Ана Бунтеска: Година полна љубов

Добивај вести на Viber

(Токму на денот кога полнам 53 сакам да ви подарам песна, оти вие мене ме дарувате со љубов секој ден... благодарна сум за секоја убава мисла, секој збор со кој дури и не знаејќи сте ми помогнале, љубовта со која сте ми дале крилја да се издигнам и тогаш кога сум мислела оти не можам да мрднам од умор, страв или болка. Песната ви ја посветувам за да знаете и да не заборавите дека вашата поддршка и подадена рака ми биле столб и ветар во грб сите овие години. Да сте живи и здрави, ве љубам.

Да живееш љубов

Да мирисаш љубов

Да знаеш да ја препознаеш

Да знаеш да ја сочуваш

Не само да ја муабетиш

И не само да ја величаш

Оти сé што на престол е клаено

Еден ден од престолот се симнува

И да не ја ставаш на небо

Оти и ѕвездите некојпат паѓаат удолу

И не во стаклено звоно да ја сместиш

Со ниет дека така ќе ја заштитиш

Оти и стаклото напукнува и се крши

Ами во себе

Во душата да си ја вгнездиш

Правејќи и’ топло и меко да и’ биде

Сигурна од сите удари

Чувана од сите громови

Да ја живееш

Да ја мирисаш

Да ја вкусиш

И не алчно како да не си видел

Не погано и себично

Ами секојпат полека и кроце

Со почит кон неа

Оти таа ти носи година за година

Секоја исполнета со сенешто

Оти и од арното и од лошото се учи

Некојпат лесно

Некојпат со солзи

Ама секојпат со лекција

Која за навек ќе остане

Та си велам...

Сполај му на Универзумот

Што ете, тука сум

И колку и да сум сама

Знам оти зад себе љубов имам

Што од себе за вас оставено

Што од вас за мене стокмено

И ми се чини оти токму затоа

Не ме боли ниту една година која доаѓа

Туку посилна ме прави

Помудра од вчера

И спокој имам во душава

Та срцево ми пее

Оти знае....знае пустото

Дека сета љубов која ја давам

И сета љубов која ја примам

Ја живеам

Ја мирисам

Ја вкусувам

Заедно со вас, заедно до вас

За Женски Магазин, Ана Бунтеска