Катерина Астарџиева Луна за пожарите во Лос Анџелес – градот кој го обожавам го снема за една ноќ – сликата е премногу тажна
Пожарите во Лос Анџелес кои почнаа на 7 јануари во Пацифик Палисад досега проголта 38.000 хектари земја и уништија 10.000 објекти.
Домот на Катерина Астарџиева Луна од Неготино, која живее во градот 8 години, е во област која не ја погодија пожарите. Сепак, состојбата на градот и на луѓето кои изгубија сѐ, вели дека е многу тажна.
Катерина има 28 години, мажена за Перуанец и има прекрасна ќеркичка која наскоро ќе наполни една година. Работи како агент за осигурување.
ЖМ: Што се случуваше во првите часови од катастрофата?
- Во Лос Анџелес имаме ветар што се вика Санта Ана и достига брзина до 100 км и повеќе на час. Тој ветар е причина за многу оштетени електрични кабли и бандери што испуштаат искри и сувиот воздух и исушените ридови го прават градот погоден за пожари. Ние сме навикнати на пожари секоја година, но ова беше нешто неочекувано. Цел град кој го обожавам го снема за една ноќ. Сѐ е пепел и пустина. Сликата е премногу тажна и морам да кажам дека сето ова е резултат на лош менаџмент од страна на владата на Калифорнија. Сето беше некако како на сон, немавме вода бидејќи ги празнеа вештачките езера и резервоари за да спасат мали риби во периодот на најголеми ветрови. Што ли мислеа не ми е јасно, а и противпожарните служби беа со намален буџет што е катастрофа за место погодно за пожари. Срамота навистина.
ЖМ: Каква е сега ситуацијата во атрактивниот дел на Холивуд и околните места?
- Засега го изгубивме поголемиот дел од Малибу и Пацифик палисејдс, Алтадина и Пасадина. Исто така и ридот во Холивуд каде што е знакот е во многу лоша состојба. На мојата пријателка и изгоре куќата.
ЖМ: Се смени ли атмосферата, запре ли за миг животот?
- Лос Анџелес е огромен и многу голем дел од градот си продолжува како ништо да не било. Сè уште имаме многу туристи и тоа нема никогаш да запре, освен во период како ковид, недај боже да се повтори. Во мојата работа се чувствува многу голема разлика поради тоа што имаме клиенти што изгубиле сѐ и сега правиме се во наша можност да им помогнеме. Исто така ги контактираме клиентите во зоните на евакуација и им ги објаснуваме нивните права и полиси и ги насочуваме во хотели или центри за евакуација.
ЖМ: Беснеат ли уште пожарите или полека се смируваат? Колку тие ќе го сменат начинот на живот во ЛА?
- Многу од пожарите сè уште горат после 4-5 дена и постојано растат и уништуваат објекти и куќи. Ќе треба најмалку 2-3 години за да се изгради се како што беше и се очекува многу осигурителни компании да банкротират од толкава загуба. За туристите ќе биде исто, но за локалните луѓе ќе биде еден депресивен период со недостаток на куќи и локали за сместување. Претпоставувам дека цените на хотелите ќе пораснат многу поради недоволен број на соби во кои ќе бидат сместени фамилии кои изгубиле се во пожарите.
ЖМ: Која беше причината да заминете во „ветената земја“ и таму да останете?
- Секогаш сонував да ја видам Америка. Живеев и учев во Скопје во најдоброто средно школо СУГС „Димитар Влахов“ отсек козметички техничар. Се преселив во Америка пред 8 години. Кога дојдов како студент решив да останам и да си ја барам среќата овде, бидејќи Америка е прекрасна земја и ти нуди многу повеќе можности. Во моментот студирам сметководителство. Работам како агент за осигурување во компанијата „Фармерс“.
ЖМ: Зошто се решивте за Лос Анџелес?
- Климата нешто прекрасно, секогаш е сончево и топло, луѓето се пријатни, има прекрасни ресторани и места за посетување. Можеш да правиш нешто ново секој викенд и пак нема да видиш сѐ. Блиску е и до други градови како Лас Вегас, Сан Франциско, Сан Диего.
ЖМ: Нова земја, нова средина, непознати луѓе. Беше ли многу тешко да се адаптирате?
- Да, ми беше тешко додека бев сама, но со божја помош запознав една фамилија од мојот град Неготино и со нив се чувствував како дома. Поминавме и лошо и добро заедно. Препорачувам на секој да проба да стекне пријатели што побрзо кога ќе дојде тука.
ЖМ: Сменивте ли многу работни места?
- Почнав како собарка и дадилка во Охајо, потоа бев келнерка, хостеса, шанкерка до мојата конечна професија за сега-осигурителен агент/брокер. Многу сум задоволна од мојата професија бидејќи ме прави да се чувствувам влијателно и во некои случаи како херој кога ќе успеам да најдам осигурување за некои многу високо ризични објекти, за кој никој друг не можел да најде претходно. Моите клиенти се премногу фини и благодарни и често стекнувам пријателства за цел живот.
ЖМ: Поголемиот дел од славните и богатите имаат свој дом во Америка. Дали сте ги виделе во маркет, трговски центар или на улица? Како се однесуваат?
- Да, славните луѓе се насекаде и се обични луѓе. Не сакаат да ги вознемируваш воопшто и многу пати се маскираат за да не ги забележат како на пример Хали Бери. Имам видено многу славни лица, но најмногу ми остави печат Пинк и еден од главните актери на серијата „Викинг“ со неговите прекрасни сини очи какви што никогаш не сум видела.
Соња Алексоска Неделковска