Целиот живот е прашање на среќа
Среќата е многу важна состојка во рецептот наречен живот.
Од тоа дали човек има, или нема среќа во животот, зависи речиси сѐ.
Да се најдеш во вистинското време на вистинското место е прашање на среќа.
Да те роди мајка ти со к’смет, па и да те фрли на буњиште е исто така прашање на среќа.
Оти ете, некои мајки ги фрлија своите деца и во најубавите и најголемите кралски палати, но не им дарија среќа.
Да ти се погоди партнерот, со кој што треба да го поминеш целиот живот е што друго ако не, прашање на среќа.
Да ти се погоди детето кое што ќе го родиш е исто така среќа. Оти нели од иста мајка и ист татко две деца, едното чурук, другото мелем.
Прашање на среќа е и да ти се погодат родителите. Ако се тие погодени еден со друг, ќе ти се погодат и тебе, ако не се, ете ти несреќа, за која не си ни крив,ни должен.
Да ти се погоди и колегата на работа и шефот и директорот, конечно и работата што ја работиш, сѐ е тоа прашање на среќа.
Секој од нас е надарен за нешто.
Благословена среќа е прво да го откриеш тоа за кое што си надарен, а потоа уште поголема среќа е животот да ти се насмее и да те погали со среќа, за да го работиш, токму тоа за што си надарен и тоа што ќе те прави среќен.
Затоа велам, среќата е таа, која е клучната состојка во рецептот наречен живот.
Има само едно многу големо и важно прашање.
Дали е сепак таа зададена и прецизно предодредена од наречниците на треќа вечер, па човек не може ништо против тоа, или е сепак мајсторија, која човек може и сам да ја создаде.
Дали е таа строго чувана тајна, до која можат да дојдат само оние кои имаат вештина да го отворат сефот во која “животот“ ја сместил и ја чува како суво злато. Како суво злато и во строго одредени количини, кои претставуваат строго “доверлив документ“ и строго чувани резерви на среќа, на Планетата Земја.
Може ли човек сам да ја создаде!? Или пак и наопаку да се преврти, ако не му е дадена, не му е дадена и тоа е.
Во разрешувањето на оваа клучна животна дилема, ја повикувам на помош верата, односно вербата.
Вербата и верата, како две исто така мошне значајни состојки во рецептот наречен живот.
Конечно ако е точно, а се покажало дека е така, дека она во што веруваш, тоа ќе ти се случи, тогаш тоа значи дека дури и да не ти е даден и ч’кртнат к’сметот од наречниците на треќа вечер и дека дури и да не те родила мајкати под среќна ѕвезда, ако ти самиот се натераш и научиш да веруваш во неа, можеш да ја создадеш.
Точно е, дека е тоа потешкиот пат, отколку да ти беше сама по себе дадена, но истовремено тоа е и повозвишениот начин.
Радоста е секој пат поголема, кога за нешто ќе се избориш и ќе успееш во тоа, отколку кога истото тоа ти е дадено на подарок.
Можно е дури, ако среќата ти е дадена на подарок и да не си свесен за неа. Наспроти тоа пак, ако сам се избориш за неа, тогаш е невозможно да не си свесен.
Создавањето на сопствената среќа и свеста за неа е најубавото нешто што човек може да си го подари сам на себе.
Ништо поубаво од подароците кои сами себе си ги пакуваме за секој празник, за секој роденден и за секоја Нова Година.
Само човек, кој умее прво себе си да си спакува и подари подарок, знае и умее и другому да спакува и да му подари.
Ова веќе не се строго чувани тајни, ова се јасни, гласни и многу точни вистини.
Во Новата Година ви посакувам токму ова, прво себе си да се спакувате подарок, па потоа на другите.
Нека биде тоа вербата и верата во среќата.
Во радоста, во убавината, во добрината, во честа и чесноста.
Ништо поубаво од вака спакуван подарок.
Што и да им подарите на другите и што и да ви подарат другите, или не, ако себе си, си ја дарите вербата во среќата, ве чека здрава, успешна, бериќетна и љубовна Нова Година.
Со среќа!
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: