Јас тебе, ти мене
Во човечката природа е потребата за нови почетоци. Сакаме одвреме навреме да затвораме стари поглавија и да отвораме нови. И здраво е да се прави ова. Убаво е човек да го врти својот внатрешен калеидоскоп и да се посматра себе си и одвнатре и однадвор како ги менува своите бои. Како ја менува сопствената слика, својот израз и одраз и пред себе самиот и пред другите.
Велам, здраво е да се прави ова, оти “устоличувањето“ во само “едно“ себе носи здодевност и монотонија. А тие “две состојки“, здодевноста и монотонијата, го прават животот неинтересен.
Кога на човек му е неинтересно, самата природа во него, ѕенѕа одвнатре и бара промена.
Тоа се природни сили, со кои човек не може да се бори. И не само што не може, туку и не треба.
Но, многу е важно, во која насока човек со својата свест, ќе ги носи овие сили, или што се вели на која страна ќе ја врти воденицата.
Тоа е прашање и на свест и на волја.
Науката вели, дека постојат “виши“ и “нижи“ типови луѓе.
Едните ги стремат своите цели кон небесните висини, другите тонат кон дното.
Јас не знам дали се ова природни селекции, кои се срого зададени и кои мора да се така поставен за да постои баланс во природата. Просто да постои рамнотежа. Ми звучи логично.
Дали таа “земјена вага“, се прашувам мора да баласира и од едната и од другата страна подеднакво за да опстојува!?
Знам!, дека најдалбоката точка на Земјата, односно Маријанската бразда, која е дното на Земјата, е речиси приближно идентична со највисоката точка, односно врвот Монт Еверест. Дното и врвот, се бројат во речиси слични димензии. Плус-минус десет проценти.
Така е и со луѓето веројатно. Колкумина се оние кои влечат надолу, кон дното, отприлика толкумина се и оние кои “летаат“ кон небесните димензии. Кон врвот.
Ако е ова навистина вака, тогаш, ова сознание носи едно прифаќање, кое пак од друга страна значи помирување со оваа зададеност.
Не може да се сите ведри, насмеани и разиграни. Не може да се сите оптимистични и сите да ја гледаат светлата страна на животот.
Наспроти нив се оние кои се песимистични, намуртени, оние кои не веруваат во животот и кои речиси постојано креираат проблеми. Најпрво во сопственот живот, истовремено креирајќи проблеми и во животите на своите најблиски, конечно и во животите на оние кои ги опкружуваат.
Прашањето на свест и волја е “златниот клуч“, за решавање на загатката како едните со другите да живеат во хармонија.
Кај животните и кај растенијата оваа хармонија функционира во совршен ред.
Кај луѓето НЕ!
Дали мајсторијата е во прифаќањето и исклучиво во прфаќањето на едните во однос на другите и обратно?
Можеш ли со сила да натераш некого да се смее? НЕ!
Ниту пак можеш да му ја одземеш и симнеш насмевката од лице на оној, кому таа му е природно дадена.
Тоа што си ти ведар и позитивен и што секогаш ја гледаш светлата и убава страна на животот, тоа не значи дека си ти поумен од другиот. Ниту пак нужно значи дека си ти попотребен на овој свет.
Ти си само дел од едниот пол, “Северен или Јужен“ сеедно, кој опстојува исклучиво заради постоењето на тој другиот пол, Северен, или Јужен сеедно. Тоа се двата стапа на крајот, тоа е јин и јанг, тоа е црното и белото. Едните без другите не можат.
Ете тоа е мајсторијата на живеењето и постоењето.
Оној намуртениот да го прифати овој кој севезден се смее, а овој насмеаниов да прифати дека на пријателот од каршија не му е дадена насмевката. Дадено му е нешто друго, што пак нему не му е.
Тоа се тие космички рамнотежи и баланси.
Тоа се тие предуслови кои се клучни и кои човек мора да ги научи за да ја исполни целта на своето раѓање.
Инаку ќе умре, не раѓајки се.
Знам дека е комплицирана цела оваа приказна.
Заплеткана, спротивставена, на моменти и конфузна.
Многу слична на животот.
Златниот клуч е во прифаќањето и само во прифаќањето. Прво себе си, па потоа и другите.
Оти сите оние честитки, за здравје, среќа, љубов, успех, багосостојба… и се што си посакуваме едни на други кога сме во славеничка еуфорија, се всушност честитки, чија што подлога е прифаќањето.
Намуртениот-насмеаниот и обратно. Насмеаниот- намуртениот.
Дај ми Боже сила, да го прифатам она што не можам да го променам.
За многу години!
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: