Не се р'чкај со Миа Костова

Добивај вести на Viber

Ја слушам некни Миа Костова како ја брани Христина ли, Кристина ли Едикоја си (ќе се извинам во понатмошниот текст за ова Едикоја си), која е назначена на некоја сериозна функција во некое си едикое наше министерство. (За ова, нема да се извинам во понатамошниот текст, оти преку перчин ми се више сите наши едикој си министерства и подминистерства, сосе сите пиуни и подпиуни, кои се пикаат и потпикуаат, на овие кои само си ја менуваат бојата на фигурите, во оваа, еве веќе триесет и кусур години реми шаховска партија.

Ама ептен преку перчин ми се. Да си немав работа со цвеќињана, со колумниве и со репортажине, или ќе се разболев од мака и ќе чмаев по болници, чекајки некој доктор да се смилува да ме прими, или ќе продавав стан, кола, кредит, што да е, за да отидам “ко чоек“ по некоја од приватнине, каде што пак влегуваш со првична пресметка од две-три иљади евра. Ова додека не влезеш, а излегуваш, соголен до гола кожа, оти “морало“ тука да се направи и ова и она и сите испитувања, пред да те оперираат. А потоа се разбира “морало“, уште ден-два-три-пет да те задржат, за да те доиспитаат. И така се до некои 15-20 иљади евра.

Ова, ако си од Скопје. А ако си од Кратово, или Берово, тогаш си пред локален гранап со пиво, или ракија, како единствен лек за животот што мораш да го живееш и трпиш. Оти ни пасишта останаа, ни овци, ни пчели, ни овоштарници, ни бутур. Се‘ ни земаа, ветувајки ни дека се‘ ќе ни дадат. Ко Алан Форд на времето. За да победиме, не смееме да изгубиме, а за да ви дадеме се‘, мора да ви земеме се‘. За на крај, ние да не можеме да ви земеме толку, колку што вие можете да ни дадате. И да ни дадете и дадете и давате и давате… Ко улави некои. Вие не направиве вакви-ко да ги слушам од потсвест дека ни се потсмеваат зачудени. Зарем можевте и се‘ уште можете толку да издржувате!? - Како да не прашуваат сите колективно. А ние како единствени овци, останати се‘ уште во државава, секоја година им го даваме и она малку руно што ни е останато, пред да почнат коските да ни излегуваат. Ах лелеее… Инаку не знам како поинаку да го објаснам Мијалков со Ферарино во Монте Карло.

Значи, или она со болниците ќе ми се случуваше, или умот ќе ми забегаше, па ќе ги “лежев“ сите.

Ете…, тргнам ли за нив, не да пишувам, само да помислам, цела колумна ми оди. Ах лелеее…

А Миа и Христина ми беа муабетот.

Значи, ја слушам некни Миа, како ја брани Христина, од линчот кој ѝ го приредуваат овие, што сега имаат црни фигури.

Темата е три дипломи на “Оксворд и Харвард“ - се зезам секако, ама ме мрзи сега пак да пребарувам и преслушувам, за да видам, кои се “тутурутки“ ги има Кристина, поради кои овие со бели фигури, ја вадат за најверојатно да им биде светла точка-лаунфер, во целава оваа нова шаховска партија, во која сега тие играат со бели фигури. А искрено и баш ми е гајле, оти не знам што треба да направат, за почне да ми биде гајле и за да почнам да им верувам.

Седи мирна Тања, ќе забегаш пак со нив!, врати се на темата, си велам самата на себе.

Значи темата е “тутуруткиве“, кои Христина ги има “во џебот“, наспроти ботоксот и хеилуронот, кои Кристина ги има пак на лицето.

Има ли врска едното со другото!? Се прашувам јас!

Не би требало да има, а пак некако има.

Од една страна, што е важно какви корекции си направил, ако умееш да го корегираш светот, а од друга страна, може ли човек-жена да прави такви корекции на себе, ако има “сто кила мозок и наука во себе“- ќе прашаат некои од овие претставнициве на предрасудите, за кои еден и еден е два јеботе ја. (Се извинувам на израз)

Па ете може!

Тоа што Миа го кажа, мене скроз ми пие вода, а немам ни корекции направено, ни пак имам толку мозок и наука во себе.

Ама немам ни злоба толку многу, за да седнам и да се бавам со туѓ живот и да го касапам јавно, со толку многу сласт и страст.

И ако морам да бидам, боље ботокси, отколку р’ѓосан ум, душа, јазик и збор.

При тоа да бидам искрена, ништо од ова немаше да знам дека се случува, да не беше Миа и нејзиното видео…

View this post on Instagram

A post shared by Mia Kostova (@miandrija)

Ја знам дека мојава колумна нема да биде ни близу толку читана, колку што беше гледано видеото на Миа и порадо кое Кристина за пет саати стана “Вери пупулар“ на социјалните мрежи и не знам дали е тоа, затоа што немам ботокс, затоа што не играм шах, или затоа што имам триста денари во новчаник!? Се шалам, имам малку повеќе.

П.С Христина Балканов (директор за економска дипломатија во МНР), извини за она “едикоја си“, на почетоткот на текстот. И браво за сите “тутурутки“, што ги имаш насобрано до сега.

Се надевам дека со толку многу наука во себе, нема да дозволиш да те пренесат жедна преку вода, како што нам тоа ни се случува еве веќе триесет и кусур години, исто како што и овој пат се надевам дека ете баш оваа “гарнитура“ е онаа вистинската.

Ах… 


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: