Ана Бунтеска: Кротките луѓе не се за мајтап

Добивај вести на Viber

Кротките луѓе не се улави

И не дека не знаат глас да кренат

Не оти се шутраци со кои можеш да си играш

И зад грб да им се потсмеваш

Тие одбрале

Да, токму така

Одбрале кротки да бидат

И зборот шепот да им биде

Оти никој со никого не се слушнал

Кога двајца врескале

Кога викале колку ги држи сила

До пукање на гласните жици

За да докажат кој е помудар

Кротките луѓе не се за мајтап

Та да си мислиш оти ништо не разбираат

Или оти можеш ѓубре да им сервираш

И дека тие во сметот гозба ќе гледаат

Та уште да си мислиш оти фала ќе ти речат

Не...

Тие знаат кога се навредени

Тие знаат кога се потчинети

Тие знаат кога се згазени

Оти умот им работи и остар им е

И внатре во себе знаат кога се понижени

Само убоста им е во питомиот поглед

И во секогаш подадената рака

Оти одбрале на сета поганштина

Со која светот ги удира безмилосно

Да бидат како памук меки

Како внатрешност од тазе печен леб

Замесен со љубов

Замесен од љубов

Кротките луѓе се дар од Универзумот

Ама кога дивите ги избркаа питомите

Кроткоста стана глупоштина

А злото стана престиж

И така тера тоа со години

Така со децении тера живеачката

Додека еден ден...

Ех...додека еден ден на кротките

Не им дојде преку глава од сѐ

И тогаш нема враќање

Ете тогаш зататнува небото од нивниот вресок

И земјата започнува да се тресе

Небаре земјотрес ровари под земја

И водата почнува да тече наназад

А рибите ќе запливаат спротиводно

Оти кога ќе одекне гласот на кроткиот човек

Тогаш повеќе ништо не е исто

Тогаш застануваат сите часовници

Во исчекување на новото време

Во кое кротките ќе чекорат исправени

Со гордо крената глава

Онака како што им доликува

На силата која во кроткоста ја носат

За Женски Магазин, Ана Бунтеска