Ана Бунтеска: Заедно да бевме, заедно да останевме
Замислуваш ли како ќе беше
Заедно да останевме
Еве под ист покрив да живеевме
Дали ко кучиња еден на друг ќе ‘ржевме
Или за капакот од шољата ќе се кошкавме
Дали заедно ќе заспивавме
Оти мене ноќите за пишување ми се
А ти грчиш ко во сон да те дави некој
Или пак дали во утрата
Очи во исто време ќе отворавме
Оти ти поголем спанко од мене беше
А јас ококорена со првите петли
Дали некогаш замислуваш
Како ќе ни беше
Ако исти ѕидови делевме
Јас терсене
А и ти ништо помалку терсене од мене
Јас тишина што љубам
А ти пак без вести да заспиеш не знаеш
Дали ќе успеевме и покрај разликите
Да се љубиме ко на почетокот дур споулавени бевме
И дали покрај сите сличности
Љубовта не ќе ни здосадеше
Еве не знам
И не велам оти со мене лесно е
На старост табиетлија станувам
И расположенија менувам
Та де се кикотам ко да ме скокоткаат
Де немтур суратот го правам
Де ми се чини оти светов да го превртам наопаку можам
Де од кревет не можам да станам
И сигурно ќе ми одеше на нерви твојата млакост
Како што тебе мојот оган ќе те изгореше
И ќе викав оти си бавен
А ти мене оти брзата кучка слепи кучиња раѓа
Та ќе се надмудрувавме кој во право е
И кој попаметен од другиот е
Ќе фрлавме искри од бес
И онакви од среќа и радост
Замислуваш ли?
Дали можеш да замислиш на што животот би ни личел
Заедно да бевме
Заедно да останевме
Можеби ќе омекневме и двајцата
А можеби и очи ќе си ископавме
Можеби покрај тебе домаќинка ќе се сторев
А ти покрај мене похрабар ќе беше
Не знам
Само знам дека на сета твоја слабост
Те љубев
На сиот бол што го добив
Те љубев
На викотниците еден кон друг
Те љубев
На секое твое заминување
Те љубев
На секое мое бркање
Те љубев
На сите ноќи неспани што од убост што од тага
Те љубев
И тогаш кога себе не се сакав
Те љубев
Ете само толку знам
И не можам ниту да замислам како ќе беше
Ниту какви сега ќе бевме ако издржевме
И повеќе не знам дал нормални ќе останевме
Ако грб еден со друг не си завртевме
Само знам оти човек еднаш вака љуби
Како ти мене
Како јас тебе
Како нас
За Женски магазин, Ана БунтескаФото: Стојан Стојановски