Носењето одлуки не е едноставно (освен кога гледаш отстрана)
Ако одвојам што ни се по дома омилени активности, списокот би бил составен вака некако: муабетење за психологија (моја љубов од адолесценција, а на ќерка ми избор за идна професија-“а кој ќе краде книги од неа за да чита?”), гледање филмови и дискутирање за истите, читање книги со милион поставени зошто и затоа, споделување музика (најсмешното е дека омилените бендови на ќерка ми се бендовите кои сум ги слушала уште од пред 30-35 години, па кога ќе ме праша дали ги знам Radiohead ми иде да си скокам од среќа). Од помалку омилени активности ги двојам пазарење кој ќе мие чинии, кој ќе пружа алишта, процесот на одбирање филм за гледање (оти тоа е една долга и мачна борба) и шопинг (не се сите ко мене за да купуваат од око, оти на климаксов ич не ми треба клаустрофобична кабина од 1x1, па сум се извежбала да проценам во што ќе ми го збере задников, а што ќе ми остане само желба за носење).
Нејсе, седиме едно сабајле на шанк по дома распослани со какао, кафе (тоа јас), цедени сокови и радост што е сосем обичен работен ден, а двете сме на распуст (интересно е дека дури откако ќе земете одмор, сфаќате колку ви бил одморот потребен), кога наеднаш Нина ме прашува едно прашање кое гласи (парафразирам): “тролејбус се движи по шините, при што на едно место патот се дели на два посебни делови. На едната страна стои еден човек, а на другата 5. На каде ќе го насочиш толејбусот, дали да го убие тој еден човек или тие петмина?”. Патем речено, после моето мозгање до степен да ми се чини оти мозокот ќе ми се распадне, читав на интернет за ова филозофско-психолошко-етичко-морално прашање. И да, главното прашање кое е всушност потпрашање е КОЛКУ Е ЛЕСНО ДА СЕ НОСАТ ОДЛУКИ?
Нормално, мојот аналитичен ум имаше милион дилеми, како што се: кои и какви се сите луѓе кои се на шините? Дали тој еден е можеби некој што утре ќе измисли лек за рак или ќе го спаси човештвото? Дали тие 5-мина се убијци, педофили, разбојници? Или...дали тие 5-мина се обични луѓе како мене и вас кои имаат семејства, кои се борат за да обезбедат иднина за своите деца? Дали 1 наспроти 5 е проста математика како што навидум се чини? Дали, дали, дали....
Мозокот ми се направи каша. Прво, сфатив дека не сакам никогаш да се најдам во ситуација да треба да одлучам кој ќе живее, а кој ќе умре. Во серијата Grey’s anatomy, имаше една епизода (при железничка несреќа метална шипка беше во градите на една млада жена и еден повозрасен маж, заковувајќи ги еден до друг) во која хирурзите мораа да одлучат кого да спасат, имајќи пред себе јасна ситуација дека според степенот на повредите и сите останати медицински параметри требаше да ја успијат жената за да почине без болка. Ама тоа не е исто како овој тест пред кој немав одговор. Еден или петмина? Тука ниту една етика или морал не ми помагаше да се замислам себеси во ситуација како си велам “ок Ано, еве точно што треба да сториш”.
Отстрана гледано, секој може да каже на каде да се насочи тролејбусот/возот/автобусот, сеедно. Секој, дури и во овој момент додека го читате ова си вели “пфффф, па лесно е да се одлучи”. И тоа ме поттикна да се сетам на сите можни ситуации во кои сум морала да одлучам нешто од што ме болело срцето (ама сум знаела дека е за поголемо добро), да се сетам на тоа колку совети сум добивала да постапам вака или онака, без другите да земат во обзир како ми било, па и да се присетам кога сум била во обратна ситуација, да мудрувам што е најдобро да се направи. И ако секогаш сме се воделе од тоа дека сме мислеле најдобро на оној карши нас кога сме давале ум како треба да постапи, верувам дека никому од нас не му текнало дека токму со таквото однесување сме давале погрешна порака. А погрешната порака секогаш е иста и гласи “ЈАС знам што е добро за тебе, а ти си неспособен/на да одлучиш сам/а”. И не е тоа дека сме биле безобразни, дрски или дека сме сториле нешто намерно. Напротив, од пуста желба да се најдеме некому (иако материјал за размислување има и тука, што е тоа што нé тера да си играме “богови”) сме направиле можеби и поголема белја, поголем хаос во главата на тој што си има мака, или поголема несигурност кај него/неа. Кога ќе земете да ја гледате пошироката слика, дали ви е јасно дека и кога одите на психолог не си одите дома со инстант решение? Дали сте свесни дека дури ни тие кои се стручни да распознаваат многу работи кои вие не ни имате поим дека постојат, не ви ги даваат одговорите (а следствено на тоа и одлуките) на тацна, туку со работа и чекор по чекор ве носат до моментот за да ви стане кристално јасно што ви се случува, како треба-сакате да постапите и што е тоа што е најдобро за вас.
Имам една многу драга особа која е веќе извесно време разведена. Години пред да се одлучи на тој чекор, сите околу неа велеа “не биди будала, одма да го оставиш”. За разлика од нив (што веројатно беше толкувано од другите дека не и’ мислам добро), реков “пред да се одлучиш на било каков чекор, да ти ги кажам сите ЗА и ПРОТИВ живеењето сама”. Не за друго, туку тоа е како во бајките кои секогаш завршуваат со муабетот дека се земале, ама никој не кажува каква е живеачката отпосле. Мојата улога/задача/морална обврска/љубов кон другарка ми налагаше да не ја клукам со бајки за самечки живот, туку да бидам сосем реална оти не секој може и знае да се справи сам во одреден момент. Некогаш, чекорот кој за некого е лесен како пердув, за друг е тежок како планина. Денес, другарка ми е среќно разведена, спокојна, расцутена во својот мир и е исполнета со многу убав живот...кој го спастри не во афект, туку во мудро вагање кога дојде моментот да ја раскине папочната врвца со бракот во кој беше како во маѓепсан круг.
Можеби имаше влијание кога и’ ја раскажав приказната за една наша комшивка (преубава жена) чиј маж се сплетка со друга жена. После некое време тој сакаше да се врати дома но неговата горда сопруга, го одби. Не му прости, се разведе и животот и’ тргна удолу оти одлуката ја донесе без да се преслуша себеси дали може реално да го издржи товарот кој секогаш доаѓа со било која одлука која ја носиме. Никогаш после не се опорави, за разлика од него кој повторно си се врати кај љубовницата за на крај и да се прежени со неа. И не е поентата дека тој се преженил, а бившата жена останала сама, не е поентата во тоа кој бил посреќен, туку е поентата во една многу едноставна работа...дали одлуката која ја донесе жената која реши да не прости, беше одлука која ја донесе во мир со себе или под влијание на тоа “што ќе рече светот и дали ќе и’ се смее ако му прости”. За да не се рабереме како што не треба, не пропагирам простување неверство, ниту пропагирам развод...но, апсолутно и безусловно пропагирам да правите тоа што му е потребно на вашето битисување да сте во мир со себе и да сте среќни, без да ви е гајле што ќе речат другите. Амин!
Мојата одлука да имам дете на повозрасни години ме чинеше многу нерви, правење слепа и глува на осудувања дека ќе бидам баба кога ќерка ми ќе има 20 години. Еве ја, на 18 и пол, таа сепак има мајка, а не баба до себе. Начинот на кој ја воспитував за многу работи ме чинеа некојпат плукање, некојпат осуда, некојпат сожалување. Била некрстена, па што? Немала обетки, па што? Еве ја, чита за религиите и сé повеќе осознава дека ако е Бог во секој од нас, не е важно дали си крстен или не, туку каков човек си и колку си широк да ги прифатиш сите гледишта кои се различни од тие што ги имаш. Обетки си стави сама, одејќи со другарка да си ги дупне ушите во еден сосем обичен ден а не на Благоец (немам пропуштено В, во моите краишта така се вика).
За крај, секогаш кога ќе дојдете во ситуација да ви мудруваат како треба да постапите и одлучите или да ви дојде нагон за да делите ум како треба или не треба, нека ви текне на следново. Најлесно на себе се носи туѓата кожа, оти никогаш не боли како својата.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Демек ќе знаат поарно од тебе
За сé што ти треба
За тоа што сакаш
За тоа што е најарно за тебе
И умот ќе ти го клукаат
За да те убедат оти не знаеш која си
Дека не знаеш ништо за било што
Што среќна ќе те стори
Та секој правото ќе си го земе
(Иако никој не му го дал)
Да ти мудрува
Да те убедува
Умен да се прави онаму кај што не треба
И ќе слушаш на секое...
Биди силна оти така треба
Биди кротка оти жена си
Биди мајка оти тоа ти е судено
Биди стрплива кога на глава ти скокаат
Биди нежна со сите кои се груби
Направи вака
Направи онака
Трпи оти таму е спасот
Голтни горчина неправда
Оти така голем човек стануваш
Свиткај ги плеќите
Оти така свиткана поубаво личиш
И така секој ден
Од година во година
Дури не ти се смачи и приблуе
Дури не ти дојде преку глава од сé
Та да треснеш со раката на маса
И на станување столот да го превртиш
И да се развикаш колку што
Глас во тебе имаш
Оти знаеш за себе да се грижиш
И знаеш да мислиш
За сама одлука за себе да донесеш
Каква и да ќе е, твоја да е
И да боли, ќе искрепиш
И да пржи, ќе истрпиш
Оти нема поубаво и поболно
Од човек сам за себе гајле да си бери
И да знае кога чекор назад да се врати
А кога со сета сила нанапред да поита
Нема поубаво и поболно
Од тоа свој да си и на своето да останиш
Оти само себе кога се слушаш
Само тогаш спокој те фаќа
И од него заживуваш
Со него закрепнуваш
И токму тогаш...и само тогаш
Од љубов се раѓаш
Во љубов со себе остануваш