„Успех за Македонија, ова го работам 29 години со срце“: Интервју со Иле Михајловски еден од 50-те финалисти за престижната Глобална награда за наставници за 2025 година

Добивај вести на Viber

Изминатите неколку недели центарот на вниманието на македонската јавност беше свртено кон Свети Николе, гратчето од Овчеполијата кое е родно место на многумина успешни македонски спортисти.

Но овој пат спортот беше споредна работа, предност имаше просветната дејност и името на Иле Михајловски, наставникот од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ од Свети Николе, кој е еден од 50-те финалисти за престижната Глобална награда за наставници за 2025 година, што ја доделува фондацијата Варки од Лондон, со поддршка од УНЕСКО и компанијата ГЕМС Еџукејшн.

Цела македонска јавност со кренати палци и искажани зборови преку видеопораки изминатата недела несебично ја дадоа поддршката за наставникот Михајловски, кој цели 29 години се занимава со просветна дејност.

Горди сме што го имаме Михајловски во првите 50, бидејќи конкуренцијата е огромна, 5.000 номинирани наставници од 89 држави во светот.

Михајловски вели дека сè уште не е свесен што му се случило. Откако било објавено за неговата номинација во Топ 50, мобилниот телефон постојано му ѕвони, а на социјалните мрежи му пристигнуваат безброј честитки.

- Можеби нема да ми верувате, но јас сè уште во целост не знам што ми се случува од денот кога ми јавија дека сум еден од 50-те финалисти, па досега. Од денот на објавувањето еве до ден денес, секојдневно патувам на релација Скопје – Свети Николе и враќање назад на работа. Да се појавам на секое интервју на телевизија, радио, печатени и социјални медиуми и дома се прибирам доцна и преморен. Може многу ќе ги збуни мојата изјава, но овој успех пред сè го чувствувам како голема одговорност и како наставник и како човек. Првиот момент од објавата некоја чудна грутка во грло, неверување. Немаше скокање и викање од радост, од тогаш наваму неверојатна одговорност во секој мој збор, моја постапка, затоа што ова е пред сè успех за Македонија, за моето Свети Николе, за моето училиште, па на крај успех за мене како човек кој 29 години она што го работи, го работи од срце.

Најискрените честитки доаѓаат од најмалите, па така неговите третоодделенци му подготвиле изненадување.

- Ме изненадија моите третоодделенци кога дента после патување од Скопје директно влегов во училница, дознале од родителите, и иако можеби во целост не ја разбрале номинацијата ме изгушкаа и честитаа, и знам дека е од срце. Дел од ученици од минатите генерации ми пишаа многу пораки на искрена радост и поддршка. И тоа полни душа, верувајте многу.

Наставникот Михајловски го опишува патот до неговата номинација во Топ 50 најдобри наставници во светот.

- Пред сè морам да ги појаснам основните работи за да на јавноста им биде во целост јасно за што станува збор. Глобалната награда за наставници (Global Teacher Prize) е организирана од страна на Varkey фондацијата од Лондон, поддржана од УНЕСКО и GEMSEducation. Оваа година се одржува по 9-ти пат, а процесот на аплицирање е следен: на веб-страницата на фондацијата Varkey може да аплицира кој било наставник од светот на 2 начини-едниот начин е да биде номиниран од некој друг, кој не мора да е наставник, но во номинацијата објаснува зошто номинира одреден поединец и ги дава основните податоци за него. Вториот начин е да се пријавиш сам, без некој да те номинира и ја пополнуваш апликацијата во дадениот временски период. Во мојот случај, бев номиниран од блиска личност која ја познава мојата работа, ми стигна информација по електронска пошта, и потоа преминуваш на пополнување на апликацијата. Времето за да во целост ја пополнам апликацијата траеше околу 3 и пол недели и на 7 декември ја поднесов. Крајниот рок беше до 8 декември. Последната седмица од декември ме контактираа на маил и побараа да направат интервју, кое се случи на 31 декември напладне. Интервјуто траеше 30-на минути, ми беа поставени прашања кои најмногу им привлекле внимание од мојата работа. Неполни 10-на дена после интервјуто, повторно по маил бев информиран дека сум еден од ТОП 50 финалисти, а тие ја објавија листата од тие финалисти на нивната веб страна. Сите апликации ги оценуваат 90 еминентни судии, нема онлајн гласање, судиите се докажани експерти од повеќе области и се оценува само она што е твој личен труд. Денес чекаме да ја објават ТОП 10 листата на финалисти одбрани од нас ТОП 50 и победникот ќе се знае на главниот настан од 10 до 13 февруари во Дубаи на голема свеченост во склоп на Светскиот глобален самит.

Кон минатите времиња секогаш гледаме со некаква доза на носталгија, како нешто да и недостига на сегашноста и како постојано да сакаме да го вратиме она убаво време. Но кога ќе се свртиме наоколу, гледаме дека многу тешко може да се врати нешто од минатото. Сегашноста е ново модерно време со свои нови предизвици.

- Ех, времето кога јас бев ученик беше неверојатно убаво време. Време на слога, почит, искрени другарства од училишните клупи, емпатија, алтруизам, почит, авторитет … Иако се трудам максимално да го следам модерното и сето добро од него да го применувам во наставата, мојот искрен став е дека ова модерно е далеку полошо од времето кога јас бев ученик. Иако има свои предности, за жал морам да кажам дека доминира лошото многу повеќе наспроти доброто. Никаде не пишува дека модерното задолжително е подобро од некое минато време. Веројатно како луѓе, од модерното повеќе го учиме и прифаќаме лошото, а не доброто. Напредуваме технолошки, но назадуваме духовно и морално многу. Сепак, ова е само мој став и гледање на работите такви какви што се.

Предизвиците на наставниците во модерното време не се оние образовните, туку внатрешната духовна состојба со која се борат децата, а со тоа и наставниците како педагози.

- Предизвици има многу и некако оние образовните можеби и не ме плашат многу, веројатно поради мојата способност лесно да се адаптирам во се што значи работна задача. Најголемиот предизвик е што фокусот како наставник се повеќе не е знаењето, учењето и стекнување знаења. Фокусот е на големиот број на деца кои тивко врескаат за помош, ги мачи анксиозност, депресија, агресивност, врсничкото насилство станува секојдневие, отсуство на родителска грижа, отсуство на втемелени морални вредности. Многу ме боли кога гледам како некое добро воспитано дете и солиден ученик е жртва на потсмев од соучениците, кое тешко е прифатено од другите. И како наставник, колку и да останеш нем на она што го гледаш, го даваш секој атом сила да детектираш на кое дете каков вид на помош му е потребно, да помогнеш и им ја вратиш вербата, особено на оние кои ништо не кажуваат, а им се гледа во очите.

Реформи во образовниот систем дефнитивно треба да се случат, наставникот Михајловски смета дека промените со додавање или одземање е длабоко и слоевито прашање.

- Нашиот образовен систем е длабоко еродиран, колку и критички да звучи, едноставно сум реален. Само би набројал што се треба да се промени, не дека јас ја имам силата да променам што било: квалитетни наставни програми, квалитетни учебници, креативна слобода на наставниците во позитивна смисла, почитување на наставничката професија од целото општество, плата која ќе го респектира дигнитетот на сите наставници …

Новата Z-генерација се сами по себе предизвик за просветителската фела, но она на што треба во континуитет да се работи е тријаголник релацијата наставник-родител-ученик.

- Исклучително тешко е да ги насочиш децата од Z генерацијата на вистинскиот пат, да ги мотивираш за учење и знаење, да веруваат во себе, да знаат дека ние наставниците сме тука за се што значи нивен развој и обликување во идна зрела личност длабоко свесна за своите способности, капацитети и таленти. Во овој предизвик длабоко е испреплетено премногу слободното толкување на демократијата од страна и на родителите (чест кон сите добри исклучоци на кои детето им е во прв план), премногу заштитнички однос од нивна страна и кога треба и кога не треба. Доколку триаголникот наставник-родител-ученик не е силен, искрен и стабилен, најмногу губат токму децата, и за тоа ми е искрено жал.

Социјалните мрежи сè уште еден „демон“ од модерното време, кое полека ги уништува и последните здрави ќелии на вредност, почит и емпатија. Наставникот Михајловски е на став дека би ги укинал.

- Меѓу сите работи кои модерното време ги носи се и социјалните мрежи. Зарем на дете од 7 годишна возраст му е потребен ФБ профил? Толку би можел да кажам, штетат неверојатно многу во правилниот развој на децата, гледам „роботи“ кои излезени наместо да се дружат и разговараат немо гледаат во екраните од телефоните. Би ги укинал, толку.

Габриела Додевска Глигоровска