Ана Бунтеска: На чоек можиш сè да му земиш

Добивај вести на Viber

Пара да му земиш на чоек

Пак ќе ја заработи

Со пот и мака ќе се запни

И џебот ќе го наполни

Огниште згасни му на чоек

Тој пак куќа ќе закуќи

И трпеза ќе постави

Та од пиле млеко ќе нареди

Чевлите од чоек да ги собуеш

Ќе научи бос да оди

И ќе приклај нешто на стапалата

Колку жива рана да не се стори

Угол гол чоек да оставиш

Некое крпче на себе ќе клај

Од сонце да не изгори

Од мраз студот да не го фати

На чоек можиш се’ да му земиш

И пак на нозе да се дочека

Како мачка со девет животи

Низ животот ќе продолжи

И страден за леб и вода да биди

Полека од ништо-нешто ќе стори

На чоек можиш се’ да му земиш

Арно ама во едно не го чепкај

Не му земај мисла и гордост

За да можи глата угоре да ја држи

И зад себе секојпат да стои

Оти чоек без достоинство за никаде е

И тогаш џабе пара

Џабе сета храна и вино на светов

Џабе и алтани на руба навезени

Та и чевли со срма и злато накитени

Се’ јабана можи да појди

Ако погледот свенат удолу е

И ако од телото само сенката останала

Оти нема чоек кој чоек останал

Кога името му се загубило

И презимето му загинало

Кој роб некому станал

И кој раменици не исправил

Оти еднаш имаш

Еднаш си меѓу тие што немаат

Ама себе ко се има чоек

Тогаш се’ има...дури и она што му фали


За Женски Магазин, Ана Бунтеска