Среќна Нова 2025

Добивај вести на Viber

Многу ги сакам деновите пред и после доаѓањето на Новата година. Сé е некако раздвижено (иако сите мрчиме за гужвите, кои рака на срце ги има и се отповеќе напорни за сообраќајот) и еуфорично, сите ми се светнати во лицата, се чувствува таа радост и исчекување, луѓето се некако поолабавени. Убаво ми е кога го гледам сето тоа, седната некаде на кафе свесна дека повеќе ме исполнува да ја гледам еуфоријата и да уживам во глетката, отколку директно да учествувам во неа. Сите сме различни табиети, нели? И секој од нас има свој начин да направи да му е убаво, колку и тој начин да е чуден или неприфатлив за останатите. Така, за некој моето седење сама во кафеана во период кога е толку нормално да се биде во големо друштво е (во најмала рака) чудно, за таквите како мене надвикувањето, гласното смеење и бројноста на големите дружби се стрес. Па деновиве баш читам по социјалниве мрежи како многумина наоѓаат замерки за начинот на кој луѓето сакаат да си ги минат празниците. Некому пречат големите корпоративни забави, некому пречат журките во кафичите, некому пречи што има вакви на кои сé им пречи. И си велам во умов, зошто побогу не сме сложни барем во тоа дека секој има право да си прослави било што како сака, без да се истопориме сите за да си го кажеме мислењето.

Ако ме прашате мене, освен што имам проблем да стасам од точка А до точка Б со повеќе кажани пцости од вообичаеното, сé друго ми е баш убаво. А луѓе како луѓе, секогаш нема да ни е погодено било што. Ако е накитен градот-види бе што направиме и колку е невкусно, ако не е накитено-било срамота, ако има настан на плоштад-тоа е фрлање пари непотребно, ако нема-па дали сме нормални што никако нема да се одбележи. И додека се тегнеме со статуси, коментари на истите, расправии и праење кој е попаметен, некако како да се губи суштината на тоа што е самата прослава на Новата година. И да не сме цинични сега со она “еве нов лист” или “подобра верзија од себе”, оти не е финтата да се сведат сите работи баш само за потсмев и за сеир фаќање, оти сепак има некоја мудрост токму во тие фрази (впрочем, некој верува во тоа и не е некако ок да сееме цинизам).

Па, драги мои...ова е она што отприлика сакам да ви го кажам/посакам:

Нема ништо поважно од вас, од вашето здравје и од вашата среќа. Ова е многу важно да се знае и кога имате деца, оти нема среќно дете со несреќни родители. Да не си ставате на душата туѓи товари и бремиња, оти плеќите никому не се од челик. Да знаете да стокмите граница после која ќе кажете “извини, ама толку можам”. Ова не значи дека не треба да помогнете, не значи дека не треба да се вложите себеси во било кој однос...ова значи дека има тенка нишка меѓу да се бара помош и поддршка од една страна, наспроти да се исцицува нечија добрина и емпатија. Од арен до будала малку има, а уште помалку има од здрав до поболен во душата, човек. Да не ви се лепи на срцето ништо што ќе ве чини најскапоценото нешто, вашето здравје (читајте и живот).

Да бидете добри, нежни и внимателни со другите но истиот третман да го имате кон себе. Да не ви е устата полна мед за другите, а кога се обраќате на сами себе да се гоштевате со пелин. Да си се галите, да си се сакате оти како и да ги свртите работите, единствената личност која навистина се грижи за вас, сте токму вие самите. Тоа подразбира да си земете оддишка кога ви треба, да не се форсирате за никого и за ништо оти силата не е бунар без дно. Воедно, да памтите дека и во добро и во лошо, потребни ви се навистина само неколкумина кои се спремни да влезат во оган за вас. Е, тие неколкумина да си ги чувате како очите во главата оти некогаш пријателите се многу повредни и многу повеќе значат дури и од оние со кои сте род по крв (за жал).

Сé што ќе правите, да правите прво заради себе. Ова особено за жените, оти притисокот за сé е посилен кон нив. Ботокси, филери-милери, силикони, задници (ма што и да е), ако се одлучите на ова причината да е дека вие така поубаво ќе се чувствувате. Да не паѓате на евтини провокации и финти дека некој сакал помлади, позатегнати, вакви или онакви. И јас го сакам Кеану Ривс, ама нема.

ЗНАЧИ...каква и да е корекцијата која сакате да ја сторите, да не е заради тоа како некој ќе ве перцепира и дали некому ќе сте поубави и попривлечни, туку да е исклучиво заради вашата желба да направите промена кај себе.

Никому да не се правдате за своите постапки, ама никому. Ако се разведувате, мажите/жените, ако се преженувате/премажувате, ако сте одлучиле да имате деца без партнер, ако сте одлучиле да бидете со партнерот ама без деца, ни случајно да не давате да ве доведат до точка да си ги браните ставовите или одлуките, а уште помалку да се чувствувате виновни за било што. Не е секој скроен за брак, не е секој скроен за деца, не е секој скроен за сам. Но, сите ние сме скроени за да носиме одлуки кои се најдобри за нас, без притоа да треба да распишуваме референдум и да видиме дали на комшиите им е ок да живееме како што ни чини, или дали јавноста ќе одобри. Раатот зад затворени врати е работа за која не се дискутира. Како ви е убаво, како ви сака душата, така да си го стокмите својот рај.

Гледајте што помалку да слушате кој што има да каже за тоа како треба да се однесувате, живеете, што треба да правите. Секогаш го кажувам истото за оваа работа и стојам на тоа дека “додека си ги плаќам сама сметките и данокот во оваа држава, никој нема право да ми соли памет”. И тука да ставите една гоооолема точка, оти, да повториме....мислењето е како задникот, секој го има ама не е за покажување во јавност. Она што најмногу треба да ви го окупира умот е, како да си го олесните животот, како максимално да уживате во него и да го извлечете најубавото. Сé друго е гола вода.

Едуцирајте ги младите и децата за тоа што значи врсничкото насилство и општо, насилството. Едуцирајте ги да знаат да препознаваат насилство и да реагираат соодветно, не да го снимаат со телефоните, туку да се борат против истото. Едуцирајте ги да препознаваат и суптилни методи на насилство, како што е менталното изживување, доминација, уцена, притисок и влевање страв. Кажете им дека не е нормално да им се кажува дека љубовта боли, дека модрицата значи преголема страст, дека љубомората до степен следење и контрола е грижа. Дајте им крила и да ги охрабрите да пријават насилство, борете се заедно со нив-за нив и никогаш немојте да им отпишете на тоа дека се премногу сензитивни или дека така им се чини.

Во Новата година ќе ви посакам здравје, спокој во душата и љубов во срцето. Да имате сé што посакувате и сé што ви треба (некогаш не ни е на листата на посакување она што ни треба, оти не сме свесни дека ни треба), да бидете среќни со она што го имате но и да целите кон повеќе и подобро. Ви посакувам да не се камшикувате ако не ви оди сé како подмачкано (оти па и така нема лезет), туку да си давате сами на себе поттик дека ќе успеете во сé што сте наумиле. Ви сакам да ви се тука најсаканите, да ви е маста полна со столчиња кои нема да се празни, оти налет полна трпеза ако нема со кого да се седне на неа.

Ви благодарам на сите што бевте тука заедно со мене, на сите кои сте ми дале дел од својата душа преку збор, на сите вас кои знаете да ме љубите некогаш повеќе од што умеам сама да се љубам...токму вашата љубов и поддршка ме враќаат на вистинскиот пат.

Среќна Нова 2025, да сте ми живи и здрави, да сме на број и да си бидеме грб и столб едни на други. Ви подарувам нова песна...се читаме следната година.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

За новото утро

За новиот ден

За она што било

За тоа што допрва доаѓа

За нов почеток

За сите изминати болки

За сите пролеани солзи

За неспаните ноќи

За смеата која ечела

И за радоста која обземала

Со стокмени руби

И срца ширум отворени

Со по една чаша в рака

Полна нектар од убости

Една голтка за в земја

Како спомен за сите кои веќе тука не се

Но и како аманет во годината што доаѓа

Во душите да ни спијат

Една голтка испиена

За сé што минало

За сé што не ќе се врати

За минатото кое зад себе го оставаме

И по кое ќе си ветиме сами себеси

Дека никогаш нема да жалиме

За спомените кои солзи ни мамат

И кои сме ги спастриле во кутии

За да ги оставиме само како сеќавање

На еден минат, на еден друг живот

Една голтка за иднината

За градење нови предизвици

За нови љубови

За почетоци во кои ќе блеснеме

Без сомнежи во себе

Без страв дека нема да можеме

Без уплав дека нема да знаеме

Како најдоброто од годината да го впиеме

За да ни остане во нас

Да ни даде надеж и верба

И последната голтка

Таа...најубавата и највкусната

За нас

За тебе и за мене

За сите нас кои тука сме

За сите зборови со кои сме се охрабрувале

За секоја рака пружена

Кога на коленици сме биле

И не сме знаеле како да станеме

Како повторно патот да си го најдеме

За нас

За тебе и за мене

За бериќет и к’смет да имаме

За здравјето да нé служи

За љубовта да нé води

Последната голтка нека ни биде вечна

СРЕЌНА НОВА 2025 ГОДИНА