Ана Бунтеска: Среќна Нова

Добивај вести на Viber

Угоре чашите за годината што мина

Со по некоја солза во виното

За оние кои веќе меѓу нас не се

И тивка молитва за спокој на нивните души

Угоре чашите за годината што мина

За сите убај луѓе што ни ги донесе

И кои ликот ни го светнаа со својата милост

Та срцата ни се подмладија од нежност

Угоре чашите за годината што мина

Која не’ опамети и исчеличи за многу нешта

Во која научивме да кажеме НЕ

Во која многумина кажаа ДА

Угоре чашите за годината што мина

И мудроста која на тацна ни ја сервира

А и за грешките кои лузни оставија

И за се’ што почовечни не’ стори

Угоре чашите за годината што мина

За сите кои дочекавме да ја испратиме

За здравјето кое не’ искрепи

И за љубовта која со верба не’ нагости

Угоре чашите за годината што мина

За секој пад од кои посилни излеговме

За секое искачување кое болно беше

За секој миг во кој себе се спознавме

Угоре чашите 

Со песна чашите угоре да ги кренеме

За годината што доаѓа

За секоја капка надеж што ќе ја испиеме

За секој залак храброст кој ќе го вкусиме

За сите искушенија кои пред врата ни се сместиле

И за убостите со кои ќе се заблажиме

Угоре чашите за годината што доаѓа

И угоре главите за да ја минеме лесно

Угоре мислите светли за да не се изгубиме во темнина

Угоре љубовта

И ти...некогаш пред мене, некогаш зад мене

И јас...некогаш зад тебе, некогаш пред тебе

Да исчекаме да ја испратиме со вино како и оваа

Со чашите кренати угоре

И насмевки полни убедување дека следната поубава ќе е

Дека мора поубава да биде

Угоре чашите за нас

Среќна Нова!


За Женски магазин,  Ана Бунтеска