Македонската принцеза на мафините: „Секое парче е мал уметнички проект“ - Прилепчанката Стеве Нешкоска за Женски магазин
Кога ги гледате цветовите веднаш ќе си помислите дека истите се направени со помош на машина. Бидејќи ваква перфекција, изразување и правење на вистински цвет како декорација од слаткарски продукти на мафините се вистинска уметност. Вакво нешто ретко се гледа. Тие се навистина преубави на изглед, на момент помислувате дека се вистинско цвеќе, а всушност и се вистинска експлозија од вкусови, но и неверојатна убавина за човечкото око.
Прилепчанката Стеве Нешкоска е мајсторот кој во целост ги изработува неверојатните мафини. 38 годишната дама е мајка на две ќерки Мелани и Анастасија и токму тие две како што вели таа се нејзина најголема мотивација, но и најголеми критичари за изработката на мафините.
Многу помош како што истакна добила и од семејството, особено од сестра ѝ Христина, „Без неа не би било ништо од она кое го работам денес“ вели Стеве.
* Како се роди идеата да украсувате мафини, односно да правите уметност од нив?
- Идејата за украсување на мафини и создавање уметност од нив се роди од мојата љубов кон креативното слаткарство и желбата да донесам нешто уникатно и убаво на пазарот. Уште кога почнав да експериментирам со различни рецепти и техники, забележав дека мафините можат да бидат многу повеќе од само вкусен десерт – тие можат да бидат вистински уметнички дела! Инспирацијата ми дојде од мојата љубов кон боите, текстурите и дизајнот. Сакав да создадам нешто што не само ќе ги задоволи вкусовите на купувачите, туку ќе им донесе и радост од визуелен аспект. Секој мафин што го украсувам е како мало платно на кое ја пренесувам својата креативност, а секој купувач го доживува како уникатно искуство.
* Дали гледавте видеа за да знаете како да ги направите најразличните техники за изработка на цвеќиња кои ги правите како декорации врз мафините или дома сами вежбавте, па и со малку талент успевате да направите магија?
- Започнав со гледање видеа и истражување на различни техники за правење цвеќиња и декорации, бидејќи тоа е одличен начин да се запознаеш со различни стилови. Немав некој посебен тренинг, поголемиот дел од алатките веќе ги поседував дома, еден ден едноставно решив да пробам да направам мафини со цвет како декорација, по што сфатив дека тоа е тоа. Според мене, клучен е талентот и љубовта кон она што го правиш. Без љубовта и талентот, не би можела да направам магија со мафините, како што велите. За мене, тоа е комбинaцијa од практичност и инспирација.
Без љубовта и талентот, не би можела да направам магија со мафините
* Кога почнавте кои беа најчестите барања на купувачите/нарачателите, а кои се денес? Се изменија ли нивните желби?
- Кога почнав со изработка на цветните мафини, најчесто купувачите бараа тоа што го прикажувавме на нашата инстаграм страница. Прикажаните изработки им се допаѓаа и најчесто сакаа нешто слично. Можам да кажам дека се‘ уште најчести нарачки се оние кои се базирани на нашите стандардни дизајни, но со текот на времето, забележувам дека многу од купувачите имаат и посебни барања – често сакаат нешто персонализирано, уникатно или дизајнирано според нивните идеи или прослави. Некои бараат да им изработам нешто што го виделе на интернет или на други места, што претставува предизвик за мене, бидејќи ми дава можност да истражувам нови техники и да направам нешто што претходно не сум го изработувала. Токму овие персонализирани нарачки се многу интересни за мене, бидејќи тие се нови предизвици и ми овозможуваат да ги унапредам моите вештини и креативност, правејќи нешто што никогаш не сум го направила.
* Дали ги знаете имињата на сите цвеќиња кои ги изработувате како декорација (која се јаде). Вашиот профил на Инстаграм изобилува со најразлични модели- видови на цвеќиња и шарени бои кои се убавина и милина за човечкото око.
- Секој цвет што го изработувам има своја уникатна убавина, а формите и боите се главната инспирација за моите декорации. Секако, постојат многу различни видови цвеќиња и невозможно е да ги запамтам сите нивни имиња. Кога изработувам нарачка во која што купувачот побарал специфичен цвет, се потпирам на интернет-ресурси за да ги пронајдам деталите кои ми се потребни за да го создадам што поавтентично. Мојата цел е да ги пресоздадам не само боите и формите на цвеќињата, туку и емоцијата која тие ја носат.
* Да им откриеме на читателите кој стои зад профилот Цветен мафин кои ги има вредните раце кои создаваат магија?
Зад изработката на мафините стојам јас, Стеве Нешкоска, 38 годишна прилепчанка мајка на две преубави ќерки, Мелани и Анастасија. Пред да се посветам целосно на малиот бизнис со цветни мафини, работев во приватна фирма. Меѓутоа, мојата љубов кон слатките задоволства секогаш беше тука. Тие моменти на подготовка на десерти за фамилијарните прослави беа нешто што ме исполнуваше, па така, сето тоа прерасна во моја професија и денес ги создавам цветните мафини. Покрај работата, имам голема љубов кон животните, а особено кон кученцата. Имам милениче по име Каспер, кој секогаш ми го разубавува денот. Уживам и во патувањата – секое ново место ми дава свежа инспирација и енергија. Моето хоби за правење и украсување на десерти е нешто што започна како лична страст, но сега се претвори во мал бизнис, кој ме исполнува и ми дава можност да ги изразам моите креативни идеи преку секој мафин што го изработувам.
Секој мафин што го украсувам е како мало платно на кое ја пренесувам својата креативност
*Дали го работите само ова, или тоа ви е дополнителен приход?
- Во моментов работам исклучиво со цветните мафини. Искрено, немам ни слободно време да се занимавам со нешто дополнително. Изработката на мафините е процес кој бара целосна посветеност, време, трпение и прецизност. Секој мафин е како мал уметнички проект, за да изгледа визуелно совршено, а и да е вкусен, треба да вложам многу време и внимание. Токму затоа, се фокусирам целосно на оваа работа, бидејќи тоа ми дава најголемо задоволство во моментов.
* Кога се слушнавме да договориме за интервју, ми рековте дека вашата сестра го води профилот на инстаграм, а вие ги изработувате мафините. Колку е важна поддршката од најблиските за некој кој сака да отвори свој бизнис, од ваков тип. Како ве поддржаа вашите најблиски, што најмногу ви значеше вам?
- Поддршката од најблиските е клучна за било кој бизнис, а особено за мал бизнис како нашиот. Таа ти дава сигурност и елан да продолжиш да работиш и да се развиваш. За тоа што денес е „Цветен Мафин“, најголем придонес има мојата сестра Христина. Од самиот почетокот веруваше во мене и ме охрабруваше да започнам нешто свое каде што ќе можам да го покажам мојот талент. Таа ме поттикна да ја реализирам идејата за цветни мафини, која во суштина беше заедничка. Христина го води профилот на инстаграм, комуницира со клиентите и се грижи за маркетингот – без неа, „Цветен Мафин“ не би бил ист. Исто така, моите ќерки имаат важна улога во мојата креативност. Од мали, секогаш имаа посебни идеи и желби за тоа како ќе изгледаат нивните роденденски торти, мафини и колачи. Тие ми беа најголемата мотивација да се трудам да ги исполнам нивните замисли, а тоа само го подобруваше моето креативно размислување и вештини.
* Кој е прв дегустатор на зготвените мафини?
- Се разбира, моето семејство и блиските пријатели се првите дегустатори на мафините. Тие секогаш ја даваат искрената реакција и мислење за вкусот и изгледот. Благодарение на нивната поддршка и позитивни коментари, имам дополнителна мотивација да продолжам со создавање на нови и уште подобри мафини.
Наталија Миланова
ГАЛЕРИЈА: