„Ќе започнеме со работилница за везење со осудените жени од КПУ Идризово“: Иницијативата на модната дизајнерка Ирина Тошева ќе се примени во прaкса
Модната дизајнерка Ирина Тошева започнува иницијатива во која ќе ги вклучи затвореничките од Казнено-поправниот дом „Идризово“ во креативни работилници, со цел да се стекнат со нови вештини.
Работилницата за везење ќе вклучи жени од КПУ „Идризово“ кои ќе бидат заинтересирани за иницијативата икои активно ќе се вклучат во проектот. Реакциите за идејата засега се позитивни, но Ирина вели дека потребно е повеќе од само поддршка во зборови.
Тошева важи за модна дизајнерка која е голем поддржувач и консумент на одржливата мода, има свој моден бренд посветен на одржливоста со користење на еколошки материјали, а преку креативни работилници се обидува ова да ја доближи до помладите.
Вели дека креативниот активизам е дел од она што го прави и дека модата е повеќе од само убави „фустанчиња“ бидејќи може да пренесе многу силна порака и да предизвика големи промени.
ЖМ: Започнувате иницијатива со која на жените од КПУ Идризово преку обуки ќе им помогнете да стекнат вештини кои ќе можат да им помогнат во понатамошниот живот за полесна реинтеграција. Ќе може ли да споделите повеќе детали за иницијативата со Женски магазин?
-Во моментов, жените во КПУ Идризово имаат ограничени можности за учество во активности или стручни обуки, што го отежнува нивното враќање во општеството по ослободувањето. Целта на оваа иницијатива е да им помогне да стекнат практични вештини, кои ќе им бидат од голема корист во иднина. Преку креативниот процес ќе се развиваат нивните способности, самодоверба и личен развој, што ќе ги направи поконкурентни на пазарот на трудот и ќе го намали ризикот од повторен престап. Оваа иницијатива ќе постави темели за создавање на социјално претпријатие во КПУ Идризово, кое ќе биде самоодржливо и ќе им овозможи економска независност на осудените жени по нивното ослободување.
ЖМ: Каков е планот за реализација? Од кога започнувате со примена на терен?
-Иницијативата е во почетна фаза, и веќе имаме потпишано меморандум за соработка со КПУ Идризово. Планираме да започнеме со работилница за везење со заинтересираните осудени жени, за да ги одбереме оние 10-15 кои ќе бидат активно вклучени во проектот. Иако постојат волја и идеи за производи, сè уште се потребни основни услови, за целосно да започнеме со реализацијата. Ова е иницијатива што ја водам без поддршка од грантови, и затоа ја поканувам заедницата и општествено одговорните компании да помогнат во реализацијата на оваа важна цел. Моите контакти се лесно достапни на социјалните мрежи и веб страницата.
ЖМ:На какви реакции наидовте откако ја споделите иницијативата?
-Реакциите досега се многу позитивни, но потребно е повеќе од само поддршка во зборови. Неколку индивидуалци веќе донираа финансиски средства и текстилни материјали, а имаме и најавена донација од фабрики имодни дизајнери кои ќе обезбедат материјали за работа. Оваа поддршка е охрабрувачка, но сè уште ни недостигаат машини за шиење, кои се клучни за започнување на проектот. Доколку постои можност би било добро и да го реновираме просторот, макар и само молерисување и соодветно осветлување, со што би се создале пригодни услови за работа.
ЖМ:Како моден дизајнер сте голем поддржувач на одржливата мода, која ја спроведувате во пракса. Бидејќи често се движите во кругот на помладите генерации преку проекти кои заедно ги работите во училиштата, што мислите, дали е разбудена свеста за влијанието на модната индустрија врз животната средина?
-Свеста за влијанието на модната индустрија врз животната средина дефинитивно е разбудена кај младите генерации, благодарение на нивната изложеност на глобални теми за климатските промени и екологијата, пред сè преку социјалните медиуми. Младите сè повеќе размислуваат за тоа каков ефект имаат нивните модни избори врз планетата и сè почесто се вклучуваат во активности кои промовираат пренамена, реупотреба и купување од втора рака. Ова е значаен чекор кон поголема еко-свест и одговорност.
ЖМ:Применливи совети и техники се дел од вашите проекти, на кој проект сте посебно горда, а кој предизвикал најголем интерес?
-Сум водела многу работилници кои сметам дека се и корисни и интересни. Минатата есен, на покана од Екологик, водев работилница на тема „Креативно покривање дамки“. Работилницата беше многу интерактивна, со учесници од различни возрасти и нивоа на искуство во шиење и креативна доработка на облека. Користевме различни техники како везење, цртање со бои за текстил, нашивање исечоци од остатоци материјали од моите претходни колекции, прскање тантела со спреј за создавање текстура и дезени… Овие техники се лесни за примена, не бараат големи вложувања и ги прават парчињата уникатни. Важно е што не само што ги освежуваат старите парчиња облека, туку и поттикнуваат одржливост и креативно размислување.
ЖМ:Колку материјалите кои се користат во модната индустрија имаат влијание врз одржливоста односно нивна реупотреба?
-Материјалите имаат огромно влијание врз одржливоста, бидејќи многу од нив не се биоразградливи или се произведени со значајна потрошувачка на ресурси. Материјалите од синтетичко потекло, како полиестерот, при секое перење испуштаат микро-честички кои завршуваат во водите, а потоа и во нашиот организам. Затоа, мојот фокус е на користење сертифицирани еколошки материјали, како и реупотреба на текстилни остатоци од локални фабрики. Исто така не работам со количини, креирам парчиња по нарачка, со што се минимизира отпадот и непотребната потрошувачка на ресурси.
ЖМ:Имате сопствен бренд кој е посветен на одржливоста со користење на еколошки материјали и минимизирање на отпад. Што се од материјали вклучувате во изработка и како дојдовте до ваква идеја?
-Отсекогаш сум давала големо значење на материјалите, особено на тоа како тие се чувствуваат на кожата, дали се практични за одржување и какво е нивното потекло. Затоа ми се важни сертифицираните материјали, кои се произведени без штетни пестициди и хемиски бои, а и загарантирано ми е дека работниците во синџирот на изработка се фер платени. Овие материјали не само што се подобри за планетата, туку и за нашето здравје. Постојано барам иновативни еко-материјали, како што се материјалите од банана, пченка, тенсел...
ЖМ:Пред една година ја претставувате Македонија на Експото во Катар. Токму со еко мода ги освоивте Катарците, се роди ли нешто друго од ова убаво искуство каде ја претставивте вашата колекција „Сихронија“?
-Учеството на Експото во Доха беше навистина инспиративно и ми донесе големо признание. Особено сум горда што моите напори во областа на одржливата мода беа препознаени и добив награда за „Најдобра одржлива мода“. Таму запознав многу интересни луѓе со кои сè уште контактирам, и се надевам дека наскоро ќе имам можност да ја претставам својата работа и на тој пазар. Ова искуство отвори врати за потенцијални нови соработки и понатамошен развој на мојот бренд.
ЖМ:Плетење, хеклање, ткаење, везење, стари занаети кои ги применувале нашите баби, мајки. Впечатокот е дека овие стари занаети стануваат тренд и се повеќе се применуваат во модата, како што е трендот со милињата. Колку вие ги применувате во вашата креативност?
-Секогаш сум инспирирана од старите занаети и верувам дека тие носат огромна вредност. Овие техники внесуваат топлина, уникатност и културно наследство во секое парче, и секоја креација што содржи такви елементи има своја приказна, што луѓето ја чувствуваат. Наскоро започнуваме соработка со „Добредојде Македонија“ за повторно искористување на милињата од нашите баби и нивно вклучување во модни парчиња. Спомените можат да бидат и носливи.
ЖМ:Може ли да се постави прашањето … што е тренд овој период, или едноставно модата се доживува како израз на една индивидуа, нејзиниот карактер, како се чувствува, како е расположена …?
-Трендовите доаѓаат и си одат, но сопствениот стил е она што треба да го негуваме и градиме со текот на времето. Начинот на кој се носиме, како „излегуваме од масата“ и колку го почитуваме дрес-кодот кога е потребно, зборува многу за нашата личност и психолошка состојба во дадениот момент. Најважно е да се чувствуваме удобно и автентично.
ЖМ:Од една страна гламур и сјај, од друга модната индустрија помеѓу најголемите загадувачи во светот. Како може да се воспостави баланс помеѓу овие две контрадикторни страни?
-Вистинскиот баланс е предизвик, но важно е да бидеме свесни за нашите модни избори. Не треба секогаш да бидеме водени само од естетиката, туку и од нашите вредности. Не мора секоја празнична сезона да купуваме нова облека со мониста, што се пластика, ниту да се плашиме да носиме нешто што веќе сме го облекле на свечен настан. Инвестирањето во одржливи и квалитетни парчиња кои траат е вистинскиот пат кон постигнување баланс меѓу стилот и одговорноста кон природата.
ЖМ:Ги сакате животните, дејствувате и на полето на активизмот за женските права … колку оваа револуционерна нишка во вас, знаете да ја пресликате на модните парчиња?
-Креативниот активизам е составен дел од сè што правам. Често велам дека модата е многу повеќе од само убави „фустанчиња,“ таа може да пренесе моќни пораки и да предизвика вистински промени. Во секоја колекција вметнувам елементи што ја рефлектираат борбата за права, еднаквост и заштита на животната средина. Верувам дека облеката може да биде средство за активизам, носејќи не само естетска вредност, туку и општествена свесност.
ЖМ:Што е она на што периодов работите, настрана иницијативата која ја споменавме на почетокот?
-Во моментов работам на дизајните кои се дел од завршната теза од моите втори магистерски студии, овојпат по зелена економија и одржлив развој. Си поставив предивик она што е напишано, да го покажам и во пракса. Се работи и на концептот на новата колекција, кој бара истражување и одење „пешки“ по музеи, библиотеки и разговори со екперти во таа област. Дел во кој уживам и учам многу.
Габриела Додевска Глигоровска