Во раката имаме пет топчиња, четири се од стакло, а едно од гума – кое од нив е најважно во животот?
Честопати на социјалните мрежи наидувам на мудри мисли и цитати кои ги споделуваат луѓето. Животот е мозаик на искуства, емоции на тага и разочарување, на пораз или триумф. Од споделената мудрост може да се претпостави со каква мака или радост се соочуваат во тој миг.
Мудрите цитати, мисли или приказни се како водич низ лавиринтот на секојдневното битисување, нудејќи ни перспектива која помага подобро да се сфатиме себеси и светот околу нас. Не поттикнуваат да размислуваме, да се соочиме со предизвиците и да пронаоѓаме сила и мудрост внатре во себе. Тие се кратки, ама суштински. Доаѓаат од најразлични извори, од древните филозофи до современите мислители и пренесуваат универзална вистина која одекнува низ времето.
Прославата на едни од најрадосните празници Бадник и Божик, ме поттикнаа да ви споделам една мудра приказна за петте топчиња.
Секој од нас во својот живот во раката има пет топчиња. Четири се од стакло, а едно е гумено. Четирите топчиња од стакло ги претставуваат здравјето, семејството, пријателите и моето ЈАС. Гуменото топче претставува сè што е врзано за материјалните вредности, пари, работа, слава, уживање.
Целиот живот жонглираме со тие пет топчиња, да ги задржиме сите во раката. Кое било од стаклените топчиња да падне, ќе се скрши. Го губиме и веќе го нема. Што значи тоа? Го губиш здравјето, го губиш семејството, ги губиш пријателите. Можеби најлошото е што се губиш себеси, своето достоинство, својата слобода, својата душа, својата личност, своето ЈАС.
Единственото топче кое може да падне, а да не се скрши е гуменото. Исто така при падот може да се одбие од земја, повторно да оди горе. Денес тоа е горе, високо – имате прекрасна работа, многу пари, слава, уживање. Утре е на дното-немате убава работа, немате пари, немате слава, немате уживање. Па, утре е пак горе. И така цел живот тоа топче кај сите нас оди горе-долу.
Што е поентата на оваа мудра приказна? Ако сакаме да бидеме успешни во животот мораме во раката да ги задржиме сите пет топчиња и да балансираме со нив. Ако четирите стаклени топчиња ни паднат или барем едно од нив, тогаш гуменото топче нема ништо да ни значи.
Денес православните христијани го слават Бадник. Ден на кој целосно ќе му се препуштат на домот, на семејството.
Ќе можат ли да го почувствуваат празничното расположение, ако за нив народната изрека „кај и да си, за Бадник дома да си“ не е почитување на традицијата, туку се приморани тоа да го направат поради нарушеното здравје. Или пак се распукале како „кора од калинка“ и не можат да се состават – зашто изгубиле многу делови од себе.
Утре е Божиќ. Дали среќата е во богатата софра, без најблиските. Или во скромната софра која ја опкружува семејство составено од повеќе генерации. Имате ли пријатели на кои ќе им ги честитате празниците?
Божиќ се празнува како спомен на денот на раѓањето на Исус Христос. Тој е празник на радоста и заедништвото. Сето тоа е сублимирано и во народната молитва „Дај Боже здравје и веселба во домот“.
Би дополнила“Дај боже успешно да жонглирате со сите пет топчиња“. Ако не ви успева, нека ви падне само гуменото.
Богатството кое се губи, може повторно да се стекне. Тоа што ќе го изгубиме внатре во себе и околу себе – тоа е изгубено засекогаш.
За многу години!
Соња Алексоска Неделковска