Ана Бунтеска: Луѓе со кои чоек стануваш
Луѓе без корени
Ко шуто стебло кое црвосало
А однадвор накитени
И стокмени ко за бендис
Ама внатре ништо не останало
И во уста да им викниш
Само екот ќе се слушни
Во кој и тишината оглувува
Луѓе ко куќа без темели
Само цигли приклаени
И бојосани за опул да им фрлиш
Та и пенџери со богати завеси накитени
А зад нив
Зад нив само празни ѕидови
Мемла и тажни спомени
На ветар и дожд во кал удавени
Луѓе без мисла
Во лицата измазнети
Та мажите тазе избричени
А жените со усни нацрвени
И стакленца во боја кај очите што им се
Та на радост и на тага исто светат
Насмевки на штрафчиња
По потреба затегнати
И забала безживотни покажани
Луѓе без себе останати
Во глума некој друг да бидат
И туѓ живот да изврват
Чунки тој пат полесен е
Та ниту камчиња
Ниту брзи реки има
И чекорат без да застанат
Ниту наназад да се завртат
Оти трага никаква не оставиле
За да имаат каде да се вратат
Луѓе духови
На кои ликовите не им паметиш
И кои дошле а веќе заминати одамна се
Ниту свои биле
Ниту некојпат твои ќе бидат
Оти корен не пуштиле
Оти темел не поставиле
Луѓе
Луѓе за луѓе создадени
Чиниш азно си нашол
Со ѕвезди на челата
И кроток поглед
Од чиј збор дрво зеленее
И под сенката легнуваш да одмориш
А душата ко постела мека им е
За да сониш сон полн милувања
Луѓе кои сиот живот ги бараме
И со кои животот песна е
Та ти се чини оти рајот портите ти ги отворил
Таквите луѓе покрај кои и себе се љубиш
Оти во љубовта кон нив и себе се гледаш
Луѓе со корени
Луѓе со темели
Луѓе со кои чоек стануваш
За Женски Магазин, Ана Бунтеска