„Не се сеќавав на моментот кога бев фрлена на асфалтот, ама неправдата гореше посилно од секоја физичка болка“: Анастасија со исповед за Женски магазин
-И јас бев прегазена на тротоар кога имав само 10 години. Возачот беше под дејство на алкохол, но истиот не понесе одговорност бидејќи судијката му била братучетка и целиот записник беше изменет за на крај да испадне дека јас невнимателно сум ја преминувала улицата.
Ова се зборовите на Анастасија Ангелковиќ, која денес има 34 години и со грутка во грлото, охрабрена од споделените приказни и последното убиство на Фросина Кулакова, за Женски магазин, си ја отвори душата и ни раскажа низ што поминала.
Завршила во болница, а во првите мигови ништо не ѝ било јасно. Добила потрес на мозокот, амнезија, напукната карлица и 3 месеци била во лежачка положба.
„Во тишината на болничката соба, бипкање на апаратите беше единственото што го слушав. Кога ги отворив очите, првата слика што ја здогледав беа две силуети над мене – мајка ми и баба ми. Лицата им беа влажни од солзи, а нивните раце нежно ги галеа моите, како да сакаа да ме задржат во реалноста, да ме уверат дека сум тука, дека сè ќе биде во ред. Но, во тие први мигови, ништо не ми беше јасно.
Што се случи?“ прашав со глас што едвај ми излегуваше од устата. Тие се погледнаа меѓу себе, како да не знаеја од каде да почнат. Мајка ми ја стегна мојата рака посилно, додека баба ми тивко ја избриша последната солза што ѝ се стркала низ образот“, ни кажа на почетокот од нашиот разговор девојката која подоцна вистината ја дочекала како студен бран.
-Очевидците зборуваа – некој возач ме собрал од тротоарот. Полицијата стигнала брзо, а тестот покажал висок процент на алкохол во неговата крв. Нешто што во нормален свет би значело јасна вина, праведен исход. Но, не и овде. Не и во овој систем- вели Анастасија продолжувајќи да се сеќава на немилиот настан, додавајќи декафактите биле извитоперени, заменети со лаги кои им одговарале на некои повлијателни луѓе.
„Со тек на време, приказната што ја слушав почна да се менува. Записникот одеднаш гласеше дека јас сум била таа што невнимателно ја преминала улицата, дека немало никаков алкохол кај возачот, дека, наводно, сум излетала пред автомобилот без предупредување. Иако живеев на спротивната страна, иако немаше никаква причина да бидам таму, на другата страна, фактите беа извитоперени, заменети со лаги што одговараа на некои повлијателни луѓе.
А што е со судијката? Сведоците?
„Судијката? Таа не беше неутрален арбитер на правдата, туку братучетка на виновникот. Сведоците? Тие, едноставно, не се појавија. Исчезнаа како да никогаш не постоеле.“ – вели Анастасија.
А, ти? Што се случи со тебе?
-Јас? Јас останав со празнина во сеќавањата, со чувство на неправда што гореше посилно од секоја физичка болка. Не се сеќавав на ударот, на падот, на моментот кога моето детско тело било фрлено на асфалтот. Но, се сеќавав на нив – на расплаканите лица на моите најмили, на нивната немоќ пред светот што не сакаше да нѐ слушне – преплавена од емоции ни кажа.
Од целата оваа приказна , нашата соговорничка вели дека научила нешто што ниту едно дете не треба да го научи толку рано а тоа е дека вистината не е секогаш доволна.
-Но, и покрај сè, одлучив дека нема да дозволам да ја заборавам. Затоа што ако нешто го паметиш, тоа никогаш не може целосно да биде избришано-ни кажа за крај оваа храбрата девојка.
Ирена Ставрова