Семејството, три слободни места па работата: Искрено со Игор Ангелов

Добивај вести на Viber

Велат- работи го тоа што сакаш да го работиш, само така ќе бидеш успешен и пред се‘ задоволен! 

Кога го правевме ова интервју со актерот Игор Ангелов во буквална смисла на зборот кога тој зборува за неговата актерка кариера, тоа го прави со огромна љубов, страст и длабока емоција.

Тој е добро познат во јавноста особено по неговата улога како Коста во хумористичната серија „Преспав“, но и по улогите на Дедо Менде, детективот Цветко и Цветко во едукативната детска серија „5+ Фамилија“. Има зад себе многу театарски улоги, има играно и на филмови, има снимено и повеќе реклами, но покрај успесите од работата за кои вели дека е горд и секогаш задоволен по убаво завршена работа, на прво место за него е неговото семејството, двата негови синови и сопругата.

Игор искрено за Женски магазин открива детали за него, за кариерата, семејството и животот.

* Зошто баш актерството го одбравте за ваша професија?

- Затоа што е професија со која најмногу можам да дознаам работи за себе, да се истражам себе си, да се поправам како човек и да бидам некој друг.

*Како дете сонувавте да бидете актер или некако спонтано си се наместија коцките?

- Во трета година средно кога бев почнав да читам многу, тогаш ги открив литературата и книгите. Имав дискуинитет, не читав како дете, како дете не читав лектири, но во средното училиште имав една прекрасна професорка по македонски јазик, секогаш велам таа ме научи да читам. Преку нејзе на некој чудесен начин ја открив светската литература, па драмската литература, почнав да одам во театар, го открив тој свет храм. Дека театарот е место кадешто можам да бидам што сакам, кој сакам и тоа ми беше некако магично, привлечно, непознато и го засакав. Се‘ уште кога зборувам за тоа се радувам што успеав да го направам тоа.

По средното сакав да се запишам драмски, но тоа беа години кога немаше секоја година можност да се запишеш на Драмски факултет, немаше класа. Таа година работев се‘ и сешто, читав многу, почнав да читам драмски текстови на некој начин се подготвував за преимениот испит за на факулетот за Драмски уметности. И така, некако таа година помина бргу, полагав примен испит, ме примија и така започнав. 

*Најдраг проект во кој сте учествувале, лик кој сте го глумеле?

- Многу улоги имам драги, ќе започнам со последнава моја улога за монодрамата што ја работам, тоа е нешто што ме возбудува и едвај чекам да ја играм со голем жар и со страст и со сласт си ја густирам претставата. Поинаква е ми отвара некои нови погледи, некои нови светови, сам сум на сцена, публиката е пред мене, публиката станува дел од претставата и тоа  е нешто што како формат е некој нов за мене и секоја претстава е посебно патување. Прв пат работам монодрама. И не е класична монодрама туку публиката станува дел од претставата и тоа е нешто што е возбудливо, бидејќи секоја претстава на оваа монодрама е различна. Не знам во кој правец може да оди и тоа е многу добро. Концептот на претставата е направен да се случува на секоја изведба да се случи нешто ново, неочекувано.

* Што е потешко за работа монодрама или тимски на сцена со повеќе актери во претстава?

- Прв пат работам монодрама полесно поминав, не е нешто дека се изнамачив, сега рака на срце се случи се‘ многу брзо. А во тим.... Театарот е тимска работа да се разбереме, во театарот каде што сме повеќе луѓе се случувале убави претстави прекрасни претстави, кадешто тимот од мои прекрасни колеги ми давале храна, во смисла ми давале инспирација и обратно, проекти кои пропаѓале брзо каде не сме се пронаоѓале, каде сме се промашувале.

* Пред Нова година имавте можност да снимите реклама за ИКЕА, како дојде до таа соработка и дали е различно во поглед на продукција?

- Продукциски тоа е на многу повисоко ниво, многу пари. Нормално, корпоративна реклама, каде има многу пари. ИКЕА е светски бренд и самото по себе значи дека има друг тип на продукција. Тука за жал не сме научени на таков тип на продукција, убаво е да се биде дел од таков проект, ама тоа е сепак реклама. Рекламата е нешто што го работам веќе долго време, ама тоа иако го работам со години тоа не опис и попис на мојата работа. Главни ми се театарот и филмот.

* Која е вашата најголема трансформација која сте ја направиле за улога?

- Во театар можеби. Сум играл се‘ и сешто. Сум играл жаба, жабец, сум играл магаре, сум играл Богови, сум бил Оберон, сум бил Макбет, Крал. А на филм, снимав еден филм „Во срцето на машината“ таму играв еден лик кој физички еве сега кога ќе го гледам филмот не изгледам самиот на себе. Сум многу висок, со некои додатни мускули на себе, трансформации големи и дури и самиот тешко се препознавам. Зборувајќи за физичка трансформација. Инаку имам играно многу ликови кои не сум тој, еве Коста од „Преспав“ е лик којшто апсолутно од публиката е супер прифатен таков лик како што е, но јас сум голема спротивност од тој лик што го глумам/тумачам. 

* Ве застануваат ли на улица граѓани, ве застануваат ли да се фотографиираат со вас. Или некои деца кои пораснаа со „5+ Фамилија“?

- Да, тие дечиња кога ме гледаа кога се снимаше „5+ Фамилија“ сега се по 18/19 години, тинејџери коишто веќе се возрасни луѓе и се случува да. Апсолутно. „5+“ проектот е антологиски проект, тоа е нешто што даде еден таков белег и на мене како актер, како лик и ликовите на дедо Менде, на детективот Цветко, на Цветко, тоа се ликови кои се толку чисти, толку убава порака носат во себе и се вонвременски. Кога велам антологиски и го мислам тоа, затоа што носат една чиста порака која не е обременета со не знам какви значења туку со елементарни работи за возраста за публиката која не гледа. Што е да бидеш чесен, другарството, што значи да се миат раце, што значи дисциплина, што значи неубаво однесување... така да елементарни работи коишто се многу битни за подоцнежниот развој. И многу ми е драго искрено, ако ... знаете како велат секој човек се гордее на тоа што го прави јас со гордост стојам зад тој проект и ми е многу мило кога некој ќе ме застане и ќе ми каже дека ги знаат репликите. Сите епизоди.  Тоа ме прави горд.

* Сте имале ли некогаш непријатна ситуација? Некој некогаш да ве застане да ви пререче за нешто, односно за некоја ваша улога?

- Популарноста и луѓето што ме препознаваат генерално носи убави чувства. Луѓето кога ќе ме видат им побудувам убави чувства. Но се случува, секакви луѓе има, знае линијата да се помести,  луѓево во кафани мислат дека ако ме гледат на телевизија дека сум истиот човек и во живо. Мислаат дека раговараат со Коста. Па така го преминуваат прагот на пристојноста, ама јас многу добро знам со нив како да излезам на крај. Така да, намачкан со сите бои знам како да излезам на крај со нив и немам проблем.

*Дали вашите деца дали покажуваат афинитети кон актерството или кон нешто сосема друго?

- Имам два сина Андон којшто е тинејџер, во зрелите тинејџерски години, најубавите години. Прекрасно дете, одличен играорец, гордост моја, тој е помалиот. И Јаков кој е студент, виолинист. Студира виолина. На некој начин сме поврзани сите со изведувачките уметности, со музиката и се прекрасни синови кои се моја инспирација и мој поттик за да функционирам. Се разбира тука е и сопругата којашто е врвот на се‘, круната на се‘. 

* Дали добивате поддршка од сопругата?

- Апсолутно. Многу. Долго сме заедно. Над 30 години сме заедно. Ако не беше таа немаше да бидам јас. Сешто сум јас е благодарение на нејзе и секогаш е до мене, околу мене, и со мене. А нејзината поддршка е мој поттик.

* Како успешен и познат актер, што според вас е пресудно за една личност да стане препознатлив и афирмиран актер?

- Да ја имаат љубовта кон работата, да имаат многу среќа, да бидат истрајни. Да не се откажуваат. Тешко се станува било што во оваа држава, кадешто има не фер услови, не фер се поставени работите. Воздухот е многу загаден, што на друг начин значи дека отприлика се ‘ е загадено. Ама штом се одбрале за таа професија, нека бидат истрајни и нека чекаат, да бидат упорни и да се надградуваат. Затоа што во нашата професија не е битно да се запишеш на академија, да ја земеш дипломата, битно е постојано да го трчаш маратонот. Тоа е маратон како и секоја професија.

* Кога ги спомнавте маратоните, да прашам колку години трчате и каде?

- 15 години трчам, а 10 години веќе трчам маратони, полумаратони и трки секакви. Најчесто по балканот. Имам трчано и на други континенти, еден маратон беше од таков тип – се тргнува во Европа, се оди во Азија и пак се враќаш назад. Тој е многу интересен во Истанбул е, се трча на два континенти. Но генерално трчањето е нешто што го најдов и коешто ме оддржува и ми помага за моето ментално чистење, здравје и да си ги исчистам мислите и да си ја проветрам главата, да си ја исчистам. А и тоа трчање сам со себе ми е издувен вентил.

Гледам секој втор ден да трчам. Порано се случуваше месечно да истрчам над 300 километри,  па потоа трчав околу 200-220 километри месечно, тоа беа периоди кога носев специјални часовници и мерев колку трчам, ама сега тоа не го правам. А преку зима е тешко да се трча во Скопје заради загадениот воздух и кога имам можност трчам на лента за трчање. И се качувам на Водно, секогаш кога можам се качувам горе. 

* Ваш омилен филм?

- Имам повеќе омилени, ама ајде „Догмен“ на Матео Гароне да го издвојам. Тоа е филм којшто  е неколку години стар веќе, некој нов неорализам, кој многу ми се допаѓа. Италјанска школа. „Догмен“ е прекрасен филм, „Sun of saul“, еден унгарски филм исто многу ми се допаѓа, особено начинот на којшто е сниман. Повеќе филмови се, можам да зборувам за тоа многу долго. Кога бев студент „Бафало 66“ на Винсен Гало, авторски филм е тоа. Режира и игра главна улога, имам повече.

* А актер?

- Немам омилен актер, но има прекрасни актери кои ги пратам и од кои црпам инспирација, има актери кои каде и да ги гледам можам да ги гледам со возбуда, дури филмовите можам да ги гледам по неколку пати, а некои сцени ги премотувам и ги враќам... да речеме Дениел де Луис, а од нашата поблиска средина ми се допаѓа Бата Стојковиќ. Раните филмови, старата фаза на Бата, а има актери кои ако ги видам не можам да го изглдам филмот колку и да е добар.

*Монодрамата или друг проект кој сакате да го најавите?

- Па, сега во декември ја имавме претставата „Замисли нов свет“. Тоа е претстава во продукција на Македонски телеком. Многу интересно е што прв пат работам проект кој е тотално финансиран од голема компанија, во случајот Македонски Телеком целосна претстава направија за Горан Стефановски. Текстови од Горан Стефановски. Многу ми е драго што ете големите компании стануваат одговорни во тој план, пари даваат во театарот што е за поздрав. И би дал апел, би ги повикал и другите големи компании кои заработуваат огромни пари нека дадат и за филм и за серии и за култура. И тоа е добар пример и за музика и за концерт. Тоа е одличен пример и мислам дека примерот што го направи Телеком треба да го следат и другите компании.

Претставата ќе се игра еднаш месечно, имавме претпремиера и премиера, убаво поминавме. Претставата е супер, шест дела од Горан Стефановски. А монодрамата „Сите најубави нешта“, е претстава која зборува за депресијата, анксиозноста, стравовите, самоубиствата, но на некој поинаков начин. Претстава која е многу актуелна, многу многу актуелна, може да ја гледа публика од млади деца до возрасни луѓе. Одличен прием имам кај пубилката, одлично проаѓа претставата. Невообичаено е, луѓето плачат, се смеат, остануваат по претставата си разговараат. Се случува на сред претстава некој да стане да почне да зборува, зошто е интерактивна. Се крши линијата за театарска претстава и за групна сеанса, како публиката да е на групна сеанса. Монодрамата ја играм следно на 23 јануари во Јадро.

* Што ве прави среќен во последно време?

-Кога ќе се собереме фамилијарно сите. Кога ќе зготвам ручек. Среќен ме прави семејството, семејството, семејството. И кога ќе направам, кога ќе сработам убава работа. Значи и работатата. Семејството три слободни места, па работата.

Наталија Миланова