Ана Бунтеска: Светот стана претесен за нас

Добивај вести на Viber

Светот стана претесен за нас

Двајца шутраци кои бегаат еден од друг

Како да можат да се скријат

Како да не ќе се сретнат

Како јалова надеж дека судбината

Ќе создаде безбедно место

Кое ќе е илјадници години одење

Далеку и уџум

За да не ни се сретнат очите

Да не ни се раздвижат усните

Полни неизречени зборови

Кои се прпелкаат низ јазикот

Ред клетви

Ред молби

Ред насобран јад

Ред штура утеха

Светот стана претесен за нас

Чунки три рала чевли ќе скинеме

За еден со друг да се најдеме

А како за инает

Како за беља голема

Каде и да се завртам

Твојата сенка ме следи

Кога и да ме помислиш

Ветрот мој мирис ти носи

Небаре некој озгора ужива

Кога ни ги гледа маките

Како безнадежно се обидуваме

Стапалките во прашина да си ги познаеме

За тој пат да остане неизврвен

И којзнае колку смешни сме

Отстрана гледано за некој кој не нé познава

Како на различни страни бегаме

И повторно во истата точка се сретнуваме

И потоа....

Ех, потоа сé отпочеток

Истите мисли и стравови

Истите болки и радости

Сé исто останува

До следното разидување

До следната средба

Та и тебе и мене умот не ни иди

За конечно да престанеме да бегаме

И еден од друг да се криеме

Оти светот...

Светот е секогаш претесен

За да не се видат оние

Чија љубов завршила набрзина

Без да си простат

Без да си кажат “збогум”


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска