полина настапи на минатогодишниот „Макфест“ со песната „Сцена“, која имаше комплетен изглед, кореографија, модерен ритам и која беше една од впечатливите изведувачи.
- „Сцена“ е дело на Димитар Андоновски. Движењето на ритамот беше заедничка желба и сметавме дека мојот глас со соодветна мелодиска линија добро ќе се вклопи во побрза песна како што е „Сцена“. Баладите исто така ми лежат и сакам да ги пеам. По омилени ми се оние кои имаат рок и соул примеси.
Уникатноста ја има со самото име, а зад името Полина се крие интересна приказна.
- Лично не познавам други со името Полина, но знам дека по тоа што имаат слушнато од моето име и тоа што ме познаваат го имаат ставено на нивните деца. Баш ме радува тоа.
Да, има приказна дури и повеќе значења помеѓу православните народи. Кај нас во Македонија името Полина потекнува од името на градот Полин односно како што го знаеме денес нашиот преубав град Дојран. Дојран е прастара населба која била населена уште од V век пр. н. е.
За време на античкиот период бил познат град тврдина по името Тауријан, а за време на Византискиот период односно во IX век го добил второто име Полин. Со доаѓањето на Турците османлии на овие простори во XIV век го добива третото име Дојран.
Разговорот за Женски магазин со Полина Тасева го продолжуваме на типично женска тема. Изгледнот, како го негува, што користи од козметички производи, како изгледаат дневните ритуали …
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Миење на лицето со ладна вода, поминување на лицето и вратот со коцка мраз, напрскување со течен кислород и оставам течноста сама да се упие. Потоа следат дневен крем на Frezyderm со заштита од сонце и постапката за шминкање доколку излегувам веднаш.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Серуми, витамински масла, кислород во течност и креми. А доброто отстранување на шминката е важен фактор за здрава кожа. За нега на лицето користам маски и пилинзи.
*Посетувате ли козметички салони?
- Посетувам по потреба, по ретко.
*Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Моментално медицински шампон за раст на косата, исто така и спреј за скалпот. Третман маска за коса и Maroccanoil маслени капки кои се феноменални.
*Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Немам нешто посебно што сакам да прикријам, најчесто со пудра налепници го контурирам лицето и на тој начин добивам тоа што сакам да го видам. Соодветен изглед со нежно истакнати оч, и најчесто кафена сјајна сенка и извиткани трепки со маскара. Секогаш нанесувам бронзено руменило и моливче за уста.
*Кои се Вашите омилени козметички производи?
- Омилен козметички производ ми е коректорот за очи на L’Oreal/Infallible. Препорачувам (се смее).
*Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Паричник, сјај за уста, моливче, мат кармин розев, марамчиња.
*Омилен парфем?
- Пако Рабани fame intense.
*Како ја одржувате линијата?
- Со соодветен режим стекнат од многу одамна, тоа е сè она што е добро за организмот во соодветна мера. Физичката активност и консумирање вода се едни од факторите кои ја одржуваат мојата линија.
* Како би се опишале себеси? Што е она што Ве движи напред?
- Мојата незапирливост, истрајност, трпеливост и упорност. Се опишувам како интуитивна, своеглава, праведна, спонтана.
*Дали надворешната убавина е пресудна за оставање на прв впечаток?
- Секако дека да. Надворешната убавина е првиот впечаток кој ги отклучува вратите, а за да се отворат пресудна е душевната убавина.
*На која дама ѝ се восхитувате и зошто?
- Моника Белучи е дама која од својата младост до ден денес изгледала отмено, природно, ненаметливо, но сепак толку харизматична и впечатлива. Со својот стас допира до сите погледи.
* Каква треба да е современата жена?
- Да биде своја и убава во сопствената кожа, заштитена, борбена и силна во психата. Современото време понекогаш ни ја одзема енергијата затоа треба да научиме да ја штедиме и даваме онолку колку што е потребно.
Габриела Додевска ГлигоровскаФото: Инстаграм