Ана Бунтеска: Замисли да можеш

Добивај вести на Viber

Замисли да можеш да си го напипаш срцето,

сите рецки на него под прстите да ги почувствуваш,

од оние кои ги оставиле што низ животот ти минале,

како траги од автомобилски гуми на жежок асфалт.

А потем,  да раскажеш приказна за секоја лузна,

да ти се вратат мирисите во ноздрвите,

болката дур ти се врежувала во срцето повторно да ја сетиш,

како еве, баш токму сега и овде да се случува.

Замисли да можеш да го вратиш времето назад,

како со далечински управувач да стиснеш на “стоп”,

да се видиш себе како се грчиш од ударот кој следи,

да се спремиш, ако веќе не можеш ништо да смениш.

А потем, да пуштиш на забрзано да тече снимката,

а во душата ништо да немаш, ниту бол, ниту страв,

иако внатре крвариш и раната е длабока,

а ти само се насмевнуваш, оти се’ во тебе е веќе затапено.

Замисли да можеш нежно да си го извадиш срцето од градите,

да го измиеш внимателно, да го погалиш, да го смириш,

како на мало дете да му испееш една приспивна

додека го успиваш да здивне, да одмори малку.

А потем полека, за да не се разбуди, да го вратиш назад,

да се успокоиш со неговото тивко чукање,

па да заспиеш и ти, без соништа и кошмари да отспиеш,

дур не замре, дур не престане да чука...без да сетиш, без да знаеш.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска