Поради Тоше ја засакав Македонија и почнав да учам македонски: Мерве Унал, колумнистка од Истанбул

Добивај вести на Viber

Мерве Унал седум години по ред доаѓа во Крушево, на денот на годишнината од заминувањето на македонската музичка легенда Тоше Проески.

Слушајќи ги неговите песни почнала да се интересира за македонската култура, јазикот и за местата коишто Тоше ги сакал. Унал (32) живее во Истанбул, работи како кино-консултант во локален театар. Пишува колумни за кино.

ЖМ: Кога првпат слушна за Тоше Проески?

- Јас сум голем фан на Евровизија и редовно го гледам натпреварот секоја година. Но, 2004 година има посебно место во моето срце бидејќи домаќин на Евросонг беше мојата земја, мојот роден град. Тогаш првпат го видов Тоше како ја изведува својата песна „LIFE“. Се сеќавам дека бев целосно воодушевенa од неговиот глас и харизма, но не знаев ништо за неговиот живот или кариера. За жал, знаев само дека прерано почина. Но, во април 2016 година, нешто се смени. Почнав длабоко да ја слушам неговата музика и таа целосно ме освои. Се почувствував како да открив богатство кое што ме чекало цело време. 

ЖМ: Што беше пресудно да ти го привлече вниманието?

- Тоа е тешко е да се опише со зборови, но неговиот глас беше првото нешто што ми го зароби срцето. Не се работи само за техничкото совршенство, неговиот глас носи толку многу емоции, искреност и чистота. Се чувствувате како да пее директно за вашата душа. Покрај неговиот глас, неговата хуманост, добрина и непоколеблива посветеност да им помага на другите, ме натераа да му се восхитувам уште повеќе. Тој не беше само талентиран уметник, тој беше исклучителен човек.

ЖМ: Дали интересот за него беше причина да го засакате Крушево и Македонија и често да ги посетувате?

- Без сомнение. Преку Тоше го открив Крушево - место кое се чувствува како да чува дел од неговата душа. Слушањето на неговите песни ме натера да се заинтересирам за културата, за јазикот и за местата коишто тој ги сакал. Крушево, со своите тивки улици и глетки кои го одземаат здивот, ми стана повеќе од дестинација, стана место на мирот и поврзаноста. Невозможно е да не се вљубите во него. 

ЖМ: Кога првпат го посетивте неговото родно место и вечното почивалиште?

- Крушево првпат го посетив на 12 јули 2017 година. Одлуката да одам беше голема работа за мене бидејќи никогаш претходно не сум патувала сама во странска земја. Ги имав сите овие грижи, како што се: што ако се изгубам, што ако нешто тргне наопаку итн. Но, желбата да го посетам почивалиштето на Тоше и да му се заблагодарам за радоста што ја внесе во мојот живот, ги надмина моите стравови. Кога конечно застанав до неговиот гроб, почувствував огромно чувство на благодарност. Тоа патување не беше само за Тоше, се работеше за тоа да ја најдам својата храброст и да сфатам колку тој ме инспирираше да бидам похрабра и поотворена кон светот. Така, Тоше не ми ја промени само плејлистата, ме смени и мене!

ЖМ: Дали претходно доаѓавте во Македонија?

- Пред тоа патување во 2017 година, никогаш не ја посетив Македонија и немав поим што пропуштам. Секој агол на Вашата земја има свој шарм и јас се заљубувам во неа со секоја посета. Сега ми стана втор до Го посетив Крушево седум пати во седум години, секогаш на годишнината од смртта на Тоше. Но, минатата година имав шанса да бидам таму и за неговиот роденден. Обожавам да талкам низ улиците на Крушево, да се губам во неговата мирна атмосфера и да поминувам време со пријателите што ги стекнав од целиот свет: од Бугарија, Хрватска, Србија, Русија, Словенија и пошироко, обединети со нашата љубов кон Тоше. Крушево е магичен град. Се чувствувате како да сте го оставиле зад себе целиот хаос на светот. Луѓето таму се неверојатно љубезни, секогаш подготвени да помогнат. Кога би можела, би сакала да го поминам остатокот од мојот живот во Крушево, но засега тоа останува далечен сон. Што се однесува до Македонија, ја посетувам секогаш кога ќе имам можност. Понекогаш е тоа само за концерт и следниот ден се враќам во Турција. Тука повеќе не се чувствувам како турист, станав дел од ритамот на секојдневниот живот во Скопје. Престојувам во апартмани наместо во хотели, користам јавен превоз наместо такси и уживам во локални концерти, кино сали и тивки моменти додека читам во Градскиот парк. Моите најсреќни спомени се врзани за Македонија и не мислам дека тоа е случајност. 

ЖМ: Имате ли цедеа , дивиди од ТошеКоја негова песна ви е најомилена?

- Собирањето на сѐ што е поврзано со Тоше стана моја мала традиција. Ги поседувам сите негови албуми, освен „По тебе“, кој се уште никаде го немам најдено. Имам и концертни ДВД изданија. Ја имам книгата „Ова не е крај“.која совршено го доловува животот и наследството на Тоше, книга која навистина треба да се најде во колекцијата на секој негов обожавател. А лани најдов копија од еден од стриповите на „Супер Тоше“ во Скопје и уште ги барам другите. Речиси е невозможно да се избере една омилена песна бидејќи ги сакам сите негови песни. Тие се емотивни, моќни и безвременски. Но, кога би требало да изберам, „Лошо ти стои“, „Полско цвеќе“ и „Све је ово премало за ​​крај“ ми се песни коишто постојано ги слушам.

ЖМ: Почнавте ли да го учите македонскиот јазик?

- Да, но се уште сум почетник. Во 2020 година зедов лекции по македонски јазик на универзитет во Истанбул и дури завршив како најдобар студент во мојата класа. За жал, вториот семестар беше откажан поради COVID-19. Сепак, можам да разберам основни разговори, да се претставам или да нарачам храна. Можам прилично добро да читам кирилица, а имам и неколку македонски речници и учебници кои ги прелистувам секогаш кога имам време. Решена сум да продолжам да го учам македонскиот јазик и се надевам дека еден ден ќе го зборувам течно. 

ЖМ: Има ли Тоше фанови во Турција?

- Неговиот настап на Евровизија во 2004 година беше незаборавен. Дури и луѓето кои не ја знаат целата негова кариера често го паметат од тој настап. Тоа беше момент на гордост, не само за Македонија, туку и за сите луѓе кои го ценат вистинскиот талент.

 Можеби во Турција не е толку познат како на Балканот, но тука дефинитивно има обожаватели. Видов впечатоци напишани на турски во книгата на жалост во Спомен куќата на Тоше во Крушево и најдов објави на социјалните мрежи за него на турски јазик. Ова покажува дека неговата музика допира до срцата и овде. За да се поврзам со другите фанови, направив профил на Инстаграм наречен „Тоше Проески Турција“. Преку тој профил запознав многу фанови од целата земја. Љубовта кон Тоше и воодушевувањето од него овде се многу силни. Неверојатно е да се види како неговата музика продолжува да ги обединува луѓето преку границите. 

ЖМ: Која е пораката до сите фанови на Тоше?

- Да продолжиме да ја шириме неговата порака за љубов, добрина и хуманост. Тоше не беше само музичар, тој беше сјаен пример за тоа како една личност може да го направи светот подобро место. Да го одржиме неговото наследство живо, така што ќе ги задржиме и ќе се бориме за вредностите за кои тој се залагаше и ќе ја споделуваме неговата музика и неговата светлина со другите луѓе. Тоше нѐ обедини сите со својот глас, во негова чест да останеме обединети во љубовта.

Соња Алексоска Неделковска