За новите почетоци
Стори барем еден
чекор
Нека е мал
Нека е толку ситен
Што само ти ќе знаеш дека постои
Дека ногата од една точка ти мрднала
Дека умот отишол подалеку
Од она што ти е СЕГА и ОВДЕ
Стори чекор и во место не стои
Оти секој пат изоден
Со само еден чекор почнал
Секоја љубов голема
Со еден бакнеж е запечатена
Секој прв здив
Е цел еден живот за живеење
Стори го чекорот
Колку и да ти е страв
Колку и да си велиш оти бесполезно е
Без да бараш изговори
Без да си го оставаш своето ЈАС
Во рацете на непознати
Оти секој еден пат
Полн е падови и подеми
И некојпат горе ќе си
За со раката облаци да дофатиш
Некојпат долу ќе бидеш
Што ќе ти личи оти угоре нема
Ама не запирај
Ниту една дума накај црното да не ти оди
Оти требаш некому
А најмногу себеси
Оти некому надеж си
А најмногу себеси
Оти некому пример си
А најмногу себеси
Ете...
Заедно можеме да почнеме
Ти мене поттурни ме
Јас тебе ќе те охрабрам
За тој еден и единствен чекор
Од кој нови утра осамнуваат
Со кој ќе си се вратиш дома
На себе и за себе убаво да ти е
И секогаш кога имаш ѕид пред себе
Нека ти текне дека силна си
И дека ниту еден ѕид не останал несрушен
Со волја и желба
Со трпение и верба
Стори го чекорот
Оти токму тој чекор го должиш
На тие покрај тебе
На сите кои те љубат
На себе...за љубовта кон себе
За Женски Магазин, Ана Бунтеска