Ана Бунтеска: сите го сакаме она што го немаме

Добивај вести на Viber

Човек к’о човек, пуст да остане

Секогаш го сака она што го нема

Та на душата мака си клава

Да го јаде однатре

Да го толчи мислата

Оти туѓото поарно е

Па очите ќе му истечат

Од џарење во дворот на комшијата

Чија трева е позелена

А и поубава кола имал

И куќата поголема му била

Жената поубава

А децата со повеќе петки на училиште

Човек секогаш го сака она што го нема

Таква природата на сите ни е

Та ќе потпулуваме под око

Или ќе зјаеме во туѓото

Замислувајќи како би било

Мажот да ни е к’о оној на онаа

И косата колку поубава ќе беше

Да беше сета извиткана и руса

Та нозете подолги и без целулит

Градите угоре к’о на млада мома

Задникот потркалезен

И кожата мазна

Та чанта к’о на онаа сакам

Види ѝ ги чевлите што убави ѝ се

Пусто

Пусто да остане окото ненаситно кај човека

И душата алчна што е

Што сите го сакаме она што го немаме

И со завист гледаме на туѓото

Без да се завртиме околу себе

Кротко да седнеме мадро и спокојно

И да си кажеме

Фала ти Боже оти жива и здрава сум

Оти најмилите тука, до мене се

Оти умот ме служи

И снагата ме крепи

Оти очиве гледаат

И ушиве слушаат

Фала ти што овој до мене

Раката не ми ја пуштил тешко ко’ било

И децата

Нека растат к’о што треба

Та со петка појќе или помалку, налет

Фала ти Боже за сите саглам луѓе околу

За оние со кои срцата без збор ни се разбираат

Кои на сред ноќ за мене ќе дојдат

Од спиење и по пижами

Бушави во главите и со грижа

Сполај ти за рацеве шо знаат да гушнат

И за усниве шо знаат убав збор да проговорат

За животов шо даден ми е

Со надеж дека и смртта нежна ќе е

И налет

Налет секоја мисла која умот ни го мачи

Да сме побогати

Поубави

Да имаме сѐ што со пари се купува

Ако во нас душа останато нема

И црвот во умот ни делка

Оти секојпат поарно некаде ќе биде

А животот во трка треба човек така да го мине

Туку дај да се напиеме по една

Да се насмееме

Еве една стара наша да запееме

Со три реда муабет, три векови да врземе

За убаво

За арно

За живот и љубов да е


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска