Ана Бунтеска: Се натокмивме куќа да градиме

Се натокмивме куќа да градиме 

Ниту мала, ниту голема да биде

Ете, колку две души да збере

И во секој ќош смеа да гргори

Скромно наместена ама со љубов

А ние ниту страдни за нешто да бидиме

Ниту од отпоќе глата да не’ боли

Се натокмивме куќа да си направиме

Ама пусто не бивало тоа толку лесно 

Чунки таа работа не е плукни-залепи

Оти за секоја куќа темел здрав треба

И да фаќа колку цела куќа 

За во мир чоек да биди и земјата ко се треси

И небото ко по неа ќе мава

За да си седиме кротко во неа

На сигурно, во сигурно да гувееме

Се натокмивме, не дека не

Ама тебе ко уплав да те фати

Оти многу мака ти се виде за куќа да се закуќи

Синкир некогаш убост леснотијата имала

Та на плеќиве мои се потпре

И ме остави сама темел да градам

Ама пусто не бива куќа

На која само од едната страна

Темелот цврсто стои

А од другата празно ќе зјае

И се мислам како да ти речам

Оти можам јас сама цела куќа да соѕидам

Ама тогаш не ќе ми требаш

Ако за сама е работата

А можам и ваква никаква да ја сторам

Накриво насадена, несигурна и плашлива

Која и од воздишка само пепел ќе се стори

Оти не бива куќаре без темел

Исто ко што не бива љубов

Без две срца во неа да се најдат

Та сега си мислам

Оти лето е и сонцето нежно милува

И не е грев и под голо небо да спијам

Под кое барем ќе знам дека на свое сум

И дека само дожд врз мене можи да се истури

Па спокој ме фаќа и во спокојот утеха си имам

Оти многу пат да се изоди треба

Од мигот да се нафатиш со некого гнездо да правиш

До мигот кога ракави ќе засучиш

И за тој до тебе

А заедно со него дом ќе направиш

Со темели кои никогаш нема да попуштат

И за кои секогаш ќе знаете

Дека куќата-љубов ваша жива ќе ја одржат

Дури и тогаш кога како сведок за љубовта 

Само сликите ќе останат 

Во куќата која сте се натокмиле да ја изградите

Заедно...заедно


За Женски магазин, Ана Бунтеска