Ана Бунтеска: Кога си рековме збогум

Добивај вести на Viber

Дента кога си рековме збогум

Ниту ти и ниту јас мислевме

Дека оној другиот ќе додржи

Та и двајцата горделиви

Ко досега да не научивме оти

Горделивоста и љубовта не одат рака под рака

Кинисавме секој по својот пат

По патеки кои никогаш не се вкрстуваат

Без на ум да ни падни оти барем еден од нас

Можеше попаметен од другиот да биде

И рака да пружи

Или барем онака, без причина да се јави

Со некој смешен изговор за на муабет да се најди

Дента кога си рековме збогум

Не оти памтам што ден беше

Ете толку важно било зошто сме се накострешиле

Оти ниту на причината не можам да се сетам

И некако се’ избуричкано во главава ми е

Та нит почеток, нит крај на расправијата знам

Ама знам дека тој ден небото се истури

И дека сите беа во чудење

Демек таков дожд не се паметело со години наназад

Та само паметам оти дур си заминуваше

Сакав ете да ти речам чадор да земиш

За да не накисниш, за да не настиниш

Ама премолчив од пуст инает

И оттогаш еве и кога врни

Јас чадор в рака не клавам

Од пусти срам, од пусто каење

Дента кога си рековме збогум

Беше пред години

Можеби и децении

Иако мене ко векови ми се

И ниту те среќавам

Ниту ти мене си ме видел од некаде

Ниту пак за тебе некој ми зборнал

Ниту мене пред тебе некој ме спомнал

Та се прашувам

Дали некогаш и заедно сме биле

А потем си велам оти поулавувам

Оти ме фатила онаа болест на заборавањето

Само пусто болката не одминува

Онаа тапа болка која здодевна е

И на која полека човек се навикнува

Исто како реума кога има

Та го врти нешто и го јаде

Ете така мене внатре ми виеш

И после толку време

И долго, многу долго после оној ден

Денот кога збогум си рековме.


За Женски магазин, Ана Бунтеска