Убавината не е во окото на гледачот, убавината е во нас самите: На муабет со Бранка Соколовска

Добивај вести на Viber

Јавноста прв пат со неа се запозна на шоуто на Драган Вучиќ „Вашите 5 минути“, уште тогаш Бранка сфатила дека музиката е токму она што сака да го работи, односно она со што ќе се занимава во иднината и вели: „Убаво е чувството на бина да запееш и народот да те слуша и поддржува!“. Активно почнала да се занима со музика од нејзини 20 години и како што потенцира ѝ се исполнил сонот да стане пејачка. 

За себе вели дека е забавна, позитивна, решителна и упорна. Завршила средно образование како козметички техничар но како што истакна немала ниту еден ден работено како козметичар, а талентот за шминкање го практикува најчесто на себе. Па затоа и ретко посетувала козметички салони, бидејќи сама се шминкала и средувала за настапи и снимања.

Она кое е интересно за неа е дека нејзината креативност ја покажува и преку израбоката на путер колачиња во секакви форми по порачка за секој вид на прослави. 

Талентот за пеење го наследила од нејзините родители кои не се бават професионално со музика, но и двајцата имале одличен слух за неа. А за Женски магазин Соколовска ги откри и своите ритуали за убавина.

*Каков е Вашиот дневен козметички ритуал? 

- За да го започнам денот и обврските со добра енергија потребени се козметички дневени ритуали кои ме прават да се чувствувам пријатно и убаво. Најпрво го мијам лицето и ставам крема за лице затоа што сакам повеќе да го освежам и му дава свежина пред да нанесам шминка. Исто така практикувам вежби за лицето кои ги правам и може да се каже дека отприлика тоа е мојот козметички дневен ритуал.

*Со какви препарати го негувате лицето? 

- Вода, гел за чистење лице, повремено маска, крема ноќна и дневна. 

*Посетувате ли козметички салони?

- Многу ретко, само доколку се работи за нешто што не можам сама дома или треба препарат за тоа, обично обожувам сама да се шминкам и средувам. А ако веќе морам тогаш го посетувам салонот „Лабелеза Центар".

*Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Користам се‘ од Лореал и топло ги препорачувам на сите. 

*Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка? 

- Обично се прикриваат линиите на лицето што те прават уморна за да не го видат сето тоа другите, а нормално ги истакнуваш цртите што прават да си поубава посебно очите. 

*Кои се Вашите омилени козметички производи? 

- Пудра, ајлајнер и мат кармин.

*Што носите секогаш во Вашиот несесер?

-Се‘ и сешто има внатре  Шминка секогаш, нотес, парфем....и се‘ што мислам дека ќе ми се најде...  

*Омилен парфем? 

- Омилен ми е Армани Си и Шанел, но моментално го користам Daisy од Marc Jacobs, ептен е добар, нежен, а во исто време и освежителен, убав и долготраен. Го добив на подарок и го користам само за посебни прилики бидејќи шишенцето е мало, а јас сум голема штедливка на парфеми.  За пролет, лето парфемов е топ!!

*Како ја одржувате линијата?

- Вежбам кога имам време, но не сум преоптоварена со тоа, а би сакала да сум повеќе посветена на физичката активност, како што бев порано. Внимавам и на исхраната одбегнувам благи работи, не сум по слаткото воопшто. Јадам повеќе овошје и експериментирам со храната, но една најдобра работа кај мене е тоа што никогаш досега не сум држела диета. не ми е ни потребна, а тоа се гледа и по мојата килажа. 

*Како би се опишале себе си? Што е она што Ве движи напред?

-Би се опишала себеси како одговорна, трпелива и трудољубива личност со огромна желба за знаење и напредок. Личност што е борбена, јака, горда и бунтовна тогаш кога треба, а знам да бидам и мирна, повчечена и тивка исто така тогаш кога треба да е така..

Она што пак ме движи секојдневно напред е желбата за успех, желбата за напредок, за креативност, за упешна работа, за среќа во иднината, желбата за иднината ....желбата ме движи напред...

*Дали надворешната убавина е пресудна за оставање на прв впечаток?

-Речиси секогаш прво го забележуваме физичкиот изглед, но само за миг. Можете да зборувате со некој една минута и да ги имате првите импресии, но како што разговорот продолжува ќе ги запознаете неговите карактеристики. Внатрешната убавина всушност ви помага да ја цените надворешната убавина. Убавината не е во окото на гледачот. Убавината е во нас самите. Она што другите го гледаат кога ќе погледнат во нас е проекција на она што ние сакаме тие да го видат. Ја ценам надворешната убавина, кој не сака да гледа убави и негувани луѓе?

Но, не е пресудна за оставање на прв впечаток, ако е без харизма, шарм и без душа, џабе и да изгледа како Џесика Алба. 

*На која дама ѝ се восхитувате и зошто?

-Сите ние секојдневно се среќаваме и се дружиме со многу луѓе, познати и непознати, пријатели, роднини итн. Сите имаат свои ставови, размислувања, навики.

Јас еве лично и се восхитувам на мојата мајка која е секогаш смирена, секогаш своето мислење го кажува на право место и во право време, секогаш е расположена за совет!Исто така и се восхитувам и на една многу успешна жена пред се‘, тоа е Сузана Гавазова, која секогаш изгледа бомбастично, едноставно зрачи и плени со својата природна убавина и со својот моќен глас и стас... 

* Каква треба да е современата жена?

- Современа жена - Или како треба да живееш за да бидеш среќна! Научи се да заработуваш сама. Само така ќе можеш да си ги трошиш кога ќе посакаш и да не зависиш од никого. Не секогаш ќе те разбираат, не сите ќе те подржуваат и ќе ти кажат браво за трудот што ќе го вложиш. Но тоа не треба да биде причина за да се откажеш!Стој подалеку од луѓе кои постојано се споредуваат со тебе, луѓе кои ти завидуваат или те критикуваат. Биди со оние кои навистина ти мислат добро и се радуваат на твојот успех. Било каков избор да направиш, не срами се. Од секоја грешка ќе научиш по една лекција. Луѓето секогаш ќе зборуваат. Затоа однесувај се така како што се чувствуваш, без да се сообразуваш со туѓото мислење.


Наталија Миланова

ГАЛЕРИЈА: