„Реики методата е корисна алатка во процесот на заздравување на секоја душевна болка“: Интервју со Анета Митовска, реики учител

Добивај вести на Viber

Техниката Реики ја користи универзалната, сеприсутна, истоимената животна енергија (реи-ки) која со своите лековити ефекти промовира побрзо закрепнување од болеста, го отстранува стресот и напнатоста, длабоко релаксира и го враќа менталниот и емоционалниот мир и хармонија на примачот.

Ова е исклучиво техника која се учи на курсевите за Реики и која, кога се практикува во моменти на потреба, носи резултати во согласност со нашето движење за истото прашање. Реики не е техника која ќе направи нешто за нас, туку со нас.

Ова не е волшебно стапче, туку техника која се практикува за да го постигнеме она што го сакаме преку Реики третмани и Реики терапија.

Реики терапијата е пријатно и ненаметливо искуство кое брзо носи мир и релаксација. Учењето и практикувањето нема да бара промени во вашиот животен стил или вашите верувања, се додека самиот начин на живот не е штетен за вашето здравје.

Реики е наједноставниот и веројатно најстариот природен метод на лекување што ни е познат. Традиционално се изведува со спојување на дланките и во себе носи древно човечко искуство и знаење за текот на животната енергија. 

Токму денес на тема Реики зборуваме со Анета Николовска Митовска основач на Здружение Реики Македонија – интернационален Реики Мастер учител, предавач на Усуи Реики обуките и напредни вештини, стекнати преку Гранд Мастер Учител Маргарита Миленковиќ.

ЖМ: Анета, на самиот старт, за неупатените, објаснете ни што е всушност реики? Што подразбира оваа метода?

-Реики е една од најстарите методи за самопомош и помош на други, секој човек може да оди кај реики терапевт, но уште поинтересно е тоа што може да се обучи и да биде сам свој терапевт и да си даде сам на себе терапија каква и кога му е потребна, и поради таа причина таа е една од по популарните методи во светот за самопомош затоа што е многу едноставна за учење и примена. Реики всушност е начин на користење на Животна енергија, таа Животна енергија е исцелувачка сила која го менува нашето психофизичко здравје и го подобрува нашиот квалитет на живот.

Реики од Јапонски се преведува како Rei, може да се преведе и како Универзална, Животна, Божествена, и како Природна, а  Кi тоа е енергија.

ЖМ: Што е реики третман?

- Реики третманот е вештина, природна и едноставна за нас луѓето (која секое човечко битие ја користи несвесно во случај на некоја болка во телото) преку која се доаѓа до усогласување на вибрациите на човекот со вибрациите на Животната енергија со цел да се овозможи слободен проток низ организмот, со цел исцелување. 


ЖМ: Како изгледа еден реики третман и колку трае?

- Реики третманот се изведува со помош на рацете, при што дланките се положуваат на одредени делови од телото (позиции), може да трае од 30 минути до час време, тоа е индивидуално.

ЖМ: Како и поради што Вие почнавте да се занимавате со оваа јапонска метода на лекување?

-Започнав доста млада, мојата мајка ме зема со неа на првиот степен Реики во Белград, да ѝ правам друштво, иако воопшто не бев запознаена и упатена што е, за кој, и за што помага Реики… но верувам дека имала причина зошто ме понела со неа, и затоа сега можам и јас да потврдам дека само мајката може да знае најдобро што му е потребно на своето дете (се смее). 

Кога дознав што е Реики, едноставно само почнав да применувам, и со редовна примена, дисциплина, желба, животот почна да ми се менува, почнав да се менувам и јас, можам да кажам како да живеам сосема друг живот, работејќи на себе со радост очекував да стигнам едно повисоко ново ниво, ново искуство, ново откритие, се обучував за многу други Реики стилови, често патувавме заедно со мојата мајка (секако и сѐ уште се дообучувам) , и мојот личен раст и развој само го надоградувам. Моите почетоците на користење на оваа метода се уште пред 13 години, а официјално предавам за оваа метода веќе 8 години, во Здружението Реики Македонија. 

ЖМ: „Кои се ефектите од редовното практикување на Реики методот“?

-Ефекти од редовно практикување на Реики методата се повеќе:

-Јакнење на имунитетот

-Зголемување на виталноста на организмот

-Подмладување

-Продолжување на животниот век

-Забрзување на процесот на оздравување и опорувавување кога се користи напоредно со методи од современата медицина

-Ослободување од стрес

-Брзо смирување и потполна релаксација

-Ослободување од несоница

-Спречување на појава и развој на депресија

-Рамнотежа меѓу телото и духот

-Хармонизација на емоционалната состојба

-Балансирање на лева и десна страна на мозокот

-Зголемување на нивото на концентрација и помнење

-Силно поттикнување за самоостварување, развој на постоечки и откривање на нови таленти

-Развој на особини како што се: сочувство, љубов кон себе, себеприфаќање, љубов кон животот, подлабоко разбирање кон себе и другите, љубов кон околината и сите живи битиа и др..

Како и други ефекти:

-Создавање околку себе пријатно и позитивно биополе, зголемување на харизмата и привлечноста

-Заштита на човековото биополе од влијанието на надворешната негативна енергија

-Создавање атмосвера, која овозможува опуштена и пријатна комуникација, независно од околината

-Привлекување на позитивни прилики и успех на бизнис и приватен план

-Постигнување на позитивни цели


ЖМ: Често одржувате и онлајн работилници. Како функционираат тие и која е вашата цел со нив?

- Онлајн работилниците се одличен начин да се споделат техниките на духовно исцелување и енергенско балансирање со поширока публика, а истовремено да се создаде простор за длабока лична трансформација. Кога се организираат онлајн работилници, целта е да се создаде безбедна и поддржувачка средина каде што учесниците можат да научат нови техники, да се поврзат со себе и со другите, и да добијат поддршка на нивниот пат кон исцелување.

Работилниците најчесто се одржуваат преку платформата Zoom.

Поделени се на повеќе сесии (често од 1 до 2 часа, или неколку денови ), каде што се изведуваат различни практики и вежби. 

Сесиите вклучуваат:

-Теоретски основи за темата на работилницата

-Водени медитации кои помагаат за длабока релаксација, чистење на емоционални блокади, и поврзување со внатрешната сила.

-Практикувањето на Реики, како и други техники за работа со енергијата, кои можат да бидат пренесени или примени преку виртуелен простор.

-Целта на овие онлајн работилници е луѓето да ја откријат внатрешната моќ да си ја заздрават душата и да се почувствуваат поопуштено, помирно и посреќно. Водени од енергетски практики како Реики, тие имаат можност да го ослободат стресот, да научат како да се грижат за себе и да се поврзат со својата внатрешна сила.

Преку медитација, длабока релаксација, и енергетско исцелување, учесниците се ослободуваат од блокади кои ги спречуваат да живеат во целосен мир.

Работилниците не се само за теоретско учење, туку и за практично применување на наученото. Учесниците добиваат алатки и методи кои можат да ги применат во секојдневниот живот за да се справат со стрес, да ја зголемат нивното благосостојба и да ги подобрат своите релации и ментално здравје.

ЖМ: Со оглед на тоа што живееме во 21 век и дека, следствено, во секојдневната трка со времето и проблемите, повеќето луѓе целосно ја занемаруваат духовната страна на животот, колку клиенти или како да кажеме посетувачи, имате кои доаѓаат кај вас да си ја лечат душата?

- Точно е дека во денешниот забрзан свет многу луѓе се фокусирани само на тековните обврски, кариерата, што често резултира со занемарување на духовната страна и потребата за емоционално и ментално исцелување. Душевната болка, стресот, анксиозноста и депресијата се сè поизразени, но истовремено, има и растечка свест за важноста на духовното здравје.

Има доста клиенти кои завршиле само прв степен Реики и само тоа практикуваат, но има и клиенти кои постојано доаѓаат да се доградуваат, со желба за подлабок диховен – енергетски раст и развој. Но, можам кажам дека сѐ повеќе и повеќе луѓе се свесни за важноста на менталното и емоционалното здравје, што ги поттикнува да се обратат за помош не само во традиционалната медицина, туку и во духовни и алтернативни пракси како Реики, медитација, јога, и други техники за самопомош. Во светот, Реики е сè попопуларен во последниве години, како сигурен и безбеден начин за намалување на стресот и враќање на внатрешниот баланс. 

ЖМ: Знаеме како е кога чувствуваме физичка болка, па некои се лекуваат дома, други одат на лекар... Но, како да ја препознаеме душевната болка?

- Душевната болка обично можеме лесно да ја препознаеме, а тоа е падот на волјата за живот, каде што почнува да се губи енергијата на љубов кон себе. Таа болка е длабока и предизвикана од разни дејствија во текот на животот. Вклучени се многу фактори за таа болка на човечкото битие, но секојдневниот стрес на кој сме изложени може да е една од причините, тука спаѓаат и сите деструктивни влијанија, емоции предизвикани од тој стрес, секое незадоволство, неблагодарност,  лутина, бес, кавги, осудувања, навреди, се одразуваат на физичко ниво како физички симптоми како што се хронична болка (на пример, главоболки или болки во стомакот), замор, нарушувања во спиењето, губење на апетит или прекумерен апетит. 

Секогаш се нагласува доколку чувствуваме какви било симптоми на нарушена здравствена состојба, неопходно е да се консултирате со лекар, тоа не треба да се избегнува.

Но, преку духовно-енергетскиот систем, сите дадени техники и методи овозможуваат да се помогне за подобрување на психофизичката состојба и, доколку е потребно, се применуваат заедно со методите на современата медицина. Како Реики терапевт секако можеме да си овозможиме помош преку Реики третман и во домашни услови, за ублажување или исцелување на физичката болка, особено кога се работи за акутна болка. 

Душевната болка не е нешто што исчезнува веднаш, но Реики методата е корисна алатка во процесот на заздравување. Ако сте отворени за промена и редовно практикувате, тоа може да ви донесе чувство на подобро разбирање на себе и побрзо физичко и емоционално исцелување.


ЖМ: Дали нашата енергија се троши со текот на времето?

- Да, нашата енергија може да се троши со текот на времето, но тоа не е само физичка енергија — туку и енергија на емоционално, ментално и духовно ниво. Ова е важен аспект на нашата благосостојба, бидејќи енергијата не е само она што го чувствуваме физички (како на пример заморот од работа или физички напор), туку и она што се случува на подлабоки нивоа: нашиот емоционален капацитет, ментална јасност, и духовна хармонија.

ЖМ: Како да собереме позитивна енергија и да се ослободиме од негативната енергија?

- Собирањето на позитивна енергија и ослободувањето од негативната енергија е процес кој бара свесност, дисциплина и конкретни техники. Во денешниот брз свет, многу луѓе се соочуваат со чувство на исцрпеност и блокирање, но со некои едноставни, но моќни практики, можеме да ја промениме нашата енергетска состојба и да се чувствуваме поздраво и попозитивно.

ЖМ: Може ли секој да биде реики терапевт? 

-Реики вештините се буквално за сите, таа е толку лесна и едноставна при што можат и  деца да ги користат тие вештини, нема одредена возраст. Денес милиони луѓе на планетата од различна возраст, националност, религиски убедувања, професии и образование користат Реики за унапредување на здравјето и подобрување на квалитетот на својот живот.

Реики вештини користат голем број на деловни луѓе и политичари за ослободување од стрес и релаксација, како и за постигнување на поставени цели и подигнување на нивото на креативност.

Реики методата нема штетно дејство, ниту може да биде искористена со негативна цел. Компатибилна е со сите постоечки вештини и методи на лечење, како и со техники за духовен раст, освен тоа и подобрување на нивните перформанси.

ЖМ: Дали е вистина дека третманот со Реики го зајакнува нашиот имунолошки систем?

Да, третманот со Реики може да има позитивен ефект на имунолошкиот систем и да помогне во зајакнувањето на природната способност на телото да се одбрани од болести. Тоа го имаат потврдено многу Реики терапевти, а исто така од свое лично искуство тоа можам да го потврдам и јас. 

Особено важно е да се знае, кога човек се чувствува позитивно, сигурно и мирно, неговиот имунолошки систем е побалансиран и поефикасен. Реики има силен ефект на емоционалната состојба, што може да го подобри општото здравје и да ја зголеми отпорноста на организмот.

ЖМ: Какви обуки вие правите (групни, или индивидувални) и во што е разликата?

- Се формира група, но секако и индивидуално кога е потребно. Нема разлика како ќе се одвиваат семинарите.

ЖМ: Каков вид на реики обуки се спроведуваат кај вас?

Покрај Традиционалната Усуи Реики обука до 4ти степен, има и други напредни обуки,  односно стилови како што се Кундалини Реики, Луна Реики, Ангелско Реики, Сребрен лекар, Сафирен кардинал, Краниосакрална терапија, Хроника акаши-книга на животот, Светлосна козметологија, Родова карма, Енергија за пари и изобилство, и други понови системи. Подетално за секоја обука можете да прочитате на официјалната web страна https://reiki.mk

ЖМ: Пред еден месец излезе и вашата Реики книга. Кажете ни нешто за неа?


-Книгата е всушност вовед и работна книга за учење и примена за подобрување на квалитетот на животот и потикнување за свој личен раст и развој. Тоа се најпрактичните и најкорисните идеи и техники што ги научив за сето ово време додека го истражувам Реики.

Преку книгата сакав да споделам толку многу прекрасни Боженствени работи кои ги научив и кои ги применувам во моето секојдневие, и кои неизмерно го продлабочија и проширија моето искуство и уживањето во мојот живот. Со сето она што го приложувам во книгата сакам да допрам до секој и да прикажам колку малку е потребно за да направиме нешто големо за себе и за сите околу себе. 

Целта на книгата е да му се даде на читателот сеопфатен водич за учењето и сите дисциплини поврзани со првиот, вториот и третиот степен на Реики. Информациите се концизни, така што читателот може брзо и лесно да ги разбере. 


Ирена Ставрова