Ќутекот, кога тогаш, мора да се изеде

Добивај вести на Viber

И сега …!? Што сега …!?

Демек треба да седнам и да пишувам нова колумна, бидејќи доаѓа нов четврток, нов термин за нова приказна …

Ниту нов четврток доаѓа, нит нов термин, нит пак имам нова приказна. Ништо ново немам. Ништо!

Нит ми се пишува, нит пак имам што да кажам.

Ко глува кучка се чувствувам.

Ко глува кучка која искината и парталава талка по празни студени и сиви улици, душкајки по грозни и смрдливи контејнери, барајки којзнае што …!?

Некоја смрдлива коска.

Смрдлива коска џитната од оние кои безмилосно ни ги глодаат и коските и душата и телото и снагата и умот.

Ете таква коска барам, за да ја доглодам до крај. Можеби ќе биде тоа мојата коска. Сопствената.

Можеби од мајка ми, или од син ми, или од било кој од вас-нас, кои не доведоа до ова дереџе.

Да се глодаме сами помеѓу себе. Сами да се гриземе и глодаме. И одвнатре и однадвор.

Не сум само јас вака. Сите сме вака. Сите ние, кои што не сме вие.

Многу пати ми доаѓало да направам хипотетичка теза, дали ако и јас бев „вие“, ќе го правев истото!?

Дали секој од нас ќе биде „вие“, доколку му се даде можност.

Мора човек да е искрен до гола кожа, или коска, за да си одговори на некои прашања.

Не постои друг пат. Не постои друг начин. Не постои! Едноставно не постои.

Секој од нас вели, дека никогаш не би го правел истото. Што го правите „вие“. Ама ова се прилично субјективни тези, за кои не можеме да тврдиме дека се точни, се додека не ни се даде вистинска прилика да го провериме тоа. На терен, што се вели.

Оти познавам луѓе кои се колнеле пред крст и кандило, дека нема да чепнат, па ги понела страста.

Таа одвратна ниска страст.

Затоа велам не знам. Не знам дали секој од нас би го правел истото. Оти сулудо ми звучи да сме толку различни „ние“ и „вие“.

Мајка ми, ми вика дека не би била, дека не сум така нит скроена, нит воспитувана.

Мајка си ми, затоа викаш така.

Не!. Не дека сум ти мајка. Знаеш дека прва на куцо магаре те качував кога ќе беше заслужила.

До ден денеска ти кажувам, ако не ти е нешто „за машала, или за алал“.

Се сеќаваш ми вели, кога татко ти руките ти ги искрши, кога се осуди да чепнеш во семјената фиока.

Се сеќавам велам. Како не се сеќавам. Модра бев. Епа!

Во семејната фиока, стоеа двете плати на мајками и татко ми. Двете плати на ачик, во фиока. За да те мамат да земеш.

За да те мамат до зла Бога. Ко дете на шампита, или сладолед. Ко онаа сценана од „Беше еднаш во Америка“.

И ме намамија. Земав! За да си купам сликички за Сара Кеј.

Не ги пребројуваше татко ми парите секој ден. Не! Не го правеше тоа за, едвај да чека да не фати, па да не згрбави од ќутек.

Никако. Ама ете, баш тој ден ги преброја. Фалеше една „црвена со коњот“. 100 динари.

Кај се!? Кој зел!?

Не знам, не сум јас.

Ела ваму!, кај се парите прашав!?

Не признавав. Почнав да се колнам и да лажам.

Ме скрши од ќутек. Еднаш тогаш и никогаш повеќе.

Се скрши и тој самиот. Сега знам дека е така.

Тогаш не знаев. Мислев дека не ми зборува цел месец, бидејќи ми е лут.

А тој, не ми зборувал, бидејќи и тој се скршил.

Сега го знам тоа.

Мајка ми тогаш ми рече дека „ако признаеше, ќе беше само казнета и многу полесно ќе поминеше. Ќутекот го изеде, бидејќи лажеше“. „Бидејќи направи две грешки истовремено“.

„Ем украде, ем излажа“.

До ден денес зборуваме за ова. Тоа се ќутеци и ситуации, кои никогаш не се забораваат.

И велам, а што ако токму поради тоа сум отишла за инат контра-смер. Па да крадам и да лажам за инат секој ден.

Е тука ти нема спас. Тоа е ризикот на родителот, кој тој го презема „со сиот свој сопствен ризик“.

Или ќе скрши, или ќе те уништи.

Затоа и татко ти се скрши тој ден. Бидејќи и тој не знаеше, што ќе побуди тоа кај тебе.

Значи се е прашање на среќа.

Наречи го ти како сакаш, ама ете, ти оттогаш натаму не се осмели веќе нит да украдеш, нит да излажеш.

Како дете мало, до ден денеска се прашувам дали овие што секој ден крадат и лажат, никогаш не изеле таков ќутек, или изеле, ама ете тоа кај нив придонело сосем контра-насока.

Ја не знам, никако поинаку да мислам, оти ете и мајка ми до ден денес, таа на осумдесет и кусур, јас магарица на педесет и кусур, ми го тврди токму тоа. Дека од тој ден сум почнала да мислам, така како што треба да се мисли.

Ништо друго, немам што да кажам.

Уште ме јаде јанза, дали како што џамлии, мора секој човек да изигра додека е дете, за да стане човек, така викаше баба ми …

„Ако не изиграш џамлии додека си мал, ќе ги играш кога ќе пораснеш“.

Е, па исто така, ако не изедеш саглам ќутек додека си мал, ќе мора да го изедеш кога ќе пораснеш.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу:

Default_20250326-082538.mp3