Ана Бунтеска: Мажот што го љубам (посветена)
Има мажи заради кои
ќе се подистајш од патот по кој одиш
и ќе ги пуштиш напред
пред тебе да одат
без помалку жена заради тоа да бидиш
Има мажи чиј збор ко планина тежи
и кои залудно зборој не фрлаат
низ ветар не ги растураат
ниту со нив ко пауни се дујат
Има мажи во чија сенка се навалуваш
и се препушташ оти заштитена си
ко дома после долг пат да идиш
кај него
а како кај себе да стасуваш
Има мажи кои од аждер-мачка прават
та наместо оган да блуеш
и правдина да тераш
околу него се вртиш и на сиот глас мјаукаш
и со глата в раце му се пикаш
Има мажи покрај кои мала сакаш да бидиш
толку ситна
за да можиш на гради да им легниш
и во ритамот на нивното срце, твоето да чука
дур не си појќе сигурна чие срце слушаш
Има мажи...ах, простете ми
има маж за кој песни везам
и кој сонот ми го зема
за кој матката ко улава ми вие
и телото ме боли
кој ме тера да мислам колку ми е мака
што помлада не сум за чедо да му родам
Има маж
има маж кој знае како маж да биди
и кој ме застанува кога безглаво некаде одам
чиј збор ме замислува
чиј глас ме растреперува
и кој не дека некојпат не го плашам
или дека не се касаме ко песој на зима
ама кој знај да кажи оти му фалам
и кој мојот инает го скротува без камшик
чие присуство ми треба за да сум своја
без да ми е мака што негова станувам
Има маж
има маж кој ме буди
и кој ме успива со вистината
кој тука е и тогаш кога сама сум
и заради кој во боја сонувам
Има маж...го има
заради кој ѕидови рушам без збор
и како кокона пред огледало висам
има таков маж, има...мажот што го љубам
За Женски Магазин, Ана Бунтеска