„Секоја жртва што до ден денес ја имам направено за да го достигнам ова ниво дефинитивно вреди": Интервју со Христина Наќевска Митрашиновиќ, балерина во НОБ
Желбите
на малите девојчиња за тоа што сакаат да бидат кога ќе пораснат обично се
поврзани со балетот. Посакуваат да бидат балерини, облечени во прекрасните
раскошни костими и да ги научат грациозните движења. Но, има и девојчиња кои
воопшто не сонувале за оваа професија, но денес се успешни балерини.
Христина Наќевска Митрашиновиќ е една од нив која никогаш како мала не сонувала дека ќе биде балерина, но на само 10 години стапнала на сцената на НОБ и токму од тој момент знаела дека тоа ќе биде нејзината животна професија. Наќеска денес е успешна солистка во Националната опера и балет. Во нејзината биографија се запишани улогите одиграни во балетските претстави како „Лебедово езеро“, „Жизел“, „Дамата со камелии“, „Кармен“, „Госпоѓиците од Авињон“, „Пепелашка“, како и улогите во оперските претстави „Евгениј Онегин“, „Аида“, „Травијата“, „Адријана Лекуврер“, „Турандот“ и други.
Поддршката изминатите осум години ја има и од нејзиот сопруг, Мирослав Митрашиновиќ кој исто така е солист во НОБ. Балетот ги спои и како балетски партнери и како брачни партнери.
Вечерва на сцената на НОБ, Христина ќе игра во балетската претстава „Валпургиска ноќ“ од Шарл Гуно. За која претстава Христина вели дека е дел од операта „Фауст“ и е ведра кратка приказна, танц којшто изобилува со сложени балетски движења, а таа ќе го игра главниот женски лик во претставата.
Балетската приказна на Наќевска Митрашиновиќ започнува вака:
- Морам да признаам дека како мала никогаш не сум сонувала да станам балерина. Меѓутоа мојата тетка, којашто во тоа време беше солист во Македонска опера и балет, ме однесе на еден балетски час и балетска претстава. Ме привлече целата таа магична атмосфера, балерините, нивната грациозност, балетските костими. Следната недела се најдов во балетската сала на ДМБУЦ - Илија Николовски Луј и знаев дека тоа е тоа што би сакала да го работам.
Понекогаш животните патишта се чудни. А понекогаш и знаат каде водат, само треба да се препуштиш на нив.
- Патот да се стигне до врвот како и за секоја професија така и за балетската е трнлив и тежок. Секоја жртва што до ден денес ја имам направено за да го достигнам ова ниво дефинитивно вреди. Балетот е дел од мојот живот, уживам додека го работам она што го сакам.
Наќевска Митрашиновиќ оваа година слави јубилеј, цели 10 години испишува историја на балетската сцена на НОБ. Симболичен е овој број, токму на 10 години ја започнала и нејзината балетска кариера.
- Дел од Националната опера и балет сум веќе 10 години, прво како ансамблов играч, а денес солист. Моето прво искуство со балетскиот ансамбл при МОБ беше во претставата „Оревокршачка“ и тоа на 10 годишна возраст, каде играв во улогата на дечињата во првиот чин од претставата, а години подоцна, односно кога веќе сум дел од ансамблот на МОБ ја добив првата побитна улога – селско па де де од балетот „Жизел“.
Улогите не ги брои, но сите кои ги има одиграно од последен ред ансамбл до први улоги ѝ се подеднакво драги бидејќи за секоја улога вложила голем труд и многу љубов. Но како најдраги ги извојува – Кити – од балетот „Ана Каренина“, Аурора-„Заспаната убавица“, Китри-„Дон Кихот“.
Да се биде балерина не е лесно, но е големо духовно исполнување. Пробите се важна секојдневна рутина на секоја една девојка која одлучила дека ќе биде балерина.
- Денот ми започнува најпрво со балетски вежби, коишто ги имаме задолжително секој ден од 10 часот. Подоцна во зависност од репертоарот на НОБ следуваат балетските проби за претстојните претстави и траат до 15 часот. После напорниот ден исполнет со проби секогаш гледам да си дадам барем 30 минути за истегнување на мускулите и одмор после напорниот ден.
Подготовката на една балетска претстава зависи од тежината гледано од технички и драмски аспект, улогата но и од способноста на самата балерина.
- Пред да застанам на сцена секогаш се фокусирам на тоа што треба да го постигнам. Максимално сум фокусирана на улогата, нема да кријам дека присутна е и тремата, возбудата, меѓутоа се тоа е дел од работниот процес. Подготовките за секоја улога и претстава се различни, се тоа зависи од тежината на самата улога, како технички така и драмски, меѓутоа конкретно за мене доволни ми се 2-4 недели. Има улоги коишто се полесни технички, но потешки во драмскиот дел и обратно, така што временскиот период за подготовка зависи и од самата балерина и нејзините способности како и од улогата којашто ја игра.
Грациозните движења на балерините под рефлекторите на сцената, ги надополнуваат и раскошните костими кои не секогаш се удобни за носење. Но кога на крајот балетската претстава ќе биде поздравена со стоечки аплауз и овации од публиката се заборава на неудобноста.
- Балетските костими за која било претстава изгледаат раскошно и магично на сцената, меѓутоа не би рекла дека се преудобни за во нив да поминеш добри два часа на сцена. Но, има и костими што не ни чувствуваш дека ги носиш, во зависност од материјалот од коишто се изработени. Кога станува збор за балетските шпиц патики – како што ги викаме ние балерините, конкретно за мене не претставуваат проблем бидејќи повеќе од 15 години сум секој ден по минимум 4 часа во денот со нив на нозе и едноставно стапалото ми е веќе навикнато на нив. Точно е дека некогаш имам тешкотии, посебно кога повеќе време во текот на денот поминувам со нив на нозе, но се издржува и вреди посебно кога ќе го видиш финалниот резултат.
Ритуалите пред претстава за Христина се сублимат на сето она што се работело во изминатите недели кога се подготвувала претставата, но најважно е некое време да помине сама во гремиорната.
- Еден час пред да излезам на сцена секогаш практикувам да си повторам се што до тогаш е кажано од страна на моите ментори, сите забелешки – драмски моменти или технички. Највеќе ми одговара пред претстава да сум сама и максимално фокусирана на тоа што треба да го работам во наредните 2-3 часа.
Младата публика се враќа во салонот на НОБ, што претставува голема радост за
Христина бидејќи со тоа на репертоарот ќе се вратат и балетските претстави кои се наменети за децата.
- Можам да кажам дека полека ни се враќа балетската публиката што посебно ми е драго бидејќи ние играме за нив, за публиката. Последниве неколку месеци имавме доста детски балетски претстави, па со тоа и млада публика во салон што многу ме радува, нема ништо поубаво од среќни насмеани дечиња коишто со нетрпение те чекаат да излезеш на сцена. Ќе продолжиме и понатаму да ја радуваме најмладата публика и да играме детски претстави бидејќи тоа е нашата идна сериозна публика.
Балетот не само што и донесе успешна кариера и професионално ја исполни, туку и ја донесе и љубовта на нејзиниот живот. Скоро една година е во брак балетанот Мирослав Митрашиновиќ кој исто така е солист во Националната опера и балет.
- Јас и Миро се познаваме долги години, уште кога бев во средното балетско училиште, тој беше мој партнер на годишните концерти, меѓутоа тогаш само како колега, никогаш не ни помислував дека еден ден тој ќе биде мој сопруг и моја поддршка. Нашата приказна започна спонтано пред 8 години и еве до ден денес сè уште трае и од ден на ден љубовта станува посилна.
Брачни партнери дома, балетски партнери на сцена. Поддршката еден за друг ја имаат постојано. Предност е што одбрала сопруг со иста професија, бидејќи може да предизвика непријатност кај брачниот партнер кој не разбира како функционира професијата – балетан и балерина.
- Поддршката е огромна како од негова страна така и од моја. Не секој брачен партнер би го разбрал ова што ние го работиме и би бил огромна поддршка. Пред сè бидејќи некогаш е потребно да останеш во сала до доцна навечер-надвор од работно време, да играш со друг партнер на сцена, па сето ова на некој можеби ќе му изгледа многу претерано и чудно, но среќна сум што и двајцата сме со иста професија, па знаеме како функционираат работите.
Среќна сум што ми помага и во сала и надвор од неа и навистина сме си силна поддршка еден на друг.
Кога аплаузот и овациите ќе стивнат, светлата ќе се исклучат, завесата ќе се спушти, Христина е една обична девојка која сака да прави работи кои ја исполнуваат. Патување, дружење, готвење.
- Кога не сум на сцена или на проба гледам максимално да го искористам времето во друштво на фамилијата и пријателите, многу сакам да патувам кога имам можности за тоа, ги сакам планините поради мирот и чистиот воздух коишто го нудат. Исто така често сакам да сум во кујна, сакам да готвам, но не секогаш можам многу да јадам. Со еден збор сакам да уживам во сите оние убавини што ми ги нуди животот и максимално да го искористам слободното време бидејќи во денешно време е доста скапоцено.
Габриела Додевска ГлигоровскаФото: Приватна архива