Човек сам што може да си направи, никој не може да му стори!

Добивај вести на Viber

Вчера му се радував на снегот како мало дете, ама баш како мало дете со носот залепен на прозорецот (за мене, пенџерето). Ги памтам зимите кога бев мала и кога секоја година имаше баш онака снег до колена, па сите бевме по улици и паркови (стандардно облечени во оние шушкави зимски комбинезони), правејќи Снешко или господски уживајќи седнати во санката додека родителите нé влечеа муабетејќи меѓусебно. Вчерашното паѓање на снегот ме катапултираше назад во детството, враќајќи ми го мирисот на топлото какао откако ќе се приберев дома цела жива вода (до гаќи), залепена до радијаторот, а со умот уште надвор. Ми текна на вкусот на печените костени и компотот од дуња, суви сливи и јаболки.

И некако, целото тоа чувство на зимска идила ми се потенцираше со фактот дека неделава сум на одмор и нема да треба да се нервирам ем со густиот сообраќај наутро, ем озгора и со чистење снег од колата. Извинете вака, ама навистина почувствував олеснување знаејќи колку е тешко движењето низ градов дури и во “нормални” околности, со оглед на тоа дека сме секогаш шокирани кога ќе нé “изненади” дождот и снегот во есен и зима.

Нејсе, уште кога бешеНина во основно училиште некако преќутно се договоривме дека денови од одмор земам кога е на зимски распуст и се разбира, во текот на летото. Ова со зимскиот распуст ми било отсекогаш доживување, оти и да не одиме никаде пак наоѓаме со што да се занимаваме. Таа е сега голема, па си се договара со другарките за излегување и шетање, ама има еден наш момент во кој и двете уживаме, а тоа ни се маратонските гледања филмови. Она што многу сакам е дека отпосле муабетиме за филмовите, секоја со својот став, па не ретко и си го проширувам видокругот со нови моменти и сознанија кои не сум ги забележала, ама во муабет со ќерка, сум станала свесна дека постојат. И така, претходната година ни заврши со настинки, оваа ни почна со настинки и решивме да отседиме дома и максимално да го изнауживаме периодов. Од филмовите ставени во фолдерот “МОРА ДА СЕ ИЗГЛЕДА” беше и The Substance, филм за кој Деми Мур доби Златен Глобус неодамна.

Имав видено секвенци од филмот, знаев отприлика за што се работи, имав чувство на мачнина оти ме јадеше интуицијата дека (од многу аспекти) филмов ќе ми влијае на сите сетила и некако нагонски ми идеше да го прескокнувам. И нормално, кога сакаш да избегаш од нешто, не само што не можеш туку и како намерно да се местат коцките за ќерка да запне токму тој филм да се гледа, сега и одма. Ок, нека е сега и нека е одма. Јас се убедувам себеси дека филм ко филм, иако уште неседнати ми ѕенѕа нешто во желудникот. И почнува филмот...и трае два часа и скоро уште 30 минути.

Вака сега, да знаете дека многу ми влијаат на психа филмови, книги и музика. Како што можам да излезам поболена од тој свет кој во главава ми создава слики, ситуации и болки или радости, мислам дека така не може да ми влијае ништо друго. Имало ситуации кога со денови не сум можела да си дојдам на себе, не сум можела да функционирам нормално од што сум била под импресии.

Овој филм ме измести потполно, од многу аспекти. Не сум поткована да давам стручно мислење, не знам можеби да се изразам со филмска терминологија, ама и те како знам да ви кажам што разбуди во мене и како го доживеав. Ја знаете изреката која е всушност и наслов на колумнава, нели? Знаете сигурно и дека е апсолутно вистинита, така? Поексплицитно манифестирање на таа изрека не сум видела досега (зборувам за филм). Проклетството на гламурозниот свет на шоу-бизнисот редовно ги јаде убавите жени, на кои најголемиот грев им е стареењето. И ако и во секојдневното живеење староста се доживува како болест од која се бараат начини како да се избега, во светот во кој рефлекторите се пуштени на најсилно, тоа е уште повеќе потенцирано.

Што е тоа што било кој од нас е спремен да го направи за себе...или што е она што би нé натерало да си ја продадеме душата на ѓаволот за вечна младост, убост и слава? Несигурноста во себе? Зависноста од аплаузи? Љубов? Пари? И кога сето ова ќе го ставиме на кантар на кој од една страна имате вечна младост, а на другата страна губење на она што нé прави да сме ние-НИЕ, што ќе одбереме?

Зошто ни е отежнато стареењето нам, жените? Еве, на прагот на моиве 53 уште не можам да го објаснам феноменот на одбивање да се зборува за годините. Згора на сé, не ни оди во прилог тоа дека брутално ни се пика во очи дека женското тело треба да е со некакви си одредени пропорции, дека затегнатоста на кожата ја покажува нашата вредност во општеството. Па видете ги само куклите во излозите на било која продавница! Сите се како девојчиња во пубертет, тенки и слабички, без задници и гради. Сте виделе некаде кукли кои имаат облини? Јас не. Сте виделе некаде реклама за фармерки кои не се број 32 или 34? Јас не. Сте виделе некаде на билборд возрасна жена која рекламира козметика за зрела кожа, а да не е брутално поделено лицето на пред и после? Како тргнале работите, се чини дека нешто што е сосем природна појава за сите живи организми е строго забрането и бљак за жените. И да, ова ме прави гневна заради неправдата која ни е нанесувана, заради тоа што ми се повраќаше кога го гледав филмот, заради толку очигледната болка на една жена да се мрази себеси затоа што старее, што буквално се самоуништува. Ме прави и гневна и исфрустрирана фактот дека трендот за формата наспроти суштината е во полн ек и тоа толку бескрупулозно што станува алармантно.

За да немаме недоразбирања, не се работи тука за естетски корекции. За нив секогаш велам дека ако ви се потребни (заради сопственото чувство на себедопаѓање) ич да не слушате никого и да си правите тоа што мислите дека е најдобро за вас. Но, ако сакам да стареам без да правам корекција на лицето, градите, нозете, задникот тогаш барам да ми е тоа овозможено без да ми се коментира дека е непристојно да се старее како што сакам. Однапред се извинувам на оние чии сетила не можат да гледаат дека жените некогаш одбиваат да се шминкаат во секоја прилика, дека некогаш одбираат пица наместо вежбање (реков некогаш, не секогаш), дека решаваат да ја пуштат својата побелена коса наместо да се шлакаат со фарби, дека не носат високи потпетици кога надвор има снег и мраз за да можат оние згрозените од машкоданки да уживаат во нивните тенки глуждови на нозете.

Да, си го барам правото да остарам токму онака како што сакам и како што ми е убаво! Без да бидам осудена, без да бидам распната на крст, без да бидам ставена во било каков калап или фолдер.Си го барам правото да бидам почитувана и вреднувана заради она што го имам и носам во себе, заради умот и остроумноста. Го барам правото секоја една жена да се облече како што и се сака, да одбере дали ќе има брчки или не, дали ќе шета на плажа без комплекси заради целулитот. Го барам правото кое ни е на еден многу перфиден начин одземено, неосетно и сурово.

Убавината е склоп на многу фактори, а најмногу на личното чувство за себе. Нема поубава жена од жена која се сака себеси, од жена која чекори самоуверено, од жена која не ја витка кичмата заради сон кој никогаш не може да се оствари, или барем не на долги патеки. Нема потажна слика од сликата на една жена која на сета своја убавина, се камшикува и мрази себеси заради тоа што не влегува во рамките на некакви извитоперени стандарди за убавина. И додека минува животот и додека времето си остава траги на сечие лице, останува прашањето кое е најважно секој од нас да си го одговори најискрено што може:

дали и колку се сакам себе, особено кога она што го гледам по медиумите не е воопшто исто со тоа што го гледам во огледалото?

Да држите до себе секогаш и да не бидете ничии робови, ниту на туѓото мислење ниту на трендовите. Спокојот и раатот не доаѓаат со физичкиот изглед, ами со духовното созревање и со галење на сопствената душа и психа. Изгледајте го филмот ако ви дојде при рака и ако имате издржлив желудник. На моменти се и отповеќе потенцирани работите, ама некогаш будењето е поинтензивно кога со прст ќе ви брцнат во око.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Исправи ги плеќите

(не те личи да одиш погрбавена)

Смеј се и кога плачеш однатре

(не смее да ти се размачка шминката)

Чекори со ситни чекори

(за да се знае дека си дама)

Јади малку и одмерено

(никој не сака жени што многу јадат)

Не се опуштај премногу

(се знае на жена каде и’ е местото)

Не презборувај никому

(да, ќе си го голтнеш зборот)

Не покажувај незадоволство

(не е твое да го менуваш светот)

Не

Не

Не...

Не смееш да си тоа што сакаш

Оти треба да си она што другите мислат

Да бидеш без себе е најдобро

Оти не знаеш што ти треба

Онака како што другите знаат

Не се жали

Не плачи

Не превртувај со очи

Не зборувај

Твое е да се стокмиш

Твое е да мамиш очи

Твое е сето она што не го сакаш

Ама па и кој те прашува што сакаш!

Не

Не

Не....

И така додека еден ден не ти прекипе

Додека со вресок не кажеш СТОП

Додека не ти се приблуе од себе

И од сите околу тебе

Кои колку и да мислат дека те знаат

Освен името ти, ништо не знаат за тебе

И така додека еден ден гласот не си го најдеш

За да отераш во мајчината сé

Што на душа ти стапнало и згазило

И да си ја најдеш во себе храброста

За да си тоа што сакаш да бидеш

Без да прашаш некого

Без да дозволиш да ти кажат како треба

И од сите НЕ

Да си стокмиш едно и единствено ДА

Во кое повторно ќе се родиш

Од кое повторно ќе заживееш

ДА....СЕ ЉУБАМ!