Ана Бунтеска: има дено’и кои треба да се преживеат

Добивај вести на Viber

Има дено’и кои завршуваат уште пред да започнат

Во кои од изгрејсонце па до зајдисонце не се наоѓаш

Та ко’ ќе се свестиш ти фали средата

Или во недела, четвртокот го бараш

И никако не успеваш да се присетиш каде ти кинисал

денот

И зошто без тебе одминал и не се вратил

Има дено’и, пиле

Во кои не ти е ниту лошо ниту арно

К’о да не си тука

К’о душата некаде да ти заминала

А без неа телото не ти памети ништо

К’о да си бил во некој паралелен свет

И озгора гледаш ама ништо не догледуваш

И наслепо ти минуваат саатите

Ете, има такви дено’и

Кога сакаш назад да се завртиш

И часовникот да го застанеш

Насила стрелките да ги вратиш

И сѐ од почеток да почне

К’о да ќе можеш нешто да смениш

Еве на пример со насмевка да станеш

В кревет да се истегнеш толку силно и долго

Небаре телото за некој сантим ќе го издолжиш

И копчето за болка на OFF да го стиснеш

Капата на гла’та да ја накривиш

И да ти биде рамно к’о езеро без брано’и

Има дено’и

Има дено’и ко’ за ништо и за никаде си

Ама од оваа кожа знаеш дека нема каде да одиш

И ќе стиснеш заби за да истуркаш до легнување

Како-така времето да ти помине

Та ќе се потсеќаш оти треба да се смееш

Ќе се потштипнеш к’о мајка ти што ти пра’ела

За на гости бели да не правиш

И со олеснување ко’ ќе си легнеш

Насмевката од усни ќе ја отшрафиш

И ќе ја тргнеш настрана за некој друг, поубав ден

Со олеснување дека еве овој си го преживеал

Има и такви дено’и кога срцето ти пее

Ама пее чиниш пиле од кафез пуштено

И ти ѕуни во ушите од сопствениот пој

Та ти се чини оти светот можеш да го гушнеш

И оти еден живот за љубов малку ќе ти биде

И к’о на дете очите ти се ококорени

К’о пред излог со чоколади донесени од некаде

За кои можеш само да сонуваш

Ама ете ти сепак во устата вкусот им го сеќаваш

Ех пиле

Има дено’и

Има дено’и кои светат во зима

И онакви кои се црни сред лето и сонце кога пече

Дено’и полни горчливи спомени

И онакви во кои душата анестезирана ти е

И уб’о е што сите завршуваат

И како старееш свесен си

Оти и арното и лошото врват

Ама пусто умен да си и да не боледуваш од лошо

И умен да си за да знаеш оти и уб’ото ќе мине

Та мирот некаде на средина да си го најдеш

И да можеш и едните и другите со лекост да ги врвиш

Оти има дено’и во кои умираш

И дено’и во кои одново се раѓаш

Од пепел

Од спомени

Дено’и во кои од црното-бело ќе сториш

И оние тешките

Во кои белината како никогаш да не постоела

Има дено’и кои треба да се преживеат

И дено’и во кои животот ти се смее

Како денес

Како мене денес со тебе


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски