„Џабе се пари, богатство, успех ако немаш со кого да ги споделиш“: Ексклузивно интервју со Сергеј Ќетковиќ
Mузика и пријатели, ова е првата асоцијација за Македонија ако го прашате црногорскиот пејач, Сергеј Ќетковиќ кој идниот месец после 15 години два пати ќе се поклони и ќе ги отпее неговите најголеми хитови пред скопската публика.
На 21-ви и 23-ти март, Ќетковиќ овој пат наместо во Универзалната сала со концерт во Македонската филхармонија.
- Многу патам за таа Универзална сала, тоа беа најубавите концерти кои ги направив во Македонија. Имаше и многу други концерти во меѓувреме, но еве на моја голема радост, многу мои колеги правеа концерти во Филхармонијата, сметам дека тоа е еден од најубавите простори на Балканот. Ќе ми биде чест што ќе имам можност да се поклонам два пати пред македонската публика.
Пред 15 години во 2011 година на концертот во Скопје, Сергеј го прослави неговиот роденден, оваа година слави 26 години музичка кариера.
- Што се однесува до концертот, самата временска дистанца од 2011 година до сега 2025, скоро 15 години си го направила своето. Така што концертите сигурно ќе бидат поразлични, јас сум секако поинаков, се случија многу убави песни, па репертоарот ќе биде и побогат. Она што ќе го имаме на репертоар е сигурно тоа што луѓето од Македонија многу го сакаат, тоа ќе бидат некои убави песни.
Пријателите како асоцијација за Македонија, а ги има многу тука. Но само една личност ја одвои како најдрага со која соработува.
- Со сите стојам добро од македонската естрада, се слушам и гледам на некои манифестации. Но од сите би одвоил само еден човек со кој сум пријател толку долго време и со кој соработувам работно, тоа е мојот добар пријател Дј Панчо – Шорти Пи. Додека работиме на некои синглови, си праќаме демо снимки или песни кои ги спремаме за албум, сакаме да слушнеме коментари еден од друг и морам да кажам дека досега не сме погрешиле.
Важи за славна личност која не е скандалозна, има стабилен брак со сопругата Кристина, со која ги имаат двете ќерки, Лола и Миа. Сите овие години славата не го промени. Успеа да остане скромен, љубезен и умерено да биде присутен во медиумите.
- Јас сум од оние кои не се толку амбициозни во смисла „сега и по секоја цена“, затоа што ова денешно време е сведено на тоа „зграби сега, којзнае дали ќе го има утре“. Јас сум од стариот ков, па не се огледувам многу на новите трендови и социјални мрежи и трендови кои нас не учат на некои сосема други работи. Јас сум „стара школа“, се занимавам со мојата работа и секогаш музиката е пред мене, го следам патот на музиката и еве досега се покажало дека сум на вистинскиот пат и тоа трае 26 години.
Бидејќи е старата школа, многу тешко ги прифаќа модерните трендови како што се социјалните мрежи кон кои има отпор.
- Имам страшен отпор кон социјалните мрежи, од сето тоа имам само Фејсбук и Инстаграм кој исклучиво го користам само за промовирање на мојата работа, нова музика, најави за концерти. Не сум оптоварен со тоа и не си дозволувам себе си голем дел од денот да ми го одземе која било социјална мрежа. Не сакам да споделувам некои глупости каде луѓето имаат прилика да ги видат и слушнат. Кога има некоја добра „фора“ сакам да ја споделам со моите фанови или кога е некоја објава од приватната колекција, поврзана за семејството со цел да го промовирам и пропагирам најважното нешто на овој свет. Но не сум преоптоварен со социјалните мрежи, имам голем отпор и гледам своите деца да ги сочувам колку можам од тоа, иако тоа во денешно време е невозможно. Но сметам дека ја изгубивме мерката кога станува збор за многу работи и дека треба полека да се враќаме на себе, како што вели еден мој пријател „да се враќаме себе си, додека сè уште имаме кај кого“.
Освен во музиката каде одлично му оди, Ќетковиќ уште како средношколец имал голема желба да се занимава со седмата уметност. Наместо пред камерите, тој сакал да се проба како човек од филмската екипа.
- Мојата желба и пасија уште од средно школо беше да се занимавам со филм, сакав да се запишам на режија. Барам време и средства и се надевам дека некогаш ќе имам таква можност, затоа што кога човек кога нешто силно посакува тоа може да се оствари. Посакувам еден ден да бидам зад камерите и да бидам режисер на некој свој игран филм, а тоа сигурно ќе се случи во следниот период.
Умереноста е една од најважните доблести на човекот. Токму оваа карактеристика пред сè го направила човек, а потоа позната личност која скала по скала градела реноме од 26 години музичка кариера.
- Во се треба да сè биде умерен. Без оглед на мојата популарност и сè она што го работам и што го живеам сите овие години, некако не си дозволив самиот на себе, мојата популарност да ме удри во глава, туку гледав што поцврсто да ги држам нозете на земја и да го ценам и почитувам она што ми е дадено, што го имам и да го чувам своето семејство. Сите се свртуваме кон тие ако смеам така да ги наречам „благодати“ на денешницата, социјалните мрежи, медиуми, каде се е инстант, и во весници и на телевизија за милисекунди, достапен на сите. Често ме покануваат во разни емисии да зборувам, но ако немам повод да зборувам, за својата музика или за вистински работи, зошто?
Можеби и тоа ме има сочувано сите овие години, за да денес сум таков каков што сум.
Не би бил таму каде што е сега, ако ја немал поддршката од семејството и секој подем или пад да го сподели со нив. Семејството секогаш го става прво место, а потоа сè друго.
- Џабе се, пари, богатство, успех ако немаш со кого да го споделиш. Ако го немаш семејството на прво место, своите пријатели, тогаш не гледам вредност во тоа, вредност е да имаш со кого да делиш, зборуваш, да се смееш, да плачеш, да имаш со кого да делиш, добро и зло. Семејството го имам на прво место како најголема поддршка на повеќето концерти кои се важни во мојот живот, тие се тука секогаш во прв ред. Така се надевам ќе биде и тука во Скопје. Но сè зависи дали моите ќерки ќе бидат слободни тие денови, за да бидат дел од концертите на тато, бидејќи училиштето стартуваше, но некој сигурно ќе има.
За ќерките обично се вели дека повеќе се приврзани за татковците, таков е и случајот со Сергеј. Неговите ќерки Лола и Миа признава тој се татини ќерки.
- Да, татини ќерки се. Што би се рекло во Црна Гора „татини синови“.
Концертите на црногорската ѕвезда Сергеј Ќетковиќ на 21-ви и 23-ти март, во Македонската филхармонија се во организација на „Eventum“.
Габриела Додевска Глигоровска