Сите сме на панични напади!
(Продолжение од минатиот четврток)
…, седнаа како “попчиња“. Без приговор и со целосна послушност.
Веројатно имав авторитет и строгост во гласот и стасот, каков што ретко имам.
Не знам да нарeдувам и не знам да се карам. Или се заплеткувам, или почнувам да се смеам, а ако сум во право, а не можам да докажам, ми се случува и да почнам да плачам.
Така што од строгост и авторитет, нула.
Ме збуни и мене нивната послушност за миг, оти си помислив дека ќе ми речат, “еј тетке, ај не го тупи, што знаеш ти, како функционира нашето време“.
Ама не ми рекоа! Не знам, ваљда се “прошлепав“ на она што претходно му го пакував и токмев на едниот од нив, за девојка му.
Ги вклучив сите внатрешни млазни мотори, за да не ми “мрдне брк“ и да не ми личи приказната како да им ја раскажувам Волкот и трите прасиња.
Иако кога почанв со беседата, токму така ме гледаа.
Како дечиња кои слушаат приказни од Ханс Кристијан Андерсен.
Вака!?, - значи вие имате апликација на мобилните со која се следите едни со други и со која во секој момент знаете кој, кај е!: Така!?, добро ве разбрав!?
-Да!
Тоа значи дека, иако е таа сега во Грција, ти знаеш кога пие кафе, кога е во Зара, кога руча и кога се прибира во хотел?
-Да.
Таа знае кога ти стануваш, кога излагаш, кога се тушираш, кога јадеш, кога си на бензинска, кога во цвеќара..!? Така!?
-Да!
Вака сега, мислам дека и да ве прашам како се чувствувате поради ова, нема да знаете баш најдобро да ми објасните. Не поради друго, туку поради тоа што вие веќе сте заплеткани во лавиринтот на логичното односно, нелогичното размислување.
Логиката е вештина, која се развива преку “живи и активни“ искуства. Логиката е многу важна “патерица“, односно бастун, на кој можете многу добро да се потпирате во животот. Логиката од една, а интуицијата од другата страна. Овие две се алфа и омега адути во животот. И, колку и да звичи блесаво тие се во тесна врска со математиката во која еден и еден се два.
Вие такви искуства имате секојдневно, не дека не.
Но, проблемот е во тоа што вие сте на темната страна на тие искуства. Во темница сте. Ниту ги гледате, ниту пак ги “логизирате“ настаните кои ви се случуваат. А интуицијата комплетно ја умртвувате.
Кога буљите во телефонт, сосем ви е сеедно дали надвор грее сонце, или паѓа снег. Вие ништо од тоа не забележувате.
Исто како што не го забележувате тоа, исто така не ги забележувате ниту сопствените “сонца и бури“.
Во темница сте и животот сосе сите негови приказни, поминува покрај вас.
Знаев дека ја комплицирам работава и дека звучам “тумач“ филозофски, ама ризикував, правејќи ја сега таа дистанца помеѓу нас, дека јас сум професорката, а тие студенти на приемен испит, кој им е важно да го положат.
Седеа и слушаа. Тоа ми даваше сила да продолжам.
Продолжив во нивни стил.
Види брат, (им се смени изразот на лице малку, се опуштија. Во првиот дел се чувствуваа малку стегнато, а сега, како да сфатија дека сум тотал на нивна страна) и двајцата знаете дека еден и еден се два така!?
-Да.
Во оваа приказна која вие сте почнале да ја играте вие не сте двајца. Вие сте тројца.
Тој третиот кој што сте го пуштиле да ви влезе во животот, е тој кој ќе ви го уништи животот.
Тој е следачот. Нему му ја давате главната улога во вашиот живот.
Признајте дека постојано се вклучувате на таа апликација и дека цело време гледате кај е, што прави, со кого, зошто е, како е.
Така е! - велат.
Потоа признајте дека, постојано се чувствувате како некој да ве следи. Дека не сте раат ни кога јадете, ни кога спиете, ни кога сте со другарите на пијачка, ни… никогаш.
Да бе, се вклучува еден од нив. - Еднаш ми вика ќе одам на депилација, а ја знам дека на депилација оди тука во Аеродром. Глеам на телефон, и глеам дека е во Центар. И ѕвонам, не ми крева. Па и ѕвонам, па не ми крева. Пишувам порака, не одговара. Три саата.
Почна да ми чука срце, почнаа да ми се потат рацете, почна паника да ме фаќа.
Без да ми кажеш, знам дека сите имате панични напади. Тоа ви е сега многу ин. Сите за тоа зборите.
Имам другарка психолог, нема место кај неа до декември другата година. 90% од вас се “на панични напади“.
Тоа ви е од “следачот“. Тој ви го контролира умот. И умот и срцето и душата.
Еве на пример, ти сега ја излажа, и викаш дека другар ти купува цвеќе за девојка му, а не ти. Така!?
Таа ќе ѝ се јави во меѓувреме нејзе и ќе ѝ каже дека дечко ѝ ѝ купува цвеќе. Да се спреми.
Оваа ќе чека и ќе се радува. Ти ќе одиш кај неа, без цвеќе, таа ќе си помисли којзнае што… Триста глупости.
Од друга страна, ти па ќе одиш со латициве и со ружава кај твојата девојка. Ќе ѝ биде драго, ама од друга страна, ќе се сети колку лесно и брзо си ја излажал. Друг пат ќе ти рече, како што ме излажа тогаш, веројатно пак ме лажеш.
Од друга страна, тука си веќе 15 минути. Јас имам млада продавачка во прва смена која е многу згодна и убава. Што прајме, ако дојде девојка ти по апликација на адреса, за да види кај си се задржал толку време и ја затече згоднава девојка од прва смена.
Оди објасни да те видам.
Почна да се ококоруваат и да подзинуваат.
Од кај знаете ми велат, секој ден ни се случуваат вакви ситуации.
Знам, им велам! Оти се дружам со логиката и интуицијата. Тоа што вам ви го зема “следачот“.
-Што да правиме сега!?,прашуваат.
-Има само едно чаре.
Одма сега денеска, вечерва, да идете кај нив и вака да им кажете!,
“Види љубави, јас ти верувам, се надевам и ти мене.
Те сакам многу, знам дека и ти ме сакаш. Сакам да ја избришеме апликацијава“.
Не доаѓа предвид, велат. Ќе ни раскинат.
Нема да ви раскинат!
Вложувам сто и една ружа во големо сомотно срце за секој од вас дека нема да ви раскинат.
Ако ви раскинат, дојдете по срцето. Ќе го однесете, ќе ви се смират и вратете ја апликацијата.
Па што ви даде господ.
Толку од мене.
Гитла сеа.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: