Aна Бунтеска: Паметам сé за тебе
Памтам сé како што беше
Од почеток, од првиот миг
Па сé до крајот, до последниот здив
И за првпат сетив оти умот
Најголем непријател може да ти биде
Штом сите слики нечепнати ги чува
Како забот на времето
Да не ги изгризало спомените по рабовите
Како да е толку пресна болката
Чиниш тазе леб од фурна изваден
Сé памтам
И она што треба
Најмногу тоа што не треба
И си редам низ уста
Ред зборови-тага
Ред зборови-клетва
Иако ниту едното, ниту другото не помага
И си велам колку за љубов не знаеле
Тие кои велат оти времето лечи
И душа излекува како со магија
И си велам колку ништо од тоа точно не е
Кога засекот е до коска
А сечилото внатре останува
И врти тогаш кога ти се чини
Оти малку од малку си поарен
Малку од малку си се насмеал
Или дури некоја шега си кажал
Паметам сé за тебе
Паметам сé за себе до тебе
Иако не сакам
Иако не крепам
Ама пусто има дел во мене
Кој сака на тебе да се навраќа
Оти некогаш и болката ми е знак
Дека сум уште тука, дека дишам
Дека не е внатре изумрено
Дека уште делови од мене живи се
Та некојпат знам оти нема поголем благослов
Од тоа човек да може да заборави
Или барем некои спомени
Како во фиока да ги спастри
И потем уредно и домаќински да ги заклучи
А клучот да го затури
Некаде каде што никојпат
Нема да ум да му падни да бара
За да се сети
За да се потсети
И во тој миг станувам свесна
Оти има нешта кои заборавот не ги допира
Колку и години да минат
Колку и да изврват векови
Оти сé се заборава
Само љубовта не...само таа се памти
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска