“Пред Божиќ-зад Божиќ кај и да си, дома да си”
Не сум по адетите, никојпат и не сум била. Не сум богобојазна, оти
се трудам да сум секогаш свесна и со прстот на чело пред да сторам нешто што
(според верниците) би ми залепило грев на душата. Не верувам во пекол и рај од
приказните кои се претставени како сино небо и музика (од една страна) и вечен
оган (од друга страна), оти за некои овој живот на земјава е рај, а за други
жив пекол. Но, она во што верувам е дека секој треба да го прави она што му
носи спокој во срцето, утеха, надеж и верба. Одамна ги надраснав расправиите за
тоа кој е во право а кој греши, кога е во прашање религијата и обичаите. Еве,
како за некој чија нога не влегува во црква, нема лето а да не појдам горе,
Велгошти во Света Петка. И веројатно тој мир таму, тоа чувство на тивка
конекција со сама себе е она што го чувствуваат сите кои влегуваат во црква. А
Света Петка во Велгошти е посебна приказна, која секогаш ми прави да се
чувствувам поинаку. Можеби е затоа што луѓето кои се со години таму, ја
третираат црквата како дом. Можеби е затоа што постои единство и непишано
правило дека тоа место и луѓето кои одат да го посетат, се едно. Можеби затоа
што уште од вратата ќе ве дочека љубезното лице на домаќинот кое со невидена
љубов ќе ви ги покажува просториите, за на крај да ве однесе до кујната во која
сите кои сакаат да однесат нешто, го оставаат за да се почестат тие после нив.
Така, кафето кое го пијам е можеби од семејство кое не го знам, со моите
бонбони ќе се сладат дечиња кои никогаш нема да ги запознам, ама на еден
чудесен и толку убав начин сите сме поврзани. Можеби е во прашање “љубовта кон
ближниот свој”
додека немо го гледаме преубавиот Охрид озгора, во тишина која ни ги храни
срцата со почит кон сé на планетава. Ете, таа моја и ваша црква ми е мене иљач
и не дека мора да одам да ја видам (што би рекле, не се зарекувам) туку ми е
како дел од мене, дел од мојот внатрешен свет.
Ви кажав во претходната колумна дека неизмерно ги сакам деновите пред и после Нова година, додека самата прослава ме оставала отсекогаш рамнодушна. Но, овие денови ми се поврзани и со народните изреки и мудрости, кои веќе знаете дека ми се омилени и дека многу ги сакам. Изреката “Кај и да си, пред Божиќ, зад Божиќ дома да си” уште од дамнина ги спојувала луѓето, ги смирувала раскараните семејства, ги полнела домовите со ведрина и смеа, надеж, сила. Но, исто така е факт дека низ годините многу работи кои ги правиме како адети, сме си ги прилагодиле онака како што нам ни чини, но на неубав начин, себично и самоволно. Стално сум се прашувала како тоа верниците си земаат од Библијата здраво за готово она што им чини, а некако го игнорираат тоа што не им чини. Еве, земете го за пример Бадниковиот оган за кој дури и црквата вели дека е пагански обичај. И оваа година веќе се оди од врата до врата за да се собираат пари за оганот кој ќе е капак на веќе екстремната загаденост, на секој Бадников оган се пее турбофолк, се вијат ора и се пие вино и ракија без усул. Башка, следниот ден не само што сé ќе корне на запалено, туку и е сé оставено така, без да се собере сметот. Ама не, упорно се практикува тоа што не е според религијата оти е поважно на сиот глас да се пее и пие, во денови кога уште треба да се пости. И кога се зборува за постење, да бидеме попрецизни. Постењето не е само телесно, туку и духовно, односно, воздржување од дејства кои ќе го нарушат постот на умот. Ама ете, кому како му чини...но, до моментот кога сме сите загрозени во поглед на здравјето и загаденоста. Башка, коледарските песни се полни насилство и деструктивност па се пее за гредето што утепало деде, па тој се мачел, па колење на телето (да не зборувамсега и за еротските коледарски песни). И тоа го пејат деца, песни во кои лично (нели сите имам право на мислење) не наоѓам ама баш ништо свето или светло.
Додека пребарував на интернет за празнициве, налетав на следново (ова е исечок од колумна на Митрополит Николај Месогејски, од 2017 година):
“Раѓањето Христово за повеќето од нас е, всушност, ден кога ние, не само што не се сеќаваме, ами уште повеќе забораваме на Бога. Ние празнуваме едно паганско и комерцијално Рождество: улици исполнети со разнобојни светилки, нереална светлина на божикните венци, вештачки елки, јадење и пиење, божикни колачи, разменување на подароци, користење на денови за одмор, очекување на тринаесетта плата……и Божик завршува. Со преполн стомак и опустошено срце. Христос го нема никаде. Сето тоа всушност нема никаква врска со суштината на празникот и носи само разочарување: празникот станал фикција, се претворил во обичен комерцијален ритуал, во еден безбожен и опустошен свет.Измамата на комерцијалниот Божик, тоа е првата измама. Но, има и втора и таа е уште полукава и посуптилна. Тоа е измамата на „социјалниот“ Божик: да го поимаме тој ден како „празник на домашна хармонија, семеен празник“. Така ни сугерираат слатките холивудски божикни филмови, блуткавите песнички од телевизијата и радиото.Да, Божик е поврзан со семејните вредности, но тоа не е триумф на ситното самозадоволство на малиот човек во својот дом, не е празник на домашната благосостојба. Семејството на Христијанинот – тоа не се само неговата сопруга и децата. Тоа е големото семејство на човечкиот род, за коешто умре Спасителот на крстот. Нашите блиски – ближни – се сите луѓе на целиот свет.”(https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/da-si-spomneme-i-za-boga-na-bozhik/)
И додека апсолутно се сложувам од збор до збор со последната реченица, да ве потсетам дека во маркетите има Бадникови гранчиња за 65 денари по гранче, дека за да се стокми трпезата (која иако е посна не значи дека е евтина) ќе ви треба едно мало богатство, да ве потсетам дека нема празник на кој нема да поскапат токму оние продукти кои се обележје или симбол на истиот.
Но, од друга страна сепак сé уште имам надеж за човечноста и за вистинското значење на ваквите празници. Еве, по 19-ти пат во Прилеп ќе се организира заеднички Божиќен ручек за над 400 деца од страна на Детската амбасада За сите деца во светот, со помош на општествено одговорни компании. Во Кавадарци веќе 4-та година по ред Општината организира заеднички Божиќен ручек под мотото “Никој не треба да биде сам за Бадник и Божиќ” исто така со општествено одговорни компании. И додека сите се чукаме во гради со религија, вера, вакви или онакви вредности, па традиции и еден куп други работи кои немаат тежина на дела, ќе се појават вакви вести кои ќе плеснат по еден шамар на сите кои имаат полна уста со молитви, ама раката никојпат не им излегла од џебот за да дадат некому нешто.
Муабетот ми е следен: сите поговорки, изреки, мудрости се кажани оти во себе имаат скриено значење. Не се земаат здраво за готово и себично. Сликата е малку поширока од едно дрво, заради кое не ја гледаме шумата. Токму овие празници треба да го извадат најдоброто, најхуманото од нас, без оглед дали сме верници или не. Впрочем, сум ви кажала многупати дека ќе ви се крене коса на глава од мисли и зборови на оние чии коленици се црвени од клечење по олтари, исто како што ќе ве изненади кроткоста и широкоградоста на тие кои ја одминуваат црквата во широк лак. За мене, луѓето се делат на добри и лоши, на кротки и аздисани, на ЛУЃЕ и нелуѓе. И да, секој сам одбира на која страна е, тоа е моќта на изборот и на слободата.
Умереноста е одлика на мудрите, без оглед за што се работи. Умереноста не се гледа во тоа да не практикуваш нешто кога не смееш или не можеш, туку напротив. Вистинската умереност се гледа кога нема забрани и кочници, кога единствената кочница е умот, совеста и определбата да се живее така. Не се постовите за да се нафукаме како стоки откако ќе завршат, тие постојат за да нé научат на скромност и на приземност.
Чистата душа не е резултат на молитви или оставање пари пред икони, ами на искрената мисла, желбата да се помогне и воздржувањето од правење зло. Не дека ќе одиме во пеколот ако постапиме поинаку, не дека ни е страв оти бог ќе нé казни, туку оти така сме во мир со сами себе.
Глумење светци од празник на празник е поголем грев одошто мислите. Оти за 3-4-5 дена во годината не можете да сторите толку добро, колку што зло можете да нанесете останатите денови.
Деновите пред и зад Нова година се убави денови. “Кај и да си, пред и зад Бадник и Божиќ дома да си” за мене има значење дека треба сите да се вратиме во основниот дом, кон сами себе, кон чиста мисла, кон добри дела. И милоста и сомилоста нека ни е тука преку целата година, како да ни е секој ден Бадник, како да е секој ден Божиќ. Среќни празници, да ви цути во душите, да имате спокој во домот и да чините добри дела...секогаш кога можете, онолку колку што можете.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Душата полна да ти е
Не трпезата и не бокалот вино
Не мевот да го наполниш
До прејадување
До болка
До блуење
Ами душата со убост да ја израдуваш
Со кроткост кон секој еден
Со збор топол и меден
Со рака пружена кон сите
Ама не за да турниш некого во амбис
Ами од дното угоре да го искачиш
И да не го пушташ по ниедна цена
Душата...
Ете таа да ти е полна
Оти само од неа среќата ти зависи
Оти сé низ уста што ќе влези
И право во утробата ќе оди
Вака или онака надвор ќе излези
Оти нема храна која е за навек
И нема пиење кое вечно е
Ама тоа што од себе ќе го извадиш
Како милост и сомилост
Како помош и поддршка
Тоа најадува однатре
И трае колку три животи нанапред
Тоа те води кога на крстопат си
И светлина е кога е сéцрно
Толку црно што прст пред око не се гледа
Душата...
Таа е секојпат гладна за убост
И да прими и да стори
Да и’ дадеш и да даде
Таа е како трпеза
На која секое арно е топла погача
И нема крај, не се троши
Не ќе се изеде и испие
Не ќе се испогани и испразни
Има денови во кои душата ти пее
И низ песна за човечноста раскажува
За да не се заборави
За да не ни избега од умот помислата
Оти на светот сé ќе дојди
Од светов сé ќе замини
Освен поганлакот или убоста на душата
Која секој од нас го гнаси
Која секој од нас го краси