Ана Бунтеска: Нема ден да не те помислам
Нема ден, ниту еден не минал
А да не те помислам барем еднаш
Некојпат за арно
Некојпат за лошо во умов ми идиш
Та или радост ми будиш
И од оково денот свети
Или чело ми збрчкуваш
И усни надолу ми свенуваш
Ете, ден не осамнал досега
Во кој си ме поштедил од себе
Или еве поинаку да биде
Во кој јас себе сум се поштедила од тебе
И некојпат со смеа те дочекувам
А со грутка в грло те испраќам
Како да знам оти мисла не најадува
Ниту жед за тебе згаснува
Нема
Нема еден единствен ден
Откако тука не си
Откако таму не сум
А да не ми прошеташ низ глава
И во мисливе се љубиме
Се кошкаме и расправаме
Потем ко децата намуртени седиме
Дур едниот не попушти
Иако знаеме оти меѓу двајцата нас
Ниту еден паметен нема
Нема ден во кој во себе не те наоѓам
Или пред огледалото спомен ми се пресликува
Та или ги колнам тие дни
Кои ноќ без сон ќе ми донесат
Или како благослов од наречница ми се
Оти уште љубовта ми заживува
Нема ден
Нема ниту еден проклет ден а да не помислам
Дали и јас тебе во ум ти ѕенѕам
И дали ме бркаш или софра ми редиш
Поканета или непоканета ко ќе ти дојдам
Нема ден во кој не се прашувам
Дали згрешив
Дали згреши
Дали згрешивме или си погрешивме
Само знам
Дека има мисли од кои се бега ко ѓаол од крст
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска