Билјана Санев, професионалец за развој и управување со човечки ресурси и организациона култура: Спортот и компаниите би можеле многу да научат еден од друг

Добивај вести на Viber

Повеќе од 1000 навивачи ќе ја бодрат македонската ракометна репрезентација на вечерашниот натпревар со Холандија. Дел од нив е и Билјана Санев, професионалец за развој и управување со човеки ресурси и организациона култура.

ЖМ: Што е тоа што Ве привлекува кај спортот и спортските натпревари?

- Спортските натпревари од секогаш ме привлекувале како феномен. Тимскиот дух е ист без разлика дали е во спортска соблекувална или во канцеларија. Светот на спортот и светот на компаниите би можеле многу да научат еден од друг. Без разлика дали се работи за градење продуктивна тимска средина или создавање на правилен „етос” на компанијата, победничките навики ги надминуваат сите сфери на животот. Преку промовирање на заеднички збир на вредности, со кои поединците и тимот можат да се идентификуваат, се ослободува вистинскиот потенцијал. 


ЖМ: На кои начини управувањето со човечки ресурси може да се спореди со управување со тим од спортски играчи?

- На многу различни начини. „Синџирот е силен колку и неговата најслаба алка“. Нема секогаш да бидеме мотивирани, но затоа е битна дисциплината, континуитетот, прогресот. Тимот што ќе успее во ова ќе добие внатрешна сила и инспирација за успех. Останува на лидерот да помогне во градењето на овој тип на култура, така што менаџерите ќе се погрижат нивните тимови да не се задржуваат на неуспесите, туку да ги искористат како дел од искуство и иден успех на бизнисот. Способноста на менаџерот и лидерот да ги мотивира и задржи најдобрите таленти стана исто толку важно како и привлекувањето на таленти.

ЖМ: Каква беше атмосферата во Вараждин, на теренот и енергијата на нашата Фаланга навивачи?

- Ако по денот се познава утрото, ова ќе биде одлично првенство за нас и нашите ракометари. Нашите ракометари покажаа тимска игра, имавме лидер, стратегија и тактика на теренот. Во еден меч полн со драма и емоции, нашите ракометари успеаа да дојдат до одличен резултат на почетокот на ова светско првенство во ракомет. Ремито против Унгарија, која во тимот има дефанзивни „џинови“ е за едно големо „Браво”, иако победата ни беше на дофат. Беше драма до самиот крај, добивме бод но можевме да го земеме целиот плен.Сепак, ова беше голем успех за нас.

Нашата ракометна репрезентација покажа карактер и зрелост иуште повеќе ќе расте на турнирот во следните натпревари.  Атмосферата во спортската сала во Вараждин беше неверојатна. Навивачите, нашата „фаланга” беа осми играч, а се очекува уште повеќе наши навивачи и поддржувачи во следните натпревари, кои ќе дадат уште повеќе енергија од трибините. 

Загревањето започна во фан-зоната, каде што се пееше македонска песна, се вееја македонски знамиња, црвено жолто насекаде зрачеше, се чувствуваше еуфоријата пред натпреварот, а се славеше успехот после натпреварот.Фан зоната беше во локалот пивница „Медина Шкриња“, која ќе биде збирното место пред и по натпреварите во „Вараждин Арена“. На теренот одличен ракомет одиграа двете репрезентации и може да се каже поделбата на бодовите на крај е најфер резултат. Унгарија во сите претходните пет средби славеше победа над нас, но во овој напнат двобој, македонските ракометари успеа да освојат поен. Ова е огромна мотивација за нашите во следните натпревари.

ЖМ: Каква е организацијата и Вараждин како град домаќин?

- Вараждин веќе бил домаќин на големи ракометни натпревари, од светско во 2009, па до европски натпревари (машки и женски). Оваа година тој е домаќин на светско ракометно првенство кое ќе се одигра во 3 држави, ќе настапат 32 репрезентации во 5 града домаќини. Вараждин деновиве дише во духот на спортот. Да се види, доживее Вараждин, малку е еден ден, но за љубов на прв поглед доволно е.Мал град,се наоѓа на еден час оддалеченост со автомобил, северно од Загреб,жив град со позитивни вибрации, едноставни и љубезни луѓе. Тој е историски град со прекрасна архитектура и богата културна, спортска и гастрономска сцена. Вараждин е спој на историја и современост, класична и модерна култура, традиција и иновација. Уметноста и креативноста е видлива на секој чекор, спој на традиција и модерно. Дел од магијата на Вараждин во овие спортски денови се енергијата, емоциите, забавата. Треба да се доживее, со зборови не се опишува.Верувам за следниот натпревар ќе дојдат повеќе Македонци, имајќи во предвид дека следниот натпревар со Холандија е во петок, викенд пред нас.

ЖМ: Кои се Вашите очекувања од натпреварот со Холандија?

-Одиме на победа! Неопходно е брзо да се реагира и можеби некои негативни чекори и искуства да се претворат во позитивна акција. Сомнежот во себе никогаш не смее да ја надмине вербата во себе. Ова е моментот кога вистинските лидери ја покажуваат својата сила и вредност и ги инспирираат оние околу нив да го следат нивниот пример. Предизвикот во секој тежок период е да го гледате како можност за растење. Ова многу ќе придонесе за зајакнување на моралот на тимот. Но да не заборавиме да славиме сила, посветеност, упорност, не само головирезултати.

Соња Алексоска Неделковска