Токсичните односи се чекор поблиску до болест

Да беше времево човек, веројатно ќе беше еден од оние на кои никогаш ништо не им е погодено. Ги знаете тие, ако е вака требало онака, ако е онака требало вака, не можеш да им погодиш па дури и да свртиш светот наопаку. И не ми пречи толку многу што е ред дожд, ред ветар, ред сонце (додуша, сонцево малку ми прави да имам магла во главава), туку ми пречи што ми се влошува спондилозата и што вратот ми е толку осетлив што на каде и да се свртам, имам рингишпил во умот. Амааааа, затоа имам совршен изговор да се затворам дома, да пишувам, да гледам филмови и серии, да читам и да одбегнувам да сум социјално битие. Во сето ова време-невреме (и во буквална и во преносна смисла), многу комуницирам со неколкумина мои, драги и блиски луѓе кои ми го прават животот да ми е ѕуница. (Само што го спомнав зборов, ми текна колку убави зборови имаме и колку всушност ни е убав и богат јазикот). И секој од тие луѓе си има свој уникатен животен пат, лузни, неспани ноќи, исплакани илузии, паѓање на колена, кревање угоре, брак, развод, брак-врска-самотија. Заедничко ни е што никој никого ниту суди, ниту осудува за било кој потег во животот. Заедничко ни е што не си велиме “ти реков”, ами “ок, бидна...можам ли да сторам нешто?”, што знаеме и во најтажните сценарија како да се насмееме едни со други, што не си броиме кој кому прв пишал, се јавил, викнал на кафе. А најубавото е што се сакаме меѓусебно на оној здрав и преубав начин кој подразбира да го сакаш оној карши тебе за да му е твојата љубов иљач, а не оптеретување.
И во низа такви муабети, во кои начнуваме сé и сешто...од орхидеите како напредувале (јас сум тежок дудук не само за одгледување цвеќе, туку и за да го одржам во живот), па каде има најубав памучен долен веш, па ќе скокнеме на децата и кое што прави, на крај секогаш да завршиме со љубовта. И кога зборуваме за љубовта (нели сите возрасни и зрели, со намалени илузии и очекувања), најчесто си кажуваме кој каде се зезнал и кој каде, во што и за што си дозволил да зацапа во длабокото. Убавото во ваквите муабети е дека нема цензура, дека нема оправдување на себеси по секоја цена, дека нема лажење и себезалажување. Таа искреност и тоа целосно отворање едни пред други, ме натера да сфатам дека секој од нас барем еднаш бил во токсичен однос, од кој излегол збунет, повреден, огорчен, уплашен.
Токсичните односи знаат да бидат големо училиште во кое на многу тежок начин учиме дека не се јаде сé што лета, дека зборовите се ништо во споредба со делата, дека позади питом и кроток изглед може да се крие тежок манипулатор, но истовремено учиме и како да се справиме во иднина со луѓето кои ќе ги намирисаме дека се токсични за нас. Мислам дека една од најголемите придобивки од едно такво патење, ми била лекцијата да си ја слушам интуицијата и мојот внатрешен глас кој кога ќе рече “госпожа, не таму”, да не му го шкртнам тоа “не” и да си дадам сама на себе амин да влезам целосно во однос кој ќе ме стори половина човек. Токсичните односи и токсичните луѓе се едно од најболните, но и најскапоцените искуства. Кога ќе научите да ги намирисувате таквите луѓе и односи кои ви ги наметнуваат, ќе научите што значи да се сакате себеси. И не важи ова само за љубовни врски, ами за сите релации кои ги имате со луѓето околу вас. Не ретко е да се види токсичен однос меѓу родител и дете, кој секогаш подразбира манипулација од страна на родителот за да го натера детето да постапи вака или онака, дали со закани или уцени, сеедно. Токсичните односи меѓу пријатели не се ретка појава, напротив, можеби се исто толку чести како токсичните односи меѓу партнерите. Тоа се оние односи меѓу пријателите во кои му требате на “пријателот” за да извади од себе сé што го мачи, но не за да смени, не за да дискутира и најде решение, туку колку да се издува. И секој муабет е ист, секое гледање е исто, секогаш кога ќе кажете дека имате обврски (и навистина имате) тој почнува со “ама многу ми е тешко” и кога ќе одложите сé за да се видите (што значи трупање на дупли обврски), тој ви го врти истиот муабет. И не е работата што врти ист муабет, оти некогаш треба многу време за да се охрабри човек за акција. Не е проблем што некогаш колку и да немате време или можност, ќе најдете за да бидете тука. Проблем е што другата страна нема никојпат осет за вашите проблеми или обврски, па ве третира како личен и бесплатен психотерапевт, без притоа да ве праша низ целиот муабет како сте и дали сте вие ок.
И ако е тешко да ставите точка на “пријателски” токсичен однос, тогаш е уште потешко да ставите крај на љубовен однос во кој секојдневието повеќе личи на депонија, отколку на градина. Она што го прави овој однос тежок за кажување ЧАО и ПРИЈАТНО, се емоциите кои варираат од “го/ја сакам” до “не можам без него/неа”. Да се разбереме нешто драги мои. Секој без секого може и ако мислите дека не можете без некого, тоа е дека потсвесно ви било ставано во глава дека сте никој и ништо без нивната љубов. А тоа е тешко сра*е кое не само што не е точно, ами е и толку црвено светло за аларм што ако видите или чуете таква работа, да го наткренете задникот и да си заминете. Патетиките од типот “никој нема да те сака како што те сакам јас” се чиста манипулација и навидум искази на љубов кои зад себе кажуваат “никому нема да вредиш”. Човек што сака, никогаш нема да каже на љубениот или љубената било што, што ќе доведе до крах на нивната самоувереност или самопочит, никогаш! Да знаете дека токсичните луѓе ќе искористат секакви фрази и зборови само за да ве разнишаат како личност, да станете зависни од нивната божемна љубов и половично внимание, за кое секогаш велат дека е максимумот што го заслужувате. Немирот и чувството на болка се знаци дека нешто не е во ред во односот во кој се наоѓате, несоницата исто, губење на апетитот исто, оттуѓувањето од пријатели и семејството е исто знак на нездрав однос.
И колку подолго сте во таков нездрав однос, толку потешко е за да излезете од него. Но, треба да знаете дека ништо не е невозможно ако сте решени да си го смените животот на поарно. Да се биде активно присутен во токсичен однос е како да си привикувате болест. Да кренеме рака сите кои барем еднаш сме кажале “ќе ми препукне срцето” или “ме боли душата”. И да, чувството е токму такво, како да ќе ви пукне срцето и ве боли она внатре, најмекото, најранливото. Гневот, тагата, анксиозноста, потиснувањето на емоциите се причина за болести на телото. Има разлика кога ве боли глава од промена на времето и кога ве боли глава заради мисли кои ве загрижуваат или растажуваат. И ако во првиот случај може да поминеме со апче за глава, во вториот треба да се позанимаваме со тоа зошто чувствуваме загриженост или тага. Мене редовно ми се случува да ме боли стомак ако сум вознемирена или ако интуитивно знам дека ќе се случи нешто лошо. Интровертноста и потиснување на емоциите ми има направено камчиња во жолчката, а неможноста да плачам ми има сторено да се чувствувам како некој да ми го стиска грлото.
Сега, откако сум во климакс и откако го имам она дека “на овие години не вовлекувам ни јазик, ни стомак” е малку поинаку. Сега си кажувам одма кога нешто не ми се допаѓа или кога сум навредена. Ненененене, нема веќе преџвакување по стотина пати, па ставање на душа, па ме гушело овде или онде. Ма јок. Ама вие кои не сте во климакс, не треба ко мене да чекате хормоните да ви дадат амин за да си ја чувате душата. Бидете попаметни од мене и учете на туѓите грешки.
Ич не е срамота ниту е за потсмевање ако сте биле во токсичен однос од кој сте излегле како преполовени. Тие кои се сметаат себеси за совршени и дека не може таква “глупост” да им се случи, да си јадат ушите. Да знаете дека секогаш важи изреката “сé шо су рекла, по врат су јала” и дека никој не останал поштеден од барем еден однос во кој се превртела утробата од негативни чувства.
Слушајте си го внатрешниот глас, гледајте знаци и слушајте што ви се кажува. Некојпат, зад најукрасените со епитети зборови се крие најголемиот отров и предупредување.
И памтете...заслужувате љубов, среќа, пријателство кое ќе е взаемно и големо. Заслужувате да бидете спокојни и без грч од страв или исчекување на болка.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Замини си
И ич назад да не се вртиш
Оти нема што да видиш
Нема ништо за тебе таму
Барем не она
Што среќна ќе те стори
За срцето да ти пее
И душата спокој да има
Замини си
Без збор и без викање
Без објаснување да бараш
И без објаснување да даваш
Само сврти ја главата
И стори го првиот чекор
Оти тој најтежок е
Оти тој како од железо е
Замини си
Оти од еден убав збор
Никој аир не видел
Ако зад него стотина пцости се
И ноќи неспани од мака
Поттурнати чинии нечепнати
И црни кругови околу очите
Во кои сјајот одамна го нема
Замини си
Оти тој што те плукнал
Пак ќе те плукне
Оти тој што со збор те удрил
Пак со збор ќе те плесне
Оти тој што рака кренал
Пак на тебе рака ќе крене
И што и да сториш, нема да чиниш
Ме слушаш ли?
Дали ме слушаш кога ти велам
Оти никој никого не смее да трпи
За болест на врат да си навлечи
За ден видело да не види
Ме слушаш ли?
Никој не смее отров да ти биди
Кој ќе го пиеш секој ден
Од кој утробата ќе ти гние однатре
И гласот ќе ти го снема
Дур еден ден и ти не исчезнеш
Та можеби тука ќе си со телото
Ама како воздух во себе да носиш
А воздух ќе не можеш да земеш
Како тука....а не си тука
Оти сé земено ти било
Сé што те прави да си она што си
Замини си
За себе
За твојот мир
За твојата слобода
За љубовта кон себе...само замини си