Ако оваа вистина што ќе ја прочитете ви предизвика мачнина, можеби ќе помогнеме овој пекол да не се повтори

Забелешка: Не го читајте текстот ако не сте спремни да и погледнете на вистината во очи, да преземете лична одговорност и да се почувстувате многу мачно. Но, со тоа можеби и да помогнеме пеколот никогаш да не се повтори...
Во последните траорни денови кога речиси буквално пеколот се пресели на земјата и тоа токму во Македонија и во него животот го загубија 59 невини ангели, а многумина уште се борат, за неброено повеќе семејства, роднини, пријатели, другари, сакани тој пекол ќе трае до крајот на нивните животи. Jас, а веројатно и секој од нас, просто не знаев ниту што да кажам ниту што да мислам. Искрената душевна болка дотолку го парализира човечкото битие.
Но, ако сега било што и има смисол да се направи, тогаш покрај утехата и помошта на семејствата на загинатите и повредените, тоа е само одговор на прашањето: „Што треба да се направи за вакво нешто никогаш да не се повтори и животите на ангелите и хероите кои згаснаа, да бидат темел на подобра иднина за многу други нивни врсници?“ И не само да одговориме, затоа што лесно е да се зборува или да се пишува. И овие денови сите тоа го прават. Туку и да делуваме.
За разлика од многу други, сакам да споделам малку поинаква перспектива. Затоа, иако е од огромно значење, нема да дискутирам кој е виновен, кој со колку придонел. Или кој е „највиновен“, бидејќи секако ова многу се дискутира и секој има свое субјективно мислење за тоа дали вината е кај сопственикот на дискотеката на субстандарден објект кој не ги исполнува условите за таа намена, или пак минатите службеници во министерството за економија, ДПИ и други институции. Дали сегашните кои сепак можеле да реагираат пред ова да се случи. Дали...Можеме да редиме уште. Но, за тоа има истрага и ќе ги добиеме одговорите.
Сакам да го споделам она што извира од длабочината на душата и како такво е можеби најмеродавно. Сакам да извикам дека:
„Освен сите погоре (кој многу, кој малку, кој свесно, кој несвесно) секој еден кој побарал и земал поткуп за било што во годиниве зад нас, за да прогледа низ прсти и направи нешто незаконски има крв на рацете од овие дечиња. Секој кој понудил поткуп за да си заврши некоја работа за себе, исто така. Па и оние кои дале зашто морале, помалку, но сепак и тие го хранеле чудовиштето кое сега ни ги голтна невините деца...И сега мора многу погласно и побестрашно сите да се бориме против него. Зашто и ние тивките, макар сме помалку, имаме придонес токму затоа што сме молчеле и не сме се бореле доволно за да спречиме...“
Да, сега пак можеме да бараме милион изговори, да кажеме дека политичките фели кои не уништуваат повеќе од три децении, се оние кои ги наметнаа тие правила, кои партиската припадност ја доведоа до ниво на ултимативен критериум (наместо чесноста и стручноста), кои... Сме го слушнале тоа милион пати. И го знаеме. И така е. Суштинското прашање е што сме направиле и што ќе направиме ние, секој од нас, за тоа да се промени.
И се додека кога други го прават тоа ние осудуваме, а кога се работи за некој наш „мора така“.Се додека кога некој ќе проба аргументирано да се спротистави, коментарите ќе бидат „абе како не, ти ќе ја оправиш државата“ или „ ајде седи мирен и не зборувај пред секого“, „молчи имаш фамилија и убаво живееш“, се додека личниот интерес ни е далеку над заедничкиот и се додека стравот е посилен од желбата за подобро, ние сме осудени да ни се случуваат вакви трагедии.
Да не се лажеме и да не се правиме наивни, па секој од нас околу себе е сигурно или учесник или сведок или слушнал за некоја корупциска приказна – од најниско до највисоко ниво. Секој од нас нека се погледне во огледало и искрено нека си каже дали не е така. И сега како сите да сме изненадени како и зашто се случи ова. Па со ваков систем, поединец и пристап прашањето одамна не е „дали“, туку „што, кога и каде пак“.
Душата ми плаче и тешко ми е да зборувам за ова, но како што и реков, на ангелите и хероите од Кочани, ама и на нашите и на многу други деца, сега сме им должни. Должни сме да ги вградиме животите на оние кои ги изгубија во темелот на подобра иднина, за да им се зачува споменот, за да им бидеме благодарни засекогаш. Должни сме им тоа да го направиме како мало парче утеха за нивните најблиски, барем некогаш да почувстуваат дека неописивата болка и ненадоместливата загуба можеби не била сосем залудна. Должни сме на себе, за барем малку да си ги испереме гревовите на тоа што навреме не сме го направиле, што им овозможивме на криминалните медиокритети да ни ги убијат и избркаат најдобрите деца за да владеат со нас останатите.
И немојте да се жалите дека не може да се направи ништо. Тргнете од себе, од тоа како и на што ги учите своите деца, дали сте гласни на неправдите, дали се борите против и го пријавувате криминалот или го храните. Дали ги почитувате правилата и прописите или ги кршите зашто „абе не е битно“ или „абе сите така прават“.
И конечно, за оние кои не само што биле корумпирани туку ќе продолжат по старо – ако воопшто имате трошка совест, сега и на јаве и на сон ќе ве прогонува мислата дека не само што рацете ви се крвави и сте придонеле за смртта на ангелчињата, туку и непокајано продолжувате да го правите истото! А за тоа потешко се простува.
Почивајте во мир души ангелски, ви благодариме што ќе ни бидете светлина и сила во мракот кој ни го наметнаа. Вечен да ви е поменот. Ние виновните возрасни имаме должност да се бориме да не е залудна вашата жртва...
Соња Алексоска Недековска